Во БиХ запленет над еден тон синтетичка дрога вредна 33 милиони евра

by irena 17:11
17:11

Властите во Бoсна и Херцеговина во близина на Сараево запленија рекордни 1,1 тони синтетички дроги кои се користат како замена за кокаин и екстази, а чијашто улична вредност се проценува на до 33 милиони евра.

Станува збор за најголемата заплена на синтетички наркотици во Босна и Херцеговина, при што е уапсено едно лице.

Дрогата е пронајдена во текот на дводневна операција во општината Илијаш во Сараевската жупанија, а сместена во пластични буриња.

Во соопштението се наведува дека е запленет синтетички катинон, исклучително опасен стимуланс кој се користи како замена за кокаин и екстази.

Според Граничната полиција на БиХ, уличната цена на ваквите синтетички стимуланси се движи меѓу 20 и 30 евра по грам, што значи дека 1,1 тони дрога би вредела помеѓу 25 и 33 милиони евра на улица.

Полицијата, исто така, привремено заплени и други докази за време на операцијата, вклучувајќи специјални заштитни маски со филтри и системи за снабдување со воздух што се користат во хемиска синтеза и производство на нелегални супстанции, огнено оружје, мобилни телефони, марки и деловни документи.

Претресите на неколку локации продолжуваат во текот на денот.

Слични вести