Синоќа на автопатот Куманово-Скопје, кај Агино село, се случила тешка сообраќајна несреќа, во која две лица загинаа, а тројца се повредени.
Од МВР информираат дека возачот кој ја предизвикал сообраќајката е уапсен.
-На 19.09.2026 околу 21:35 часот во СВР Куманово e пријавено дека на автопатот Куманово- Скопје, во насока кон Скопје, во атар на с.Агино Село, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М. (65) од Скопје и патничко возило „опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Н. (27) од Скопје.
На местото на настанот починале сопатниците од возилото опел корса В.Н. (49) и Л.М. (71) од Скопје. Л.Н. (48), сопатничка од возилото „опел корса“ се здобила со тешки телесни повреди, а сопатничката Б.Н.( 28) и С.Н. (27) од Скопје се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид извршила екипа од СВР Куманово, а по наредба на јавен обвинител, возачот на патничкото возило „мерцедес“ М.М. бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава, велат од МВР.