Нова рунда преговори меѓу претставниците на Русија, Украина и САД, за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина, започна денес во Абу Даби.
„Процесот на преговори започна во трилатерален формат – Украина, САД и Русија. Следи работа во одделни групи по специфични теми, по што е планирана средба за синхронизирање на ставовите“, напиша денес онлајн Рустем Умеров, шефот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, кој присуствува на состанокот.
Тој рече дека украинската делегација работи со „јасни директиви од претседателот Володимир Зеленски за постигнување достоен и траен мир“, како и дека го информираат шефот на државата за напредокот во секоја фаза од преговорите.
Во американскиот тим требаше да бидат вклучени специјалниот претставник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кој исто така учествуваше во првата рунда трилатерални разговори минатиот месец, соопшти Белата куќа.
Разговорите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати минатиот месец, како дел од напорите на САД за прекин на конфликтот, постигнаа одреден напредок, но не и пробив по клучните прашања, изјавија официјални лица.
Разговорите во Абу Даби се одржуваат во време на широко распространети руски напади врз енергетскиот систем на Украина, кои се случуваат секоја зима откако Русија започна со инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.
Стотици беспилотни летала и рекордни 32 балистички ракети беа вклучени во огромното руско бомбардирање во ноќта од понеделник кон вторник, а најмалку 10 лица беа ранети. Овој напад беше извршен и покрај договорот што рускиот претседател Владимир Путин го имаше со Трамп дека нападите врз украинската електрична мрежа ќе бидат привремено суспендирани.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не сакаше да даде никакви детали за разговорите во Абу Даби денес и рече дека Москва не планира да коментира за исходот од тие разговори.
„Вратата за мирен договор е отворена“, рече Песков, но исто така посочи дека Москва ќе ги продолжи своите воени дејствија сè додека Киев не одговори на неговите барања, пренесува АП.
Русија ги таргетира украинските енергетски инсталации бидејќи нејзините вооружени сили веруваат дека целите се поврзани со воените напори на Киев, рече Песков.