Загадувањето на водоводниот систем во Гостивар е сериозен инцидент што директно го загрозил здравјето на илјадници граѓани, а Владата очекува брза, темелна и транспарентна истрага, како и одговорност за сите инволвирани, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, Хоџа појасни дека проектот за филтер-станицата на изворот Вруток започнал во 2011 година, а бил завршен во 2014 година. По неговото завршување, објектот со записник за примопредавање бил предаден на управување на ЈП „Комуналец“ – Гостивар.
Министерот потсети дека, согласно законските надлежности, снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, како и собирањето и третманот на отпадните води се обврска на општините и јавните комунални претпријатија.
„Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитени зони околу водните извори“, изјави Хоџа.
Тој посочи дека државата во моментов го реализира најголемиот инвестициски циклус во водоснабдувањето, канализационите системи, пречистителните станици и проектите за заштита на животната средина.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме општините со инвестиции, стручна помош и политики кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните“, рече министерот.
Сепак, нагласи дека инвестициите не се доволни доколку институциите не ги извршуваат своите законски обврски.
„Секој носител на јавна функција и секоја институција, и на централно и на локално ниво, мора професионално и законски да ги извршува своите надлежности. Само така можеме да изградиме систем во кој вакви инциденти нема да се повторуваат. Нашата обврска е да ја заштитиме животната средина, но пред сè здравјето на граѓаните“, порача Хоџа.