Стечајот на скопски „Бетон“ завршува со реорганизација: Недоградениот хотел до седиштето на ВМРО се легализира по судски пат!

Откако се соочи со финансиски проблеми, некогашниот градежен гигант „Бетон АД Скопје“, кој го поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-компанија, падна во стечај. Но, оваа постапка нема да заврши со ликвидација на друштвото, туку, според последните информации до кои дојдовме, со реорганизација, откако бил прифатен планот поднесен од „Фего инженеринг“, во чија сопственичка структура е зетот на Јорданов - Горан Мауровски. Во меѓувреме, се води постапка за легализација на хотелот што скопски „Бетон“ почна да го гради до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, во случајов не се работи за класична легализација на дивоградба согласно законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти до 2011 година, туку за легализација преку т.н. вонпроцесна постапка пред скопскиот граѓански суд, од каде што нè информираа дека се очекува изработка на геодетски елеборат за легализација.

by vlatko 12:22
12:22

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Градежната компанија „Бетон Скопје“, која ја поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-фирма од Британските Девствени Острови, многу години важеше за гигант на домашниот пазар. Всушност, така беше сè додека компанијата не престана да добива јавно спонзорирани зделки, додека главните тешкотии се јавија кога речиси сите договори со државни органи беа раскинати, а имотот на друштвото – замрзнат.

Во таква ситуација, акционерското друштво падна во стечај во 2023 година. Сепак, по неколкугодишна стечајна постапка, се чини дека конечниот епилог нема да биде ликвидација на некогашниот градежен гигант, бидејќи прифатен е план за реорганизација, што значи дека друштвото треба да продолжи деловно да функционира на пазарот. Она што е интересно, скопски „Бетон“ ќе го воскреснува фирма поврзана со Јорданов и неговото семејство.

Станува збор за „Фего Инженеринг“, кое уште во 2024 година достави план за реорганизација на должникот согласно Законот за стечај. Тогаш, како сопственици на компанијата се јавуваа Златко Стојаноски и Огнен Христов, кои во други компании беа содружници и соработници со Горан Мауровски, кој му е зет на Јорданов. Покрај тоа, Мауровски денес е содружник во „Фего“, што претставува негов камбек во друштвото, имајќи во предвид дека бил во неговата сопственичка структура и во периодот од 2016 до 2021 година.

Арно ама, првично Собранието на доверители на „Бетон Скопје“ го одбива планот за реорганизација на оваа компанија. Сепак, повеќе од една година подоцна, процесот повторно се враќа во истиот колосек, бидејќи, како што нè известија од скопскиот граѓански суд, била донесена одлука за реорганизација на „Бетон Скопје“ со решение од 15.7.2025 година, потврдено со Решение од 15.1.2026 година на скопска апелација. Од Судот посочуваат дека планот за реорганизација на стечајниот должник бил прифатен од доверителите.

Поточно, со решението на Основен граѓански суд Скопје 2, потврдено од второстепениот апелациски суд, се констатира дека Собранието на доверители, со мнозинство од присутните доверители, каде што гласањето се одвивало по групи со 74,5 проценти од присутните доверители со право на глас, го прифатило планот од 11.4.2025 година поднесен од „Фего инженеринг“ за реорганизација на должникот „Бетон АД Скопје – во стечај“.

За потсетување, кон преминот од 2021 кон 2022 година, скопски „Бетон“ закажа вонредно Собрание на акционери, на чиј дневен ред се предлагаше продажба на неколку хотели низ земјава. Единствено, компанијата успеа да го продаде хотелот во Дојран преку зделка вредна 1,3 милиони евра. Меѓутоа, другите хотели никогаш не успеа да ги продаде, а еден од нив е хотелот „Аура“ во Охрид, врз кој има хипотека една од поголемите банки.

Исто така, во оваа група влегува и недоградениот хотел до централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кој „Бетон“ почна да го гради според важечки Детален урбанистички план и издадена градежна дозвола, но не успеа да го впише во имотен лист пред да падне во стечај. Затоа, сè уште е нерешена и неизвесна судбината на овој атрактивен недвижен имот, дотолку повеќе што нема никаков товар или хипотека. За него, како што ни потврди стечајниот управник Ацо Петров, се води постапка за легализација.

„Барање за утврдување правен статус на бесправен објект не може да се поднесе, бидејќи сите рокови кои беа одредени со Законот за постапување со бесправно изградени објекти се веќе завршени. Последниот рок беше во 2018 година. Но, бидејќи се работи за објект кој е предмет во стечајна постапка пред надлежен суд, согласно Законот за стечај може објектот да се запише директно со легализација, но преку Судот со решение и да се запише во Агенцијата за катастар на недвижности“, ни одговорија од Општина Центар.

Оттука, се обративме и до скопскиот граѓански суд, од каде што не известија дека „пред овој суд поведена е ВПП (вонпроцесна постапка), каде што се очекува изработка на геодетски елеборат за легализација на предметниот објект“. По завршување на т.н. вонпроцесна или вонпарична постапка, која не претставува класичен спор меѓу две страни, туку постапка за уредување на односи и утврдување на состојба, се очекува да добие легален статус хотелот што „Бетон“ почна да го гради како дел од договорот со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на нов централен штаб. Сето тоа е дел од предметот „Талир 2“, кој, патем речено, застарува за неколку месеци.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести