Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања побара одговор од министерката за образование и наука Весна Јаневска зошто дел од учениците од скопското основно училиште „Киро Глигоров“ ја започнале новата учебна година со онлајн настава, додека во објектот сè уште се изведуваат градежни работи.
Според претходните најави на Министерството за образование и наука, околу 500 ученици од четврто до деветто одделение од 1 септември привремено ја следат наставата онлајн. Во училиштето се изведуваат градежни работи за приспособување на нови училници, со цел да се создадат услови за едносменска настава.
Лукаревска обвини дека реконструкцијата започнала предоцна и дека поради тоа учениците не можеле да ја започнат учебната година со физичко присуство.
„Како можевте да дозволите учениците во едно од најбројните, а воедно и најновите училишта во земјата, учебната година да ја започнат без редовна настава со физичко присуство? ОУ ‘Киро Глигоров’ во Центар, поради немарноста на МОН, среде учебна година личи на градилиште полно со прашина. Родителите и учениците се револтирани и без бараните одговори“, рече Лукаревска.
Таа посочи дека договорот со Општина Центар за реконструкција и адаптација на дел од училиштето бил потпишан во февруари, но градежните активности започнале дури во август.
Според Лукаревска, уште на 7 август било познато дека работите нема да завршат до почетокот на учебната година, а на 27 август училиштето испратило барање до МОН за решавање на состојбата.
„Зошто реконструкцијата почнува во август ако градежните работи биле планирани? Зошто дозволивте нарушување на образовниот процес и кој ќе понесе одговорност што учениците не ја започнаа годината со редовна настава?“, праша Лукаревска.
Министерката Јаневска одговори дека состојбата е привремена и најави дека за околу една недела сите ученици треба да се вратат на настава со физичко присуство.
Таа рече дека организацијата на наставата е во надлежност на раководството на училиштето, а во однос на градежните активности посочи дека Министерството има коректна соработка со Општина Центар.
Според Јаневска, проектот бил предаден во архива на 18 мај, но цел месец не бил внесен во системот, по што биле потребни уште околу 40 дена за добивање одобрение.
„Јас во училиштето не ја организирам наставата. Си има директор, си има општина. Јас соработувам со сите, во корист на децата. Како директорката смета дека треба да се организира наставата, така нека ја организира“, рече Јаневска.
Министерката додаде дека, според информациите од директорката, биле обезбедени дополнителни училници и од 14 септември учениците од четврто и петто одделение треба да започнат со физичко присуство, додека останатите привремено ќе продолжат со онлајн настава.
Јаневска ги отфрли критиките на Лукаревска како популизам, нагласувајќи дека учениците не останале без настава, туку дел од нив привремено учат онлајн поради градежните активности.
„Ако не градевме, ќе прашавте зошто децата учат во две смени. Кога градиме, велите зошто градите, децата не можеле да учат. За една недела сите ќе учат со физичко присуство“, рече Јаневска.
Таа ги повика пратениците прашањата од образованието и здравството да не ги користат за партиски препукувања, туку за нив да постои поширок политички консензус.
Во контраодговор, Лукаревска рече дека очекува проблемот брзо да биде решен и ги отфрли тврдењата дека комуницирала со директорката на училиштето, наведувајќи дека првпат ја видела на телевизија на 1 септември.