Вучиќ: Работиме на формирање дигитална армија

by irena 13:37
13:37

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, по тактичката вежба на Војската на Србија со боево гаѓање „Победник 2026“, изјави дека во моментов се работи на формирање на таканаречена „дигитална армија“, со цел во иднина војниците да бидат што помалку изложени, нагласувајќи дека станува збор за процес кој не е ниту брз ниту едноставен.

„Во моментот кога нашето борбено возило ќе забележи цел и мета, тоа веднаш испраќа дигитален сигнал до нашата ракетна артилерија за таа да може да дејствува. Нема објаснување и јавување, како во филмовите, туку само со притискање едно копче. Тоа се работите на кои работиме. Времето за донесување одлука е она што им носи предност на најмодерните армии. Тоа мора да биде сведено на најниско можно ниво“, изјави Вучиќ пред новинарите на полигонот Пештер.

Тој рече дека е горд на војниците кои ја извеле вежбата, наведувајќи дека таа била исклучително сложена и се одвивала во тешки временски услови, со засилен ветер. Вежбата ја оцени како „многу добра“.

„Вложени се многу пари. Денеска за првпат можевте да видите напад на роботизирани беспосадни и беспилотни летала, без ниту еден човек на целото подрачје“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека на вежбата биле прикажани и малите „милоши“, како и „роботи-кучиња“ опремени со фрлачи на гранати „РБГ“, „золји“ и митралези со калибар 7,62 милиметри. Биле прикажани и осум вида дронови, од кои дел биле соборени во рамки на вежбата.

„Тоа го правиме за да ги зачуваме мирот и стабилноста. На сите им е јасно дека не сакаме никого да загрозиме. Сакаме мир и стабилност, сакаме сами да го чуваме нашето небо и нашата земја“, изјави Вучиќ.

На прашањето за повторното воведување на задолжителниот воен рок, Вучиќ рече дека сè е подготвено тој да започне од март следната година.

„Тоа е малку, 75 дена – ништо, но многу ќе значи во однос на стекнувањето одговорност, сериозност и посветеност. Би рекол дури и во однос на созревањето, пред сè на нашите млади момчиња. Мислам дека тоа е важно и за развојот на нашите градови, особено во пограничните подрачја – Прибој, Пирот и Сомбор. Кога имате таков вид касарни, тоа е како да имате фабрика во тој град“, рече Вучиќ.

Началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, изрази задоволство од вежбата, наведувајќи дека прикажаното е резултат на повеќегодишни вложувања во армијата.

„Денеска, покрај новините во користењето и употребата на новите средства на воената техника, беше прикажан и елемент кој се однесува на способностите, кои дефинитивно не можеме да ги стекнеме веднаш, бидејќи за тоа се потребни време, обука и ефективни резултати во употребата на наведените средства“, изјави Мојсиловиќ.

Тој оцени дека Војската на Србија претставува сила која гарантира мир и безбедност не само во земјата, туку и на Балканот.

Слични вести