Петровска до Мисајловски: Ја наследивте американската помош, кажете зошто сега губиме дел од неа

by irena 18:40
18:40

„Мисајловски излезе од периметарот на САД“, порача пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, реагирајќи на информациите дека Вашингтон ќе пренасочи дел од воената помош што била наменета за Македонија.

Петровска оцени дека станува збор за сериозна вест и потсети дека во периодот кога таа раководела со Министерството за одбрана, со американските партнери се работело на зајакнување на меѓусебната доверба, обезбедување воена помош и создавање услови за забрзана модернизација на Армијата.

Таа посочува дека одлуката за пренасочување на средствата е поврзана и со пошироките надворешнополитички приоритети на Вашингтон, но смета дека актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски не смее да остане само набљудувач на процесот.

„Неговата работа е да се бори за интересите на Македонија и да ја зачува поддршката од нашите стратешки партнери“, наведува Петровска.

Поранешната министерка бара Мисајловски јавно да соопшти колкав износ од претходно планираната американска помош ќе биде пренасочен, кога Министерството било информирано за одлуката и што било преземено за да се спречи или барем да се намали кратењето.

Петровска бара одговор и на прашањето кои проекти за опремување и модернизација на Армијата би можеле да бидат погодени, како и зошто македонската јавност за пренасочувањето на средствата првично дознала од странски медиуми.

„Мисајловски ја наследи американската помош. На јавноста ѝ должи одговор зошто денес губиме дел од неа“, порача Петровска.

Според објавените информации, Стејт департментот го известил американскиот Конгрес дека 52 милиони долари, првично предвидени за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак, ќе бидат пренасочени кон земји од Латинска Америка.

Слични вести