Дождот го заобиколил кривопаланечко Нерав, горат сто хектари борова шума

by irena 19:32
19:32

Пожарот во кривопаланечкото село Нерав сѐ уште е активен, на терен се повеќе екипи на територијалните противпожарни единици од Крива Паланка и Ранковце, припадници на МВР, на ЈП “Македонски шуми”- подрачно шумско стопанство Осогово, помагаат и мештаните, се на помош ќе пристигнат и припадници на АРМ, информира командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски.

Според првичните проценки, опожарена е површина од околу сто хектари борова шума.

„Непристапниот терен и ветерот се главната причина што речиси и по триесет часа откако избувнал пожарот, да не можеме да го локализираме. Денес моравме да евакуираме и население и стока за да ги спасиме, за среќа спречивме ширењето да се направи кон куќите, но во овој пожар во повеќе наврати животите на пожарникарите, на моите колеги и на другите вклучени во гасењето, беа во опасност поради неконтролирано ширење и префрлање на пламените јазици. За жал дождот го заобиколи селото и не беше баш сојузник, така што, сѐ уште сме на терен и очекуваме во секој момент да пристигнат и армиските сили за помош во справувањето со огнената стихија, изјави командирот на ТППЕ Крива Паланка, Коцевски.
Пожарот избувнал вчера околу пладне, а во ТППЕ Крива Паланка е пријавен во 14 часот.

Слични вести