Точно еден месец нема никаква трага од исчезнатиот Љупчо, а неговото семејство денеска повторно упати апел до јавноста и побара од надлежните институции конкретни информации за тоа што досега е преземено во потрагата.
Неговиот внук Дарко вели дека семејството веќе еден месец живее во неизвесност, страв и надеж, а во меѓувреме самостојно се обидува да собира информации и да ги реконструира последните движења на Љупчо.
„Сами бараме, сами собираме информации, сами се обидуваме да составиме каде и како се движел во последните денови. И тука морам јавно да прашам: што се случува со потрагата?“, пишува Дарко.
Според него, иако Љупчо е пријавен како исчезнат, семејството досега не добило конкретни информации за активностите што ги презеле надлежните институции.
„Јас, како член на семејството, до ден-денес немам добиено никаква конкретна информација од ниту една институција за тоа што е преземено и што е проверено. Љупчо е пријавен како исчезнат, а сепак не го гледаме ниту на официјалната страница на МВР меѓу исчезнатите лица“, наведува тој.
Семејството бара одговор и на прашањето дали во потрагата се користат снимки од камерите низ Скопје и можностите на системот „Безбеден град“, бидејќи, како што тврди Дарко, располагаат со информации за дел од последните движења на исчезнатиот.
„Дали треба семејството само да открива каде се движел исчезнатиот човек? Дали ние треба сами да ги бараме камерите, сведоците и неговите последни траги? Кој активно ја води потрагата по Љупчо?“, прашува Дарко.
Тој нагласува дека семејството бара од институциите да добие конкретни информации за тоа што е направено во изминатиот месец и кои активности се преземаат за негово пронаоѓање.
„Љупчо не е само број на пријава. Љупчо е нечиј брат, вујко, татко, сопруг и човек кој има семејство кое секој ден чека да се врати дома“, се наведува во апелот.
Семејството повторно ги повика граѓаните од Скопје и околината да пријават доколку го забележале Љупчо или располагаат со каква било информација што би можела да помогне во потрагата.
„Ве молиме споделувајте. Не дозволувајте ниту една трага да биде занемарена. Еден месец без никаква трага. Љупчо мора да биде пронајден“, порачува Дарко.
Секоја информација што би можела да помогне може да се пријави на бројот 112 за итни случаи, во полиција на 192 или директно до семејството преку Viber на бројот +43 660 482 5979.