Седум департмани во Франција се под портокалово предупредување поради екстремни горештини. Температурите во некои делови од земјата би можеле да достигнат 40 степени.
Седум департмани во Франција се под портокалово предупредување поради топлотен бран, откако од пладне и департманот Алп-Маритим (Alpes-Maritimes) беше вклучен во категоријата за највисоко ниво на предупредување за екстремни горештини, соопшти денеска метеоролошката служба „Метео-Франс“ (Meteo-France).
Алп-Маритим им се придружи на департманите Буш-ди-Рон (Bouches-du-Rhône), Јужна Корзика, Горна Корзика, Гар (Gard), Еро (Hérault) и Вар (Var), кои веќе беа под портокалово предупредување, објави весникот „Фигаро“.
Департманите Источни Пиринеи, Од (Aude), Ардеш (Ardeche), Дром (Drôme), Воклиз (Vaucluse) и Алп-де-От-Прованс (Alpes Haute-Provence) се под жолто предупредување поради високите температури.
Според „Метео-Франс“, причина за топлотниот бран е „маса од многу топол воздух“ што со денови влијае врз земјата, а сега се движи кон југоисток под влијание на бурно време и пристигнување на постуден воздух. Метеоролошката служба наведе дека, иако најинтензивната топлина се движи кон Средоземјето, долж средоземниот брег сè уште се очекуваат високи ноќни температури меѓу 22 и 26 Целзиусови степени.
Попладневните температури ќе бидат слични на оние од петокот, а во внатрешноста на департманот Вар и во областа на Приморските Алпи би можеле да достигнат од 39 до 40 Целзиусови степени.
„Метео-Франс“ предупредува дека интензивните горештини ќе продолжат и во наредните денови, но се очекува топлотниот бран постепено да слабее.