Двајца лекари се уапсени во Атина во рамки на истрагата за смртта на познатиот грчки пејач Ѓоргос Мазонакис, кој почина на 54-годишна возраст откако доживеал срцев застој во приватна ординација во населбата Колонаки, каде што требало да биде подложен на плазмафереза.
Според грчките медиуми, против лекарот и лекарката е поднесена пријава за кривично дело поврзано со смртоносно изложување на опасност, а тие треба да бидат изведени пред обвинител.
Во фокусот на истрагата се околностите во последните часови пред смртта на пејачот, како и можни несогласувања меѓу исказите на лекарите и останатите собрани докази.
Лекарите, според објавените информации, тврделе дека плазмаферезата не била започната пред здравствената состојба на Мазонакис нагло да се влоши. Сепак, припадници на итната медицинска помош наводно изјавиле дека при нивното пристигнување машината била во функција.
Истрагата, според медиумските извештаи, покажала и дека уредот при последното работење бил активен околу 45 минути. Полицијата ја проверува временската линија на настаните, вклучително и времето кога Мазонакис пристигнал во ординацијата и кога бил повикан тимот на итната медицинска помош.
Снимките од безбедносните камери и останатите собрани докази треба да помогнат во утврдувањето што точно се случувало непосредно пред неговиот колапс.
При претресот на ординацијата, полицијата и претставници на Лекарската комора на Атина пронашле две машини за плазмафереза. Надлежните проверуваат дали биле исполнети сите законски и медицински услови за нивно користење.
Претседателот на Лекарската комора на Атина, Ѓоргос Патулис, посочил дека плазмаферезата е сложена медицинска процедура која бара соодветно обучен персонал и услови за брза реакција во случај на компликации.
Адвокатот на двајцата лекари, од друга страна, ги отфрла сомнежите и тврди дека ординацијата работела законски и дека медицинските уреди биле пријавени кај надлежните институции.
Во случајот се вклучил и грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис, кој побарал да бидат проверени условите во кои работела ординацијата. Според неговите претходни изјави, објектот бил регистриран како интернистичка ординација, а не како клиника.
Од ординацијата биле одземени документација, дигитални уреди, медицински производи и други материјали, а дел од доказниот материјал бил обезбеден и при претрес на домот на лекарите.
Клучни информации за точната причина за смртта треба да даде обдукцијата. Таа била одложена за петок по барање на семејството, кое побарало да присуствува и технички советник.
Наодите треба да помогнат да се утврди причината за смртта и дали постои поврзаност меѓу медицинската процедура и срцевиот застој.
Семејството на Мазонакис преку адвокат соопштило дека ќе ја поддржи постапката за целосно расветлување на околностите под кои починал пејачот.
Ѓоргос Мазонакис повеќе од три децении беше едно од најпознатите имиња на грчката музичка сцена, а во последните години беше познат и како член на жирито на „The Voice of Greece“.
Истрагата продолжува, а конечните одговори за причината и околностите на неговата смрт треба да ги дадат медицинско-вештачките наоди и понатамошната судска постапка.