Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека државниот јавен обвинител Ненад Савески постапува под директно влијание на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за сериозна партизација на правосудниот систем.
Во интервју за МРТ 1, Филипче посочи дека одлуките за одземање предмети од обвинители, како и последните случувања во обвинителството, не можат да се објаснат поинаку освен како политички диктат. Тој ја спомена и оставката на обвинителката Ленче Ристоска, оценувајќи дека станува збор за притисок врз професионалци кои работеле на чувствителни случаи.
Според него, одземањето предмети и непроолжувањето на мандати на обвинители кои постапувале по случаи поврзани со незаконско финансирање и постапки против полициски службеници отвора сериозни сомнежи за селективна правда и заштита на владејачките структури.
Филипче предупреди дека ваквите потези значат враќање на политичко влијание врз судството и обвинителството, потсетувајќи на периоди кога институциите биле под силна контрола на власта. Тој додаде дека партизацијата не е изолиран случај, туку дел од поширок процес на поставување партиски кадри во клучни институции.
Како последица на ваквата состојба, според него, младите сè повеќе ја напуштаат државата, не само поради економски причини, туку и поради недостиг на правичен систем и еднакви можности.
Филипче оцени дека решението лежи во забрзување на евроинтеграциите и поголемо присуство на европските механизми во правосудството, што би придонело за воспоставување вистинска меритократија и владеење на правото.