Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес им порача на инвеститорите дека е време да се инвестира во Западен Балкан.
„Од вештачка интелигенција до чиста енергија, ги интегрираме нашите индустрии. Затоа мојата порака до инвеститорите денес е: Време е да се инвестира во Западен Балкан. Бидејќи ако го изберете Западен Балкан, ја избирате Европа“, рече таа денес во Тирана на првиот Инвестициски форум ЕУ-Западен Балкан.
Таа го поздрави влегувањето на Албанија во системот за плаќање во евра SEPA.
„Трансакциските провизии во Западен Балкан порано беа до 6 пати повисоки отколку во нашата унија, а сега приклучувањето кон SEPA ќе им заштеди на вашите компании околу 500 милиони евра годишно“, рече таа.
Додаде дека сите земји што станаа дел од ЕУ „доживеале неверојатен економски раст“, наведувајќи ги како примери Полска, чија економија се зголеми за трипати, и Хрватска, каде што процентот на невработеност се намали од 17 на четири проценти.
„Истото ќе се случи и во Западен Балкан, и не зборувам за далечната иднина. Вашите економии се веќе подготвени за брз раст во наредните години. Затоа го воспоставивме Планот за раст“, рече Фон дер Лајен.
Порано денес, се сретна со албанскиот премиер Еди Рама.