Три нови случаи на западно-нилска треска се потврдени вчера, а според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 27 јули, во Македонија беа регистрирани осум случаи на западно-нилска треска од регистрираните случаи. Со новите потврдени случаи, бројката на заболени се искачи на 11. Деветмина се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а состојбата кај еден 75 годишен пациент е сериозна и тој е на интензивна нега поставен на респиратор, информира денес директорот на Клиниката д-р Фадил Цана. Пациентите биле каснати од комарци во Грција, Велес и во Скопје.
Според објавите на медиумите, лицето кое е во сериозна здравствена состојба веќе една недела е на Клиниката и не патувало надвор од државата.
Останатите биле на возраст над 60 години и се во стабилна состојба, а само еден од нив патувал во Грција. Сите осуммина имаат вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки и покажуваат симптоми како висока температура, силна главоболка, дезориентираност, нарушена свест.
Хоспитализираните заразата ја добиле од инфициран комарец, а периодот на инкубација вообичаено трае од три до 14 дена по каснувањето. Најголем дел од луѓето што ќе се инфицираат немаат симптоми и не ни забележуваат дека го имаат вирусот. Тоа вчера преку објава на социјалните мрежи го потврди и епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.
„Кај приближно 20 проценти се јавува фебрилна болест, најчесто со релативно лесен тек. Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет. Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како западно-нилска треска. Оттука, осумте регистрирани тешки случаи се видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми што не биле препознаени како Западнонилска треска, како и случаи кај лица кои воопшто не побарале лекарска помош“, напиша тој.
Според него, од посебно епидемиолошко значење е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони.
„Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението.
Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди. Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо!.Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“, пишува Даниловски.
Пред две години, пензионер на 78 годишна возраст од Облешево, кочанско, заболел од западно-нилска треска, па починал една недела откако бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС). Тоа беше прв смртен случај во земјава од оваа болест.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) годинава евидентирал четири случаи на маларија, осум на западно-нилска треска, три лица со денга и едно со зика вирус. Вектор-преносливите заболувања се во подем поради новите енергетски трендови, како и сé позагрижувачката состојба со климатските промени, односно глобалното затоплување, кои доведуваат до можност за интензивно распространување на заразни заболувања во географски предели каде досега не биле регистрирани.
Западно-нилска треска е вирусна инфекција предизвикана од вирусот Западен Нил. Се пренесува на луѓето преку каснување од заразен комарец. Ризикот за тешка болест е поголем кај лица над 60 години, лица со ослабен имунитет и лица со хронични заболувања. Не постои специфичен антивирусен лек за западнонилската треска. Лекувањето е насочено кон ублажување на симптомите со одмор, внесување течности и лекови за температура и болка. Кај тешките случаи е потребно болничко лекување. Најдобрата заштита е да се избегнуваат каснувања од комарци со користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, поставување мрежи на прозорците, отстранување застојана вода околу домот, каде што комарците се размножуваат. Ако по каснување од комарец добиете висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, конфузија или слабост на рацете или нозете, потребно е веднаш да побарате лекарска помош.