Четири лица се уапсени во Флорида под сериозни обвиненија за злоупотреба на девет деца, кои биле чувани во кафези. Како еден вид казна, децата биле испрскани со оцет во лицето, објавува „Скај њуз“.
Меѓу уапсените се брачниот пар Брајан и Џил Грифет и Далин и Либерти Грифет, кои се обвинети за тешка злоупотреба на деца. Жртвите се девет деца на возраст од 7 до 16 години, од кои четири биле посвоени. Според извештајот од локалната полициска канцеларија, посвоените деца биле подложени на систематска злоупотреба и неправеден третман во споредба со биолошките деца на семејството.
Злоупотребуваните деца, кога биле пронајдени, не можеле да им ги дадат на полицајците своите целосни имиња или датуми на раѓање.
Обвинителите тврдат дека децата биле тепани со стапови, им биле давани лекови без рецепт и им било наредено да лажат за ужасните настани во нивниот дом во Форт Вајт. Кога истражителите пристигнале на имотот, ги пронашле посвоените деца како вршат домашни работи додека биолошките деца си играле или гледале телевизија.
Сите деца биле згрижени и отстранети од имотот. Истрагата била покрената благодарение на пријава од лице од локална црква кое, според законот, е должно да пријави какво било сомневање за злоупотреба или занемарување на деца. Загриженоста во црквата предизвикал инцидент што се случил неколку дена пред апсењето, кога едно од злоупотребените деца било пронајдено со електричен шокер во црковниот камп.