Скопје утрово се разбуди под снежна покривка, која донесе вистинска зимска атмосфера во главниот град, но и сериозни проблеми во секојдневното функционирање. Снежните врнежи предизвикаа неред и метеж во сообраќајот, со бројни застои и блокади на повеќе градски улици и булевари.
Врнежите од снег, кои започнаа во текот на ноќта, ги покрија улиците, парковите и покривите на објектите, а температурите се движат околу нулата, што дополнително ја отежнува состојбата поради појавата на голомразица. Граѓаните се соочуваат со доцнења во јавниот превоз, додека дел од возачите се пожалија дека одредени точки во градот биле блокирани.
И покрај тоа што на дел од сообраќајниците снегот подоцна во текот на утрото сам се стопи поради сообраќајната фреквенција и температурите околу нулата, метежот и проблемите во сообраќајот на одредени улици сè уште трае.
С.Т



