Демант и барање за јавно извинување од Орце Тодоровски до „Фокус“

by irena 09:43
09:43

До редакцијата на „Фокус“ стигна демант со барање за јавно извинување од страна на Адвокатското друштво БОНА ФИДЕ Скопје во име на нивниот клиент Орце Тодоровски кој е спомнат во новинарскатата анализа објавена на 3 април 2026 година.

Редакцијата „Фокус“ се извинува на Орце Тодоровски за објавените неточни информации во анализата од 03.04.2026 година. Објавените наводи се резултат на ненамерна грешка во новинарската анализа.

Демантот го пренесуваме во целост:

„Предмет: Барање за јавно извинување и демант

Почитувани,

Ви се обраќаме во име на нашиот клиент, Орце Тодоровски, а во врска со вашата анализа дадена преку средства за јавно информирање, односно објавена на вашиот веб портал на 03.04.2026 година во 10:30 часот, под наслов: „Анализа на ‘Фокус’: Бизнис партнери на Мицкоски и функционери на ССМ влегуваат во бизнисот со производство на струја“.

Имено, во анализата го истакнувате следното:

„Дарко Ќурчиски беше еден од обвинетите во случајот „Делчевски ниви“ заедно со Орце Тодоровски, кој е поранешен партнер во бизнисот со хидроцентрали со премиерот Христијан Мицкоски. Случајот „Делчевски ниви“, кој скандалозно пропадна со промена на исказ на сведок, претставува црна дамка на македонското правосудство, каде што беа ослободени од прогон бизнис партнери и соработници на Мицкоски.“
Притоа, изнесувате невистини и навредливи и погрешно ја наведувате пошироката маса на луѓе да заклучи дека постоел случај против Орце Тодоровски кој пропаднал со промена на исказ на сведок, односно дека Орце Тодоровски е криминалец.

Вистината е дека против Орце Тодоровски никогаш не е поднесен обвинителен предлог или обвинителен акт, ниту пак е водена судска постапка за ваков случај. Дополнително, вашата анализа само манипулативно наведува дека „случајот… скандалозно пропаднал со промена на исказ на сведок“. Дали тоа е навистина така односно причините за непокренување на судска постапка компетентно е да ги утврдува единствено Основното јавно обвинителство, кое не утврдило одговорност кај Орце Тодоровски.

Следствено, вашата објава содржи невистинити и навредливи факти изнесени пред пошироката јавност, со кои на нашиот клиент директно му се нанесува штета по честа и угледот.

Имајќи го предвид сето наведено, БАРАМЕ, согласно член 12 и 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, јавно да се извините и да ги демантирате изнесените невистини и навредливи факти, на истото место и во ист обем, најдоцна во рок од 48 часа од денот на доставувањето на ова писмено.

Понатаму, доколку се одлучите да постапите по однос на нашето барање, бараме да ни доставите писмено известување на нашата адреса: ул. Ј.Х. Џинот бр. 3, Скопје или на нашата официјална e-mail адреса: [email protected]

Во спротивно, ќе бидеме приморани да иницираме судска постапка за утврдување на одговорност за клевета и навреда, како и да бараме надомест
на штета, со што ќе бидете изложени на дополнителни судски и адвокатски трошоци поврзани со самата постапка.

Со почит,
Адвокатско друштво БОНА ФИДЕ Скопје“.

Слични вести