Градоначалникот Горан Герасимовски во гостувањето во емисијата „Директно со” на Прва Скопска ТВ потенцираше дека ниту еден општински денар не е потрошен на кафеани и патувања, а парите одат за семејства од социјален ризик.
„Јас сум можеби еден од малкуте градоначалници коишто сите оние буџетски средства коишто се ставаат во програмите во буџетот за потребите на кабинетот на градоначалникот немаме потрошено ниту денар од истите во непродуктивни трошења, во делот на кафеани, патувања и слично. Сите тие пари коишто се ставаат при носење на буџетот и програмите се пренаменуваат за социјално загрозени семејства во општината”, изјави Герасимовски.
Герасимовски, посочи дека од година во година се зголемува општинскиот буџет за култура за спроведување културни настани во текот на годината.
„Во делот на културата се субвенционираат невладини организации за спроведување на културни настани во текот на годината. Во 2021 година буџетот беше 3 милиони денари, сега стигна до буџет од 13 милиони денари”, рече Герасимовски.