Од Либерално-демократската партија (ЛДП) упатија критики до Владата, оценувајќи дека зад оптимистичките пораки на премиерот за напредокот на државата стои поинаква реалност во образованието, судството, здравството и економијата.
Од партијата посочуваат на резултатите од PISA тестирањето, за кои велат дека покажуваат загрижувачка состојба со елементарната и функционалната писменост кај младите и сериозни слабости во образовниот систем.
„Додека премиерот шири розева пропаганда за наводен просперитет, суровата реалност и најновите PISA резултати покажуваат поразителна слика за Македонија: загрижувачка елементарна и функционална неписменост кај младите и целосен слом на образовниот систем“, велат од ЛДП.
Од партијата сметаат дека проблемите се видливи и во правосудството, обвинувајќи дека за ситен криминал постапките завршуваат брзо, додека големите корупциски случаи остануваат без конечна разрешница или завршуваат со ослободителни пресуди.
Како пример го посочуваат случајот „Талир 2“, поврзан со седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, при што од ЛДП критикуваат дека за одредени судски одлуки јавноста нема навремено достапни пишани образложенија.
Од ЛДП упатија критики и за состојбите во образованието, здравството и функционирањето на институциите. Според партијата, почетокот на новата учебна година бил проследен со спорни промени во наставните програми, додека проблемите со законските решенија и недостигот на лекови на Онкологија дополнително ја покажуваат слабоста на системот.
Партијата ја критикува и состојбата со европските интеграции, оценувајќи дека отстапувањето од европските правила и стандарди негативно се одразува врз повеќе области во државата.
Во вакви услови, од ЛДП оценуваат дека иселувањето од Македонија нема да запре, туку може дополнително да се интензивира во наредните години.
„Кој нормален човек, млад професионалец или родител би останал да живее во земја каде што ги нема основните услови за здравје, правда и заштита на сопствените деца?“, прашуваат од ЛДП.
Од партијата на крајот обвинуваат дека од актуелните состојби корист има партиската елита на ВМРО-ДПМНЕ, додека сè поголем број граѓани размислуваат за заминување од земјата.