Од државните институции и болниците до железничката инфраструктура и енергетските објекти, јавните установи плаќаат приватни агенции за обезбедување. Една фирма добива договори од низа институции, а ревизорите утврдиле елементи на фаворизирање во тендер за обезбедување на државните објекти.
Пишувал: Орце КОСТОВ
Државата често плаќа за приватно обезбедување и заштита на своите институции, објекти или настани за кои има потреба од дополнителна физичка заштита или посебен видеонадзор во случаи кога тоа не може или не е предвидено да го обезбедуваат припадници на Министерството за внатрешни работи.
Потреба од заштита имаат државни објекти, како што се министерства, судови, државни агенции, болници, училишта и јавни установи, големи државни компании, како Македонски железници ЈП Инфраструктура, АД Пошти, ЕСМ, Агенциите за стокови резерви и за нафтени деривати…
Прашање е зошто државата плаќа приватни компании да ја обезбедуваат нејзината инфраструктура за работа што на прв поглед изгледа како да треба да ја вршат државните служби.
Дел од институциите имаат недостиг од сопствен кадар специјализиран за обезбедување или, пак, воопшто немаат организирана служба за таа намена, иако располагаат со објекти или активности за кои е потребна специјализирана заштита.
Во тој случај ангажираат компании за приватно обезбедување со видеонадзор, кои, сепак, имаат само законски овластувања за приватно обезбедување, но не и јавни безбедносни овластувања какви што има македонската полиција.
Законот за приватно обезбедување предвидува два модели на ангажман: институцијата склучува договор со лиценцирана компанија што ја обезбедува услугата или сопствено обезбедување, кога правното лице вработува работници за обезбедување и со соодветна дозвола и исполнети законски услови, го обезбедува сопствениот имот и лицата во него.
При анажирање сопствен кадар, институцијата плаќа плати, придонеси, обуки, опрема и замени за отсуства. Има поголема директна контрола врз вработените, но мора сама да ги организира смените и да ги покрие сите кадровски потреби.
При ангажирање приватна агенција за обезбедување, институцијата плаќа договорена услуга. Агенцијата ја организира работната сила и замените согласно договорот, но во цената ги вклучува своите трошоци и деловните расходи.
Но, дали е поисплатливо државата да купува услуга од приватни фирми или сама да вработува, обучува и организира луѓе за обезбедување на својот имот? Ангажирајќи приватно обезбедување, државната институција или компанија кај нас се „спасува“ од организација на вработени, плаќање придонеси и плати, купување посебна опрема и посебни технички системи. Сепак, оваа пракса не е автоматски доказ дека приватното обезбедување е подобро или поевтино.
СПОРНИ ТЕНДЕРИ
Во Македонија има и конкретен проблем со практиката на ангажирање приватни агенции. На 4 февруари 2026 година, Државниот завод за ревизија објави наоди од ревизијата на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР).
Ревизијата за 2024 година утврдила елементи на фаворизирање при оценувањето на понудувачите во постапка за физичко обезбедување објекти на државната управа. Според ревизорите, условот фирмата да има најмалку три слични договори во претходните три години, од кои еден во вредност од најмалку 50 милиони денари, бил ограничувачки.
Ангажирањето приватно обезбедување од страна на државата не е спорно само по себе, туку дали набавката е оправдана, конкуренцијата е фер и услугата е платена по соодветна цена.
Спорниот договор од 2021 година што го склучила Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) заврши во 2024 година по што следуваше распишување нов тендер и избор на нова компанија, која ќе ги обезбедува државните објекти што ги поседува владата.
СОЗР склучи договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“ и оваа компанија до крајот на 2027 година ќе врши физичко, техничко и патролно обезбедување на објектите на државната управа.
Според техничките спецификации објавени во тендерската постапка, потребни за извршување на услугите со ангажман од полно работно време или бројка од вкупно 167 ангажирани лица по просечна плата, тендерот тежи околу 22 милиони денари или над 3,5 милиони евра.
ОМИЛЕНИ ФИРМИ
На три дена пред да се објават анекс договорите за Градскиот воз, со кој цената за реконструкција на пругата се зголеми за 1,3 милиони евра, од ЈП МЖ Инфраструктура објавија дека во електровлечната потстаница Драчево, меѓу станиците Лисиче и Драчево се случила кражба од големи размери. Сторителите превртеле два електроенергетски трансформатори тешки повеќе од 30 тони, го истуриле трансформаторското масло и ги украле бакарните намотки, како и бакарни жици, шини, прачки и речиси целата опрема потребна за работа на потстаницата.
Од ЈП МЖ Инфраструктура истакнаа дека првичната процена на штетата изнесува околу 5 милиони евра. Оттаму рекоа дека се презеле активности за обезбедување средства за санација на штетите и воспоставување на системот, но не соопштија дека веднаш по кражбата ќе ангажираат привремено приватна фирма за обезбедување во постапка со преговарање во четири очи без претходно објавување јавен повик.
Според мислењето што ЈП МЖ Инфраструктура го добила од Бирото за јавни набавки и кое вели дека набавката со преговарање е законска поради крајна итност, договорот за период од два месеца го доби токму Друштвото за обезбедување имоти и лица ПРАЕТОРИАН ДООЕЛ Скопје. Договорот за обезбедување стратешки објекти чинеше 5,4 милиони денари за два месеца.
На 25 септември, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, преку повик за јавна набавка ја избра истата компанија ПРАЕТОРИАН ДООЕЛ Скопје да врши обезбедување железнички објекти во текот на следните 12 месеци за сума од 17,7 милиони денари со вклучен ДДВ или нешто помалку од 290.000 евра.
Оваа компанија, во последните две години конкурирала и добила десетина тендери за обезбедување, кои биле распишани од државни и јавни институции или претпријатија, покрај горенаведените два. Сите се однесуваат на давање услуги за обезбедување за период од 12 месеци.
ПРАЕТОРИАН ќе дава услуги за приватно обезбедување и на ЕСМ Производство на топлина за сума од 119.266 евра, ќе ги обезбедува средните учичишта „Владо Тасевски“ и „Георги Димитров“ во Скопје за сума од 11.455 евра, односно 7.608 евра.
Потоа ќе го обезбедува ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија, за сума од 45.838 евра, ќе ги обезбедува објектите на Општина Струга за сума од 12.567 евра, како и деловниот простор на Агенцијата за супервизија на осигурување за сума од 5.499 евра. Оваа агенција ја обезбедувала Општина Струга и во 2025 година за сума од 24.367 евра.
Фирмата добила ангажман и во Централен регистар, каде што ќе го обезбедува деловниот простор за 17.359 евра. Нејзините услуги ќе ги користат М-НАВ или Македонска навигација и за нив ќе плати 3.433 евра.
ПРАЕТОРИАН ќе ја чува и Комисијата за надзор на пазарот на капитал за сума од 5.492 евра, како и Регулаторната комисија за енергетика, за сума од 7.359 евра.
Универзитетската клиника за Гинекологија и акушерство Скопје, за едногодишно обезбедување во 2025 година му платила на ПРАЕТОРИАН 58.712 евра. Институтот за радиологија, пак, ѝ платил 41.482 евра на истата фирма во 2025 година.
Во септември 2025 година, оваа фирма била ангажирана и од Министерството за социјална политика, демографија и млади за услуги за физичко обезбедување од агенција за обезбедување, со цел унапредување на безбедноста и сигурноста во Меѓуопштинските центри за социјални работи. Тендерот бил вреден 479.675 евра.
ПРИВАТНО „ОБЕЗБЕДЕНИ“ ИНСТИТУЦИИ
Освен Службата за општи и заеднички работи на Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, услугите на приватното обезбедување ги користат различни министерства и државни компании.
Министерството за дигитална трансформација, две години по ред ја избира фирмата НАТИОНАЛ АБВ ДООЕЛ од Скопје да врши обезбедување на неговиот имот за сума од 1,77 милиони денари за една година.
Министерството за здравство постојано ангажира приватни компании да ги обезбедуваат објектите во градба што се дел од Општата болница во Кичево, односно Клиничката болница во Штип. Годинава, Министерството за здравство ќе плати по 50.000 евра за чување на двата објекти во градба на компаниите 2СС ДООЕЛ Кичево и Секјурити Груп Сервисис дооел Скопје.
За истите објекти во 2025 година биле издвоени околу 100.000 евра. За 2024 година, Министерството за здравство на фирмата од Кичево за истата услуга во Кичево ѝ платило 1,7 милиони денари, а чувањето на објектот во Штип чинело само два милиони денари.
Акцинерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост (ЕСМ) на почетокот од оваа година ја ангажираше фирмата АРМОР СЕКЈУРИТИ ДОО од Гевгелија за да го обезбедува ветерниот парк во Богданци за сума од 4,72 милиони денари. За истите услуги во Богданци, но во 2023 година, истата фирма од ЕСМ добила нешто над 7 милиони денари.
ЕСМ во 2025 година ја ангажирала агенцијата ТОТАЛ СЕКЈУРИТИ ЈУНИТ од Кавадарци за обезбедување на ТЕЦ Неготино за сума од околу 40.000 евра за една година.
Агенцијата за електронски комуникации за обезбедување на својот имот и вработените ќе плати 26.550.000 денари или нешто над 420.000 евра на агенцијата АГЕНЦИЈА ШПАТА ДООЕЛ. Оваа услуга, во 2023 година ја чинела АЕК 21,2 милиони денари.
Обезбедување на деловниот простор користи и Агенцијата за супервизија на осигурување. За 2026 година, АСО ќе и плати на ПРАЕТОРИАН нешто повеќе од 50.000 евра за обезбедување на својот деловен простор.
Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, исто така, користи надворешни услуги за чување на складиштата и резервоарите за нафтени деривати. Во февруари годинава, на два одделни тендери се избрани компаниите СЕКЈУРИТИ ГРУП СЕРВИСИС и 2СС ДООЕЛ Кичево за да ги обезбедуваат физички објектите во Гостивар, односно во Ваксинце, Куманово. Вредноста на двата договори е по 9,3 милиони или по 150.000 евра за една година по објект.
Фирмата 2СС ДООЕЛ од Кичево вршела обезбедување и видео надзор на објекти на продажни места и службени простории за АД Државна лотарија во 2024 и 2023 година. Двата договори за обезбедување чинеле по 17,7 милиони денари.
Додека за патролно обезбедување на магацините на Лотарија е ангажирана Перпетуумобиле секјурити дооел од Скопје. Договорот е склучен кон крајот на 2025 година и во следните две години Државна лотарија ќе плаќа по 4.500 денари месечно за оваа услуга.
ЛЕВИЦА: ВОЈНИЦИ ДА ЈА ШТИТАТ КРИТИЧНАТА ЦИВИЛНА ИНФРАСТРУКТУРА
Во Собранието е доставен предлог на Законот за заштита на критична цивилна инфраструктура поднесен од пратеници од политичката партија Левица.
На една од седниците на Законодавно-правната комисија, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил го образложи предлог-законот за критична инфраструктура, со кој се предлага воспоставување нов систем за обезбедување на критичната цивилна инфраструктура од значење за секојдневното функционирање на граѓаните.
Исмаил посочи дека предлог-законот произлегува од два конкретни проблеми – недоволното физичко обезбедување на критичната цивилна инфраструктура, како и фактот што обезбедувањето на значаен дел од ваквите објекти е препуштено на приватни компании за обезбедување.
–Имаме недоволно физичко обезбедување на критичната цивилна инфраструктура или таа е доверена на комерцијален, односно на приватно обезбедување. Лично, како предлагач, сметам дека тоа не е добро затоа што одговорноста за вакви критични објекти би требала да биде јавна, односно на државните органи, истакна Исмаил.
Предлог-законот предвидува формирање служба во рамките на Министерството за одбрана, но надвор од составот на Армијата, која би била задолжена за обезбедување на критичната цивилна инфраструктура согласно приоритетите утврдени преку план и програма. Станува збор за инфраструктура од која непосредно зависи секојдневниот живот на граѓаните, како водоводни и комуникациски системи и други објекти од критично значење.
Според Исмаил, со предложениот систем истовремено би се решил и статусот на професионалните војници кои по навршување 45 години повеќе не можат да бидат професионални војници во Армијата. Наместо нивното знаење, искуство и обученост да останат неискористени, тие би можеле да бидат ангажирани во новата јавна служба.
–Другиот проблем е нерешениот статус на војниците кои по навршување 45 години немаат право повеќе да бидат дел од Армијата како професионални војници. Практично, решението кое го нудиме е поврзување на двата овие проблеми со нудење решение преку една служба во рамките на Министерството за одбрана, но не како дел од Армијата, рече Исмаил.
Тој посочи дека воспоставувањето на ваква служба на краток рок би значело одредени дополнителни буџетски издатоци, но на долг рок би можело да значи заштеда на јавни средства, со оглед дека државата би презела дел од услугите кои моментално ги вршат приватни компании за обезбедување.
–На краток рок ќе предизвика одредени поголеми финансиски одливи од буџетот, но на долг рок се очекува тоа да заштеди финансиски одливи, затоа што ќе преземе генерално дел од пазарот каде што приватното обезбедување моментално оперира, нагласи Исмаил.
Предлог-законот предвидува координација помеѓу Министерството за одбрана, Владата и Центарот за управување со кризи, при што Министерството за одбрана би било одговорно за обезбедување и планирање на кадарот, додека критичната инфраструктура би се определувала согласно утврдените приоритети и расположливите капацитети на службата.
–Ова законско решение поставува еден темел врз кој што треба да се гради еден ваков систем, истакна Исмаил, додавајќи дека во иднина ваквата јавна служба би можела да опфати и други јавни објекти, како училиштата и други објекти кои не спаѓаат во категоријата критична инфраструктура.
Предлог-законот не доби поддршка на Законодавно-правната комисија. За неговото понатамошно процесирање ќе се изјасни Собранието на пленарна седница.
Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 29 октомври 2026 година, во бројот 1621.