Драган Вучиќ ширум им ја отвори естрадната врата на Силвана и Влатко, а тие ја оправдаа довербата: За 35 години јубилеј, најавен уникатен настан на Силви Бенд!

by Fokus

Со концерт со Симфониски оркестар дуото Силви Бенд ќе го одбележи својот јубилеј, 35 години на сцената. Настанот ќе се одржи на 31-ви јули во Антички театар Охрид, и е најавен како спој на традицијата и елеганцијата во едно незаборавно музичко доживување, а влезниците по цени од 600 и 800 денари веќе се пуштени во продажба.

Инаку, Силви Бенд е во состав од музичко-брачниот пар Силвана и Влатко Плевнеш, кои на сцената се појавија во деведесеттите години на минатиот век.

Нивната популарност го достигна врвот кога во 1991 година на фестивалот за забавни мелодии Макфест во Штип ја изведоа песната ,,Ангели ме носат” за која освоија трета награда од публика.

Станува збор за нумера за која легендарниот музичар и композитор Драган Вучиќ ја напиша музиката, додека текстот е на Ѓоко Ѓорѓиев, а аранжманот на Дамир Имери. Песната стана евергрин и ширум им ги отвори вратите на домашната музичка сцена на Силвана и Влатко.

Дуото ја оправда довербата на Драган, кој им намени една безвременска мелодија, и по успехот на Макфест, тие продолжија да творат, снимаат и настапуваат до денес, станувајќи познат музички бренд во земјава.

Во 2020 година пак, неколку месеци по смртта на Вучиќ, тие во негова чест ја изведоа песната за време на манифестацијата Бела ноќ во Скопје. Ја изведоа и ,,Свирете ја зајди, зајди” која исто така е негово авторско дело, а која тој ја компонираше за Олгица Христовска.

„Ангели ме носат“ ќе одекне и во Антички театар Охрид за време на нивниот јубилеен концерт, а ќе се пеат старите хитови, но и новите песни кои дуото ги сними изминативе години.

Денес, по повеќе од три децении кариера, Силви Бенд се уште настапува и снима нови материјали, а приватно Плевнеш важат за еден од најстабилните парови на естрадата. Ја имаат ќерката Деаделина, која пак минатата година го доби своето прво дете, ќерката Малика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости