Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека вчера во 21:25 часот во село Богородица, гевгелиско, полицајци од локалната станица го уапсиле И.Д.(43) од Гевгелија.
Претходно, околу 21 часот, полицијата на граничниот премин „Богородица“ му дала знак да го запре возилото „алфа ромео“ со валандовски регистарски ознаки кој го управувал, но тој не застанал, веднаш потоа изгубил контрола и со колата удрил во споменик во центарот на селото.
„Притоа, тој се здобил со повреди и му била укажана лекарска помош од екипа на итна медицинска помош Гевгелија. Додека, по преземени мерки е констатирано дека го управувал возилото со 2,35 промили алкохол во крвта и дека регистарските таблички припаѓале на друго возило“, соопшти МВР.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.