Фирми од Унгарија и Швајцарија чии газди се поврзуваат со Орбан ќе ја градат гасната централа од 450 милиони евра?!

by irena 15:01
15:01

По предлог на Министерството за енергетика на седница на Влада е донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.

Од вкупно 284 иницијативи се прифатени 67 иницијативи кои доколку се реализираат ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра. Од овие 67 иницијативи, 59 се за изградба на фотоволтаици со проценета вредност од 2,11 милијарди евра, 7 иницијативи за ветерни паркови чија вредност е проценета на 1,2 милијарди евра.

Ќе се гради и една Когенеративна гасна централа со моќноат од 495 мегавати вредна 445.500.000 евра. Фирмата која аплицирала е „Статус Енерџи ДОО Скопје“ и таа ќе гради во вардарскиот регион.

„Јас сметам дека ова се сериозни инвеститори. Што се однесува до финансирањето, тоа зависи од нив, има и други чекори, ние ќе знаеме кој кога и како ќе гради. Ние ќе бараме банкарска гаранција која ќе биде 25.000 евра за 1 мегават и за 2-3 месеци ќе знаеме што точно и кој до каде е во процесот на добивање дозволи и започнување со градба“, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Оваа фирма, иако е најавена, се уште не е регистрирана во Македонија, но неофицијално, таа ќе биде ќерка на унгарската компанија со исто име „Status Energy KFT“. Оваа фирма е унгарска компанија која се занимава со производство на енергија од необновливи извори, регистрирана во Будимпешта како инвестициско друштво во енергетскиот сектор и дел од структурата на „Status Energy Private Equity Fund“.

Оваа фирма во 2019 година преку партнерство со швајцарската „MET Group“ влезе во сопственичката структура на „TIGÁZ Zrt“., најголемиот дистрибутер на природен гас во Унгарија.

Преку оваа трансакција, „Status Energy“ стекна индиректен удел од околу 49,6 проценти во TIGÁZ, додека оперативната контрола ја задржа „MET Group“. Во 2021 година, MET се повлече од проектот, а сопственоста премина на унгарската група „OPUS Global“, компанија контролирана од Лоринц Месарош, еден од најбогатите луѓе во Унгарија, бизнисмен близок до премиерот Виктор Орбан.

Извршен директор на Ststus Energy е д-р Габриела Гомбаи, која е близок соработник на Месарош.

Истовремено, партнерството со MET Group ја поврзува Status Energy со унгарскиот бизнисмен Бенјамин Лакатош, основач и сопственик на MET Group, кој важи за еден од клучните приватни играчи во унгарскиот гасен сектор, а од неодамна присутен и на Балканот со учество на пазарите во Албанија и Македонија.

MET Group од минатиот ноември е нов учесник на домашната берза на електрична енергија, МЕМО. MET Group е европска енергетска компанија со седиште во Швајцарија, активна на пазарите со природен гас и електрична енергија. Компанијата е присутна во 21 држава преку свои подружници, учествува на 33 национални пазари на природен гас, и оперира на 44 меѓународни трговски пазари.

Подружница на MET Group во Македонија е МЕТ Енерџи ДООЕЛ СКопје и со неа раководи извесен Далибор Стојевски. МЕТ Енерџи ДООЕЛ од 12 мај 2025 година поседува лиценца за трговија со природен гас издадена од Регулаторната комисија за енергетика.

Во Македонија единствена гасна централа е ТЕ-ТО која е во приватна сопственост. Друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје е претпријатие чија основна дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус.

Средниот годишен капацитет на постројката е 220 MW за производство на електрична енергија и 160 MW за производство на топлинска енергија. Топлината која се генерира во рамките на производниот процес на постројката се предава на градскиот топлински дистрибутивен систем.

Орце Костов

Слични вести