Иако веќе подолго време се најавува реформа на системот за управување со кризи и за заштита и спасување, што, според досегашните најави, треба да резултира со спојување на две институции – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сепак, овој процес се уште е во тек и засега нема информации кога може да се очекуваат конкретни одлуки и законски решенија.
„Реформирање на системот е задача над која во моментот сè уште се работи. Спецификите на облигациите што ќе бидат предизвикани со спојување на овие две институции бараат измени во многу суштински закони што се веќе предмет на една подлабока и стручна анализа.
Целиот процес го води вицепремиерот Љупчо Димовски со соодветна динамика која е детерминирана од низа меѓуресорски, меѓуинституционални консултации, расправи и експертски мислења во интерес на изнаоѓање на најдобар модел“, велат за „Фокус“ од ЦУК.
Инаку, за потребата од ваква реформа во изминатиот период говореше и Стојанче Ангелов, кој моментално е директор на ДЗС, а на оваа позиција дојде од директорската функција во ЦУК, која ја извршување за време на претходната влада на СДСМ и ДУИ, но продолжи и по политичките промени во 2024 година, кога на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ.
–Системот со управување со кризи и цел систем што учествува во гасењето на пожарите, треба да биде комплетно реорганизиран или трансформиран. Нам ни е потребна трансформација на системот и зајакнување на ресурсите.
Но, и кога овие ресурси би биле распоредени правилно, би имале посилен ефект во борбата против огнената стихија – рече Ангелов во интервју за неделникот „Фокус“ направено во текот на летната сезона во 2024 година, кога низ државата имаше големи пожари на отворено.
Во таа насока, тој посочи дека уште додека бил директор во претходната Влада се обидел да го реформира системот, но, како што рече, не успеал од повеќе причини. Како што појасни, неговата цел била функциите на ЦУК и ДЗС да се спојат во една нова институција.
–Правиме нова структура, нова пирамида, од директор до чувар на портирница. И луѓето кои сакаат да работат во новата институција ги преземаме, зашто јас во ЦУК имам еден куп луѓе кои не работат безмалку ништо…
Ако ми беа дадени одврзани раце, ќе направев нова институција од двете постоечки. Ако јас ја предводев, иако не е важно кој ќе ја предводи, ќе направевме една жива институција, каде ќе предвидевме живи работни места.
На пример, ЦУК во Кичево има 17 вработени, а мене ми требаат двајца. Ни ги дадоа рамковните вработени и такви имам на повеќе места. Ни го оптоваруваат буџетот, немаме потреба од толку вработени.
Според мене, ако функциите на двете институции се интегрираат во нова гарантирам дека со сегашниот број на вработени на ЦУК и ДЗС заедно, па и со 100 луѓе помалку, односно со 500 луѓе би биле повеќекратно функционални.
Ни треба една реална единица за заштита, претрага и спасување. Имаме се, но не луѓе кои ќе излезат на терен и ќе гаснат, кои ќе отидат во планина да спасат човек. Ни треба една централна единица која ќе дејствува на територија на цела држава… – говореше Ангелов пред да се пресели од ЦУК во ДЗС.
Меѓутоа, 2 години подоцна, оваа реформа се уште не е завршена, туку процесот се уште се одвива под покровителство на вицепремиерот Димовски. Во врска со тоа, се обративме и до Владата, но досега не добивме одговор како се одвива процесот и кога треба да се очекуваат законски предлози?
Кога станува збор за пожарите на отворено и шумските пожари, веќе објавивме дека, според официјалните податоци, од почетокот на оваа 2026 година заклучно со јуни, односно до 1 јули годинава, регистрирани се вкупно 1.104 пожари на отворен простор.
Притоа, поголем дел од нив, односно 1.051 пожар биле на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста, деградирана шума и ѓубришта или депонии, додека 53 се категоризираат како шумски пожари.
Одговарајќи на прашањето против колку лица се поднесени кривични пријави поради предизвикување на шумски пожари и пожари на отворено во текот на оваа година и летна сезона, од МВР ни одговорија:
„Во текот на актуелната 2026 година, од страна на Министерството за внатрешни работи се поднесени 8 кривични пријави за сторени 8 кривични дела предизвикување општа опасност против 10 сторители“.
За половина година веќе се регистрирани над илјада пожари на отворено, а летото само што започна!
Колку лица годинава заработиле кривични пријави поради предизвикување на пожари?!
Влатко Стојановски