За половина година веќе се регистрирани над илјада пожари на отворено, а летото само што започна!

Од почетокот на оваа 2026 година заклучно со јуни, односно до 1 јули годинава, регистрирани се вкупно 1.104 пожари на отворен простор. Според податоците што ги доби „Фокус“ од Центарот за управување со кризи, поголем дел од нив, односно 1.051 пожар биле на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста, деградирана шума и ѓубришта или депонии, додека 53 се категоризираат како шумски пожари. Иако секој пожар носи свои ризици, сепак, како што велат од ЦУК, за најспецифични по површина и штети важат пожарите во штипскиот, светиниколскиот и велешкиот регион.

by vlatko 11:58
11:58

Од почетокот на оваа 2026 година заклучно со јуни, односно до 1-ви јули годинава (десетина дена по официјалниот почеток на летото, кое трае до септември), регистрирани се вкупно 1.104 пожари на отворен простор, покажуваат податоците што ни ги доставија од Центарот за управување со кризи.

Притоа, според овие податоци, поголем дел од нив, т.е. 1.051 пожар биле на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста, деградирана шума и ѓубришта или депонии, додека 53 пожари може да се оквалификуваат како шумски пожари.

Каква е состојбата по месеци? Во јануари биле регистрирани 38 пожари на отворен простор од пошироки размери, од кои ниту еден не бил шумски пожар, односно сите биле пожари на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста, деградирана шума…

Веќе во февруари има пораст на 46 пожари на отворен простор од пошироки размери, од кои, исто така, сите биле поврзани со горење сува трева, нискостеблеста шума, стрништа итн.

Имено, првите шумски пожари годинава се регистрирани во март, кога вкупно биле евидентирани 294 пожари на отворен простор од пошироки размери, од кои 24 пожари биле шумски, додека останатите 270 пожари претставувале горење на помала вегетација.

Следниот месец април, пак, се забележува пад на 183 пожари на отворено, од кои 23 пожари биле шумски (еден помалку во споредба со претходниот месец), а останатите 160 пожари биле на помала вегетација, ѓубришта и сл.

Ваквиот тренд продолжува и во мај, кога впрочем се регистрирани 134 пожари на отворено, од кои 2 пожари биле шумски, а останатите 132 пожари биле на сува трева, стрништа, депонии…

Што се однесува до јуни, тогаш се регистрирани вкупно 349 пожари на отворен простор од пошироки размери, од кои 4 пожари биле шумски, а останатите 345 пожари биле на сува трева, стрништа, нискостеблеста шума…

Воедно, од ЦУК ни доставија податоци и за првиот ден од јули (01.07.2026), кога всушност биле регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор од пошироки размери, од кои ниту еден не влегувал во категоријата на шумски пожари.

„Секој пожар на отворен простор има свои специфики, влијанија, ризици и можни загрозувања, штети и последици по животот, здравјето и материјалните добра на граѓаните. Најспецифични пожари по опфат (површина и штети) се пожарите во штипскиот, светиниколскиот и велешкиот регион“, ни посочија од Центарот.

Дополнително, од таму појаснуваат дека во насока на превенција и рана дојава, од нивна страна преземени се повеќе мерки и активности, меѓу кои ги наведуваат следниве:

– На Национално ниво одржани се Координативни состаноци со сите надлежни институции во врска со сезоната на пожари;

– Во рамки на сите локални самоуправи, во координација со МВР и ДЗС, одржани се координативни состаноци со сите надлежни институции на локално ниво;

– Формирани се мешовити патроли од МВР, Шумска полиција и Национални шуми кои спроведуваат контроли во рамки на шумските предели;

– Во однос на раната дојава, ЦУК во соработка со МЖСПП и соодветна компанија воспостави пилот-проект за инсталирање на паметни камери за видео надзор на 53 локации кои даваат 24 часовен мониторинг на огромно пространство на шумски предели;

– Целосна имплементација и користење од страна на повеќе институции на МАКФИС како алатка под контрола и координација на ЦУК, која исклучиво помага во носењето на процените за очекувани и можни опожарувања на соодветните пространства…

Исто така, се обративме и до Дирекцијата за заштита и спасување, но од таму досега не добивме одговори на нашите прашања, меѓу кои едно се однесуваше за ресурсите и капацитетите со кои ДЗС располага, вклучително и за ер-тракторите – колку од нив се функционални и се употребуваат на терен?

Инаку, веќе извесно време се најавува реформа на системот за заштита и спасување, која, меѓу другото, треба да резултира со спојување на ЦУК и ДЗС, меѓутоа се уште не е завршен овој процес, што се води под покровителство на вицепремиерот Љупчо Димовски.

Влатко Стојановски

Слични вести