Ердоган: Газа е претворена во најголемиот концентрационен логор во светот

by irena 19:29
19:29

Газа е претворена во најголемиот концентрационен логор во светот од страна на структура што смета дека е над меѓународното право – изјави турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган на Меѓународниот самит за правда во Истанбул, кој беше организиран од Министерството за правда во палатата Чираган, објави весникот „Џумхуриет“.

– Најважно од сѐ е што веќе три години, пред очите на целиот свет, луѓето во Газа се подложени на варварски убиства. Повеќе од 74.000 жители на Газа, од кои повеќето жени и деца, се убиени – рече Ердоган во своето обраќање.

Посочувајќи дека училиштата во Газа, кои не смеат да бидат напаѓани дури ни за време на војна, се срамнети со земја, Ердоган додаде дека се нападнати и универзитети, болници и верски објекти.

– Илјадници деца ги загубија рацете, нозете или други делови од телото – рече турскиот претседател.

Потсетувајќи дека минатата година, со придонес на Турција, беше постигнато примирје, кое, според него, израелската влада го прекрши илјадници пати, Ердоган истакна дека од 11 октомври 2025 година, кога примирјето стапи во сила, до денес во израелските напади се убиени 1.500 Палестинци, а повеќе од 5.000 се ранети.

Според Ердоган, продолжуваат и нелегалните населувања на Западниот Брег, како и насилството и злосторствата што ги вршат екстремистички групи со поддршка од државата.

Тој додаде дека светите места во Ерусалим се изложени на упади и дека постојат обиди за промена на нивниот историски и правен статус.

Ердоган порача дека турскиот народ и тој лично, како претседател на Турција, ќе продолжат, во рамките на своите можности, да бидат глас на угнетените и обесправените и да се залагаат за заштита на нивните права.

– На секоја платформа на која сме присутни и на секоја маса на која седнуваме ќе продолжиме да бидеме глас на слабите, ранливите, сиромашните и осамените – додаде Ердоган

Слични вести