Филипче се сретна со германскиот вицеканцелар Клингбајл: Македонија мора да продолжи по европскиот пат

by vlatko 20:22
20:22

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,  Венко Филипче, денеска во Берлин, во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), се сретна со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и ко-претседател на СПД.

Од СДСМ известија дека на средбата, претседателот Филипче изразил благодарност до вицеканцеларот Клингбајл за континуираната и силна поддршката на СПД за евроинтеграцискиот процес на Македонија, посочувајќи дека како сестрински партии ја споделуваат истата визија за праведна, обединета и солидарна Европа.

„Филипче и Клингбајл разговараа за забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија, како и на земјите од регионот и Западен Балкан, оценувајќи го како клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите-кандидатки за членство во Европската Унија.

Беше посочено дека само со вистинска интеграција во ЕУ може да се обезбеди одржлив напредок – и економски и институционален, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Заеднички беше ставот дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат, како единствена алтернатива за напредок и подобра иднина на државата“, извести СДСМ за средбата на лидерот во Берлин.

Филипче го потсетил Клингбајл дека во периодот на Владата предводена од СДСМ беа реализирани клучните стратешки цели – Македонија стана членка на НАТО и ги отпочна преговорите за членство во ЕУ.

Слични вести