Дизелот поскап за 50 отсто, следи бран на поскапувања: Велигден со празни чинии!  

by irena 19:48
19:48

Дизелот поскапи за 50 отсто, а институциите нудат само оптимистички изјави и „анализи во тек“. Наместо конкретни мерки за заштита на граѓаните, владата уверува дека состојбата е стабилна, додека експертите предупредуваат: ценовниот удар допрва доаѓа, а еднаш покачените цени ретко се враќаат назад. Дополнително загрижува најавата за нови поскапувања на овошјето, зеленчукот и јагнешкото месо во пресрет на Велигден – празник што традиционално се слави со полна трпеза.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Растот на цените на нафтените деривати во Македонија, како последица на растот на берзанските цени, кои, пак, растат поради војната во Иран, никако да се смири ниту по донесувањето на вонредната мерка на владата за намалување на ДДВ.

Владата, на вонредна седница, донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, што, според премиерот Христијан Мицкоски, треба да го ублажи скокот на цените на дериватите. Одлуката стапи во сила во понеделникот на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во следните две недели.

Беше прогласена и кризна состојба во следните 30 дена на цела територија на државата поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати низ целата држава. Се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и ќе ја следи реализацијата на мерките. Истовремено, сите органи на државната управа се задолжени да преземат конкретни чекори за надминување на состојбата и намалување на негативните ефекти.

Врз основа на новата пресметка со намален данок на додадена вредност, Регулаторната комисија за енергетика го покачи дизел горивото од 90 на 95,5 денари за литар, што е за 24,5 денари повеќе во однос на цената од 2 март, два дена откако избувна војната меѓу САД, Израел и Иран.

Додуша, набавувачите ја намалија и набавната цена за 2 денари, а промената на ДДВ-то од 18 на 10 отсто спречи дополнителни 5 денари поскапување. Без овие две мерки, цената на дизел горивото од кое зависи целокупната дистрибуција на основните прехранбени производи на супермаркетите, но и целокупниот товарен сообраќај, ќе беше 102,5 денари.

Но, и овие 95,5 денари се енормно зголемување од 50 отсто во однос на цената од 64 денари регистрирана за време на новогодишните празници.

Не треба да сте експерт за да процените дека ова зголемување на дизел-горивото ќе предизвика сериозни поскапувања на храната и на другите продукти, велат експертите за економија.

НАЈНИСКИ ЦЕНИ СПОРЕД ПАРТИСКИОТ ПИАР

 Сепак, 50 отсто  поскап дизел се „премалку“ за владата и министерствата надлежни за оваа проблематика и, наместо сериозни решенија, понудија пиар-одговор, кој е пишуван преку розови очила: „остварена е клучната цел, стабилизирани се залихите на горива и спречено е поскапување“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше експресно и ја пофали својата влада дека таа ќе го спречи зголемувањето на цените на производите и на електричната енергија, со што отворено призна дека пред граѓаните се нови поскапувања на храната и на струјата.

Но, за пиарот на ВМРО-ДПМНЕ е важно што Македонија има „убедливо најниски цени во регионот на горивата“.

Овие мерки носат конкретни заштеди за граѓаните, се заштедуваат отприлика околу 200 илјади евра на ден, или некаде околу милион и пол илјади евра седмично, земајќи ја предвид просечната потрошувачка на гориво, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ и додадоа дека со мерките ќе се дејствува превентивно за да се спречат економските притисоци и ќе се штитат цените на храната, транспортот и услугите.

Од опозицискиот СДСМ сметаат дека спиралата на поскапување е активирана, и покрај мерката за намален ДДВ на горивата и дека без намалување на ДДВ на храната, цените ќе продолжат да растат. Од партијата додаваат дека владата предводена од Мицкоски три недели не презела соодветни чекори за да се спречи поскапувањето на горивата од 21 денар, и со тоа директно ја активирала спиралата на поскапувања.

Половичната мерка на владата на Мицкоски за намалување на ДДВ на горивата е задоцнета и нема да донесе реално олеснување за граѓаните, се додава во соопштението на опозицијата, која бара итно прифаќање на нивните предлози за нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи и намалување на акцизите за горивата.

СНАБДУВАЧИТЕ ПОПУШТИЈА, БЕНЗИНСКИТЕ ПО НАЈВИСОКА МАРЖА

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека со одлукaта на владата и постапувањето на надлежните институции, се потврди клучната цел – спречено е поскапување на горивата и постигната е нивна стабилизација.

Со тоа, се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекина трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значеше значително поскапување за граѓаните и стопанството, велат оттаму.

Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања – од горивата до храната и услугите, нагласи министерката Сања Божиновска.

Министерството нагласува дека изборот на мерката, намалување на ДДВ, е направен врз основа на нејзиниот директен и брз ефект врз крајната цена, за разлика од други инструменти, кои бараат подолги процедури и имаат ограничен ефект.

Божиновска информираше дека, наместо до крајот на март, попустот што компанијата „Окта“ го воведе за горивата, ќе трае до 6 април. Дополнително, компанијата донела одлука за воведување дополнителен попуст од еден денар по литар за дизелот, што значи дека од денеска попустот се зголемува од два на три денари по литар. Компанијата ги направи овие потези затоа што почна да носи нафта продуктоводот Скопје-Солун (ВАРДАКС), кој почна да работи минатиот месец, со што се намалија драстично трошоците за транспорт на нафтата.

И Божиновска, како и премиерот, не заборави да потенцира дека во овој момент, Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, но дека можно е владата да донесе и други мерки, како намалување на акцизите.

Кога станува збор за акцизата, можеме да одиме со намалување од еден денар, два денари и максимум на четири денари. Тоа е доколку цените на ПЛАТ берзата се над 1.200 долари. Меѓутоа, со нашата одлука да го намалиме ДДВ-то од 18 на 10 проценти, тоа е некои шест до седум денари. Ние одбравме прво да одиме со поголемата мерка од шест до седум денари. Ние имаме план, следиме. Јас сум во контакт и со министрите за енергетика на соседните држави, секако разговараме и со Брисел, и со Австрија, и ги следиме секој ден цените и давачките и секоја земја какви мерки има. Следен чекор може да е 5 проценти ДДВ-то и финално 0, но, исто така, тука е и акцизата еден, два и четири денари, објасни Божиновска.

Во Законот за акцизи, јасно стои во кои случаи треба да се намалат акцизите. Тоа е поврзано со цените на нафтените деривати. Но, иако намалувањето е согласно законот, владата не го применува, туку, како што вели премиерот, се одлучиле на порубосно намалување.

ЦЕНИТЕ СЕ СТАБИЛНИ ЗА ПЛАТИ ОД 2.000 ЕВРА

Високите цени на нафтата го зголемија притисокот во прехранбената индустрија, посебно кај производителите на леб и пекарски производи, млекото и млечните производи, овошјето и зеленчукот, како и секоја храна што секојдневно се носи до маркетите и до маалските продавници. Причината е едноставна: кога ќе поскапи дизелот, веднаш поскапува движењето на камионите, комбињата, ладилниците и дистрибуцијата.

Покачувањето на цените во супермаркетите можеби не го чувствуваат функционерите со плати од над 2.000 евра, како што се министрите, премиерот и претседателката, но и одредени директори на државни институции. Но, обичните граѓани што живеат од минимална, па и од просечна плата, го почувстуваа инстантно веќе во првите две недели по војната во Иран.

„Фокус“ ја праша владата дали ќе се воведат мерки за заштита на потрошувачите преку замрзнување на маржите, но оттаму одговорија дека засега сè уште се прават анализи и цените за премиерот Мицкоски се во моментов стабилни.

Ве информираме дека владата постојано го следи движењето на цените на прехранбените производи и цените во овој момент, најголем дел остануваат стабилни. Владата ги анализира сите трендови и нема да дозволи неоправдани осцилации што би го нарушиле животниот стандард на граѓаните.

Во однос на евентуалното воведување мерки пред велигденските празници, како влада јасно порачуваме дека доколку се утврди неетичко однесување од страна на трговците, снабдувачите или производителите, ќе бидат преземени соодветни мерки, вклучително и интервенции во делот на маржите. Државниот пазарен инспекторат веќе е на терен и активно ја следи состојбата.

Во однос на ублажувањето на ценовниот шок од енергенсите, владата има јасен план и пристапува проактивно. Со последната мерка на владата за намалување на ДДВ-то од 18 отсто на 10 отсто, директно се влијае цените да останат стабилни без енормни покачувања. Дополнително, потсетуваме дека преку координација со дистрибутерите, владата обезбеди пониски цени за граѓаните, одговорија за „Фокус“ од владата и додадоа дека имаат подготвено повеќе сценарија и внимателно ја следат состојбата.

Ќе има засилени контроли на пазарот и секој обид за злоупотреба, вештачко зголемување на цените или брза заработка ќе биде откриен, разобличен и санкциониран, велат оттаму.

УЗУНОВ: НИКОЈ НЕ ГИ ВРАЌА ЦЕНИТЕ НАЗАД ОТКАКО ЕДНАШ ЌЕ СЕ ПОКАЧАТ

Професорот по економски науки од Правниот факултет во Скопје, Ванчо Узунов, за „Фокус“ вели дека владата мора бргу да донесе мерки за заштита на граѓаните, затоа што цените секојдневно растат во супермаркетите. Вели дека и мерката за намалување на ДДВ-то била задоцнета.

Мерката за ДДВ е задоцнета, требаше да биде многу порано применета и потребни се други мерки. Дека покачувањето на цените на дериватите ќе се одрази врз покачување на цените на сите други производи е факт. Тој не може да се случи веднаш, но ќе дојде до него.

Цената на дизелот на 5 јануари беше 65 денари, вчера РКЕ ја определи на на 95 денари. Тоа е 45 проценти за нецели три месеци и тоа не може да не ја поттикне инфлацијата.

Владата мора да размислува и на тоа дека ќе има покачување на цената кај сите дриги производи, кај некои помалку, кај некои повеќе, објаснува Узунов и додаде дека владата нема да се реши да ги замрзне цените на нафтените деривати затоа што така никој нема да сака да продава и може да се случи граѓаните да останат без гориво.

Ќе има помала понуда, а потоа побарувачката ќе се зголеми и цената ќе скокне. Со таа мерка, владата ќе треба да им компензира на трговците со деривати затоа што тие не сакаат да прават загуби, за тоа треба големи буџетски средства и мислам дека тоа владата нема да го направи, додаде тој.

Први на удар на покачувањето деновиве беа производи како јајцата и маслото, кои се покачија за 10 до 15 проценти. Потоа следуваше месото, млечните производи, како јогуртот, соковите и дел од средствата за хигиена.

Цените се покачуваат за производи што се за секојдневна потреба. Владата вика сè е добро. За владата, цените се стабилни и дека сè во ред. Тие имаат намера да прикажат една розова слика, но се свесни дека за граѓаните не е розова сликата. Мислам дека на владата никој не ѝ верува, не знам зошто нè убедува дека е добро, потенцира Узунов.

Според него, кризата од 2022 година, и оваа криза се разликуваат, но ефектите на крајот ќе бидат слични: општ пораст на цените.

Бидејќи платите нема да растат, ќе почне циклус на осиромашување на граѓаните. Не треба знаење од економија за да се сфати тоа, но треба знаење од економија кај владата за да реагира. По мое, треба да ги заштити ранливите категории на граѓани, сиромашните и оние што се блиску до линијата на сиромаштија. Тие ќе се најдат во очајна состојба. А оние што не се таму, ќе се прилагодат и ќе трошат помалку. На пример, нема да одат на луксузен одмор затоа што ќе треба да се купи храна. Ќе се прилагодат со штедење.

Мерките на владата треба да се воведат што побргу и на време затоа што кога цените еднаш ќе се покачат, никој не ги враќа назад. Потоа и да воведеш мерки, трговците ќе ги замрзнат на повисокиот износ, рече професорот Узунов за „Фокус“.

Она што загрижува е најавата и за поскапување на овошјето и зеленчукот и јагнешкото месо во пресрет на големиот христијански празник Велигден, кога традиционално, се слави со полна трпеза.

Неофицијално, се шпекулира дека за Велигден нема да има овошје и зеленчук поевтино од 100 денари по килограм.

И министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, како договорен со колегите од владата и од својата партија, вели дека ја следи состојбата и доколку има потреба, ќе реагираат.

ЗАЛИХИ НА ЃУБРИВО

 И покрај смирувачките тонови од владата, земјоделците очекуваат зголемување на цените на земјоделските производи со оглед на тоа што најголем дел од репроматеријалите се набавуваат од Блискиот Исток. Кина воведе неформално ембарго за извоз на некои ѓубрива, што може дополнително да го потресе веќе нестабилниот глобален пазар. Цената на уреата – најкористеното азотно ѓубриво, пред неколку дена поскапи на светските пазари. Дури 50 отсто од светското производство на храна зависи од вештачки ѓубрива.

Првите ефекти се веќе видливи. Според „Економик тајмс“, цените на ѓубривата растат за 10-40 отсто во краток рок, а на некои пазари, скоковите достигнуваат и над 30 отсто. Овој раст директно се прелева врз храната.

Според проценките на Светска банка, секое зголемување од 1 отсто на цената на ѓубривата може да ја зголеми цената на храната за околу 0,45 отсто. Тоа значи дека сегашните двоцифрени поскапувања веќе создаваат основа за нов инфлаторен бран во земјоделството непосредно пред пролетната сеидба.

Земјоделците се соочуваат со дилема: да плаќаат значително поскапо ѓубриво или да користат помалку ѓубриво, што, пак, води до пониски приноси и нов притисок врз цените, укажува „Гардијан“.

За мали и увозно зависни економии, како македонската, ефектот може да биде двоен: директен удар врз цените на храната (преку увоз на поскапи земјоделски производи) и индиректен притисок врз домашното производство, кое зависи од увозни ѓубрива и енергенси.

Текстот е објавен на 26 март 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.590

Слични вести