Израел употребил 1.100 тони експлозив во јужен Либан, детонациите предизвикале потрес од 4,1 степен

by irena 22:53
22:53

Израел во четвртокот вечерта спровел голема воена операција на ридот Али Тахер, стратешка височинка јужно од Набатије во Либан. Силните експлозии предизвикале ударни бранови кои се почувствувале низ јужниот дел на земјата, а бил регистриран и потрес со јачина од 4,1 степен.

Според израелскиот портал „Ynet“, израелската армија соопштила дека при операцијата за уништување на, како што ја опишува, „тунелската инфраструктура“ на Хезболах на ридот Али Тахер биле употребени повеќе од 1.100 тони експлозив.

Извештаите од теренот наведуваат дека една од уништените локации најверојатно била поврзана со тунел на Хезболах во близина на Кфар Тибнит, каде што биле регистрирани три силни експлозии.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјавил дека армијата ја „уништила подземната инфраструктура на Хезболах“ на ридот. Израелските власти тврдат дека со операцијата дополнително ја зацврстиле контролата врз безбедносната зона во јужен Либан.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху, пак, изјавил дека Израел го „решава“ прашањето за гребенот Али Тахер, над кој, според него, израелските сили воспоставиле „оперативна контрола“ една недела претходно.

Детонациите биле толку силни што се почувствувале и во Саида, оддалечена околу 40 километри од областа на операцијата.

Либанскиот сеизмолошки центар соопштил дека бил регистриран потрес со јачина од 4,1 степен. Американскиот геолошки институт (USGS), според објавените информации, го регистрирал потресот во 21:08 часот по локално време, со епицентар на околу 13 километри југозападно од Набатије Тахта.

Според експертските објаснувања, тресењето на почвата не било класичен земјотрес предизвикан од природно поместување на расед, туку последица на силните детонации.

Сличен настан бил регистриран и кон крајот на јули, кога израелската војска уништила мрежа од тунели под ридот Шкиф. Тогаш, според извештаите, биле употребени околу 700 тони експлозив, а бил регистриран потрес со јачина од 3,8 степени.

По последната операција, Израел го зголемил нивото на готовност поради можност од ирански одговор, објави „Ynet“.

Во меѓувреме, израелскиот јавен радиодифузер „Кан“ објави дека нова рунда разговори меѓу Израел и Либан е планирана за 15 и 16 септември во Рим.

Според рамката на разговорите со посредство на САД, се разгледува повлекување на израелските сили од одредени области и распоредување на либанската армија, која би требало да ја преземе контролата и да работи на отстранување на воената инфраструктура и оружјето на Хезболах.

Последната рунда разговори била одржана на почетокот на август.

Според податоците на либанското Министерство за здравство, бројот на жртви во израелските напади врз Либан продолжува да расте, додека тензиите во јужниот дел на земјата остануваат високи.

Слични вести