Пет од шесте затворени базени што почнаа да се градат во 2020 година, се очекува да бидат завршени на крајот на летово. Станува збор за затворените базени во Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола и Штип, кои првично се предвидуваше да бидат готови во 2022 година. Но, до предвидениот рок беше завршен само базенот во Тетово, додека останатите 5 базени, според последните најави, ќе бидат завршени со доцнење од 3 години, а нивната вредност ќе изнесува 4,6 милиони евра.
„Министерството за спорт ја откочи изградбата на петте базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево кои беа почнати пред 5 години од поранешната Агенција за млади и спорт и беа оставени недовршени со реализација од околу 20 проценти. Во изминативе неколку месеци беа санирани штетите настанати поради застојот и продолжи изградбата на базените, во интерес на граѓаните, со цел тие да бидат што поскоро завршени и пуштени во употреба. Базените се очекува да бидат целосно завршени до крајот на летото оваа година“, ни одговорија од Министерството за спорт.
Од таму посочуваат дека ќе нема пробивање на финансиската рамка утврдена по политичките промени, кога некогашната Агенција за спорт се трансформираше во Министерство за спорт, така што вкупната вредност на проектот за изградба на 5 базени треба да изнесува 286.113.526 денари или 4,6 милиони евра. Ако се земе во предвид и веќе изградениот базен во Тетово, кој чинеше 700 илјади евра, тогаш произлегува дека целиот проект ќе чини 5,3 милиони евра. Тоа е над еден милиони евра повеќе во споредба со првично предвидената конструкција од 4 милиони евра дефинирана пред 5 години.
„Главната причина за пролонгирање на роковите беше тоа што претходните раководства на поранешната Агенција за млади и спорт ги почнале и ги оставиле работите без да се обидат да ги решат проблемите. Констатирани се и серија пропусти што се провлекувале во целиот процес, како технички така и организациски. Откако Министерство ги презеде работите, имаме пролонгирање за краток временски период иницирано од објективни причини. Прво, беше истечен договорот за надзор, па Министерството спроведе нова постапка и избра нови надзори во законски пропишаниот рок. Втората причина беше доцнењето на испораката на машинската опрема од странство, на што не можевме да влијаеме“, велат од МС.
Според официјални информации, двата базени во скопските општини Ѓорче Петров и Кисела Вода ќе чинат по 46.551.713 денари, при што степенот на реализација на првиот е 87 отсто, а вториот е во најнапредна фаза, со оглед дека е во степен на реализација од 92 отсто. Потоа, најнизок степен на реализација од 82 отсто има базенот во Кичево, кој ќе чини 49.431.285 денари, додека најскап е базенот во Битола, чија вредност ќе биде 50.142.873 денари, а има степен на реализација од 85 отсто. Што се однесува до базенот во Штип, тој досега е реализиран 88 отсто и ќе чини 46.735.850 денари.
„Бидејќи во меѓувреме истече важечкиот анекс, за да не дојде повторно до застој во работата, Министерството потпиша нов анекс на договорот со изведувачот Енергоинвест Трејд ДОО за довршување на работите околу изградбата на базените. Со новиот анекс се продолжува рокот за изведба на работите, во согласност со Законот за јавни набавки и другата законска регулатива. На инвеститорот му е потенцирано дека во пренесувањето на работите на подизведувачот не смее да биде надминат законскиот максимум од 30%, во спротивно ќе сноси законска одговорност и договорот ќе биде раскинат“, велат од ресорот на Борко Ристовски.
Инаку, во 2020 година тогашната Агенција за млади и спорт спроведе тендер за изградба на 6 затворени пливачки базени. Во рамки на оваа тендерска постапка, беа склучени договори со 2 градежни компании во вкупна вредност од 244 милиони денари или скоро 4 милиони евра. Една од нив беше тетовската „Еуровиа“, која за над 700 илјади евра го изгради базенот во Тетово. Но, најголем дел од колачот доби скопската фирма „Енергоинвест Трејд“, која склучи договори од 3,2 милиони евра за базените во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево, кои се уште се градат и треба да бидат готови годинава.

Меѓутоа, изведувачот „Енергоинвест“ не го реализира проектот самостојно, туку ангажирал подизведувач. Имено, како подизведувач прифатен од инвеститорот се јави „Еуровиа“, која впрочем го изгради базенот во Тетово. Притоа, банкарската гаранција не ја обезбедил изведувачот, туку подизведувачот „за сметка и корист на инвеститорот, а во име на изведувачот“. Сепак, ниту подизведувач не ги изведува работите, туку на терен работи трета компанија. Тоа е тетовското друштво „Вивинт“, основано во 2022 година, чиј сопственик е Зерафет Шефити, а управител e Садат Аљиљи.

Како што своевремено пишувавме, „Енергоинвест Трејд“ е персонално поврзана со добро познатата компанија чиј управител е обвинет за изведбата на владината фасада – „Баует БГ“, која имаше негативна референца за време на спроведување на тендерот за изградба на затворени пливачки базени пред 5 години. На крајот, поврзаната „Енергоинвест“ стапи на сцена и го доби вредниот тендер во конкуренција на уште 13 понудувачи, меѓу кои била и реномираната австриска компанија „Штрабаг“. Арно ама, таа била елиминирана со образложение дека документацијата ја потпишале со невалиден дигитален сертификат.
(АРХИВА) Газдите на „Бауер“ преку друга фирма добија милионски тендер за базени!
Пред неколку месеци, пак, објавивме дека и годинава „Бауер БГ“ имаше негативна референца и воедно блокирана банкарска сметка, додека забрана за учество на тендерска постапки истовремено имала и поврзаната „Енергоинвест“. Конкретно, и двете компании имаа негативни референци со времетраење од 30.12.2024 до 30.06.2025 година. Причината била необезбедување на гаранција за квалитетно извршување на работите.
Патем, забраната ја издала Општина Гази Баба, од каде не информираа дека „Енергоинвест“, како носител на конзорциум каде членувал и „Бауер“, не доставила целосни банкарски гаранции, односно тие биле „ненавремено и некомплетни доставени“. Арно ама, обелоденивме дека токму на истиот ден кога е изречена оваа забрана за учество на тендери, истото друштво склучило двегодишен договор со Јавното претпријатие за државни патишта за одржување на објекти вреден 480 илјади евра, каде се барала банкарска гаранција од 5 отсто.
Влатко СТОЈАНОВСКИ