Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера попладне го одржа првиот состанок на претседателството на Генералниот совет на партијата на кој бил разгледан и одобрен деловникот за работа, како основен акт за работењето, координацијата и донесувањето одлуки на ова тело.
Состанокот, кој доаѓа по 5. конгрес на партијата што се одржа во саботата, бил свикан од претседателот на партијата, Али Ахмети, и на него како што информираат од ДУИ, биле донесени важни одлуки во врска со организацијата на секретаријатите, како и партиската структура на интегративиците.
Така, за шеф на кабинетот на претседателот на ДУИ е назначен Фатон Ахмети, додека портпарол на партијата ќе биде Арта Биљали-Зендели.
Советник на Али Ахмети за односи со Соединетите Американски Држави (САД) ќе биде Шемседин С. Бекири, а на состанокот се назначени и претседатели на ограноците на ДУИ во Тетово, Куманово, Гостивар, Струга и Чаир.
„Во согласност со одредбите на статутот што го усвоивме на конгресот во саботата, именувани се и претседатели на ограноците на ДУИ. За Тетово е именуван Бајрам Реџепи, за Куманово – Ридван Асани, за Струга – Фатон Положани, за Гостивар – Валдет Џафери и за огранокот во Чаир – д-р Бујар Османи“, изјави по седницата новата портпаролка на ДУИ, Арта Биљали-Зендели.