Де ла Фуенте: Шпанија ќе го игра својот фудбал, без провокации

by irena 15:57
15:57

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, пред финалето на Светското првенство против Аргентина изјави дека неговиот тим мора да остане доследен на својот стил на игра, бидејќи токму тоа ќе ги доближи до освојување на титулата. Финалниот натпревар ќе се игра во недела во 21:00 часот.

„Многу сум смирен и убеден дека ако останеме доследни на идејата што нè доведе овде, ќе бидеме поблиску до остварување на нашата цел. Имаме голем фудбалски потенцијал. Не би се чувствувале пријатно во расправии или провокации. Знаеме да играме фудбал, да ѝ дадеме смисла на нашата игра кога ја имаме топката, а кога ја немаме – да бидеме дисциплинирани, агресивни и брзо да ја вратиме во наш посед“, рече Де ла Фуенте.

Шпанскиот селектор истакна дека една од најголемите сили на репрезентацијата е меѓусебната доверба и долгогодишното познавање на играчите, од кои многумина ги водел во помладите репрезентативни категории. Тој додаде дека токму тоа ја прави разликата и дека атмосферата во тимот е одлична.

„Среќни сме за она што го постигнавме, но сакаме да направиме уште еден чекор и да го освоиме Светското првенство. Секоја репрезентација ќе ги искористи своите адути. Судијата е тој што мора да ги применува правилата и да не дозволи ситуации што ги надминуваат границите на дозволеното“, нагласи шпанскиот селектор, осврнувајќи се на улогата што ќе ја има 46-годишниот словенечки судија Славко Винчиќ.

Тој се осврна и на здравствената состојба на Ламине Јамал и Педро Поро, кои изминатите денови тренираа одвоено поради помали проблеми со мускулите, изразувајќи уверување дека и двајцата ќе бидат подготвени за финалето. Посебно го пофали Јамал, од кого очекува уште една врвна партија.

„Сигурен сум дека ќе одигра уште еден фантастичен натпревар на ова Светско првенство. Треба да се ослободи од притисокот за да може да ужива во играта и да го покаже својот максимум“, заклучи Де ла Фуенте.

Слични вести