Груевски и Ердоган како авторитарни близнаци!?

by fokus

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен во Фокус број 1030 од 3 јули 2015 година

Можеби сите популисти не се исти, ама функционираат по иста шема. Тие ја окупираат државата, изедначувајќи ја со партијата, медиумите ги држат во силна прегратка оти насушна потреба им е да ја шират својата вистина. Од друга страна, секој полнокрвен популист ги прогонува критичарите, ги затвора и ги казнува опозиционерите и, безмалку, 24/7 штанца непријатели како на фабричка лента. Во сите овие описи и пописи на популистичките дострели, секако, го детектиравте Никола Груевски. Меѓутоа, фрапантно е колку слични или исти детали, реакции, фрази и потези ќе препознаете во владеењето на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган

Пишува: Јадранка КОСТОВА

Можеби сите популисти не се исти, ама функционираат по иста шема. Тие ја окупираат државата, изедначувајќи ја со партијата, медиумите ги држат во силна прегратка оти насушна потреба им е да ја шират својата вистина. Од друга страна, секој полнокрвен популист ги прогонува критичарите, ги затвора и ги казнува опозиционерите и, безмалку, 24/7 штанца непријатели како на фабричка лента. Режимот, нели, се потпира токму на опасноста од предавниците.

Инаку, својот поход кон власта авторитарните популисти го стартуваат со критика на корумпираните противници дека државните институции ги претвориле во партиски сервис. Но, потоа владеат токму според теркот што го критикувале. Кога ќе ја зграпчат власта, го прошируваат и го надградуваат сето она од што како опозиција се згрозувале. Ама, благодарение на гебелсовската пропагандна машинерија, подмачкана со многу пари, сето тоа сега се пласира како голема реформа, некаква дури и преродба.

Откако ќе се опијат од сета моќ во нивните раце, ја поништуваат поделбата на власта. Државните служби се поле што треба да го ораат партиски послушници во замена за лојалност. Политиката на популистите крајно го поларизира народот. Граѓанството го делат на патриоти, оние што ги поддржуваат, наспроти предавниците кои по правило се критичари на режимот. Секој што е против водачот е автоматски и против народот.

МАЧКА ВО ТРАФОСТАНИЦА

Во сите овие описи и пописи на популистичките дострели, секако, го детектиравте Никола Груевски. Меѓутоа, фрапантно е колку слични или исти детали, реакции, фрази и потези ќе препознаете во владеењето на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган. Авторитарните популистички режими вообичаено траат долго, па Ердоган е веќе 12 години на власт. Подолго како премиер, а од лани се префрли на претседателската функција. Груевски, пак, има 9 години премиерски стаж, ама и 4 години министерски, во владата на Љубчо Георгиевски.

Заедничко е и тоа што секоја победа, ама и „победа“ ги вознесува да освојат сѐ, да добијат уште повеќе. Откако лани Ердоган победи на претседателските избори со околу 52 отсто, само за неполна година, беше понесен со идејата Турција да ја претвори во претседателски систем, веројатно убеден дека без мака ќе освои двотретинско мнозинство, неопходно за промена на Уставот. Не успеа, дури за првпат го изгуби и мнозинството во парламентот, иако неговата партија освои најмногу гласови, 40 отсто.

Не треба многу објаснување како ДПМНЕ постојано реди колку победи во низа имале за колку години. Дури и во 2013 година, по локалните избори, кога само 4 општини им останаа неосвоени, од славеничкото обраќањето на плоштадот ветуваше дека и Центар ќе го освојат следниот пат. Иако потоа со апсењето на „Претседавачот“ успеа да ја пореметат опозицијата. Тука веќе волјата на народот не ја есапеа.

erdogan

„Бомбите“ открија и каков сѐ изборен инженеринг од корупциски и криминални акции биле користени во последните неколку изборни циклуси. Критичарите на режимот на Ердоган, пак, се сомневаа во неговата висока победа на ланските избори, затоа што токму за време на броењето гласови снемало струја. Власта дала прозаично објаснување дека „мачка влегла во трафостаницата“.

Груевски победата во 2006 година ја извојува со имиџ на политичар посветен главно на економијата, потоа се посвети на антиката, барокот и на патриотските некакви мантри. Ердоган, пак, ја стекна популарноста на бранот на економскиот успех. Турската економија процвета, џи-ди-пи-то порасна за трипати во однос на она што беше пред една деценија, (но за споредба, кинескиот џи-ди-пи порасна за шестпати во истиот период).

Сепак, работите се сменија. Во последниве години, турската валута, лирата доживеа голем пад на вредноста. Растот на БДП паднал на само 3 отсто, а бројот на невработените се зголемил. Малите и средните претпријатија се преоптоварени поради големиот притисок на владата врз нив. Странскиот и домашниот капитал излегуваат од Турција.

Оттаму, звучеше пророчки прогнозата што неколку месеци пред јунскиве избори ја даде еден од критички настроените новинари:

„Ако економијата продолжи да паѓа, а ниту една мачка не влета во трафостаница, АКП во јуни би можел да изгуби или да има многу помалку гласови“.

Со други зборови, авторитарните режими се темелат на многу пари, масовен клиентелизам и на страв од одмазда. И при голема наезда на рецептури што нудат лесни решенија за демонтажа на популистичките лидери, сепак формулата е многу покомплексна, бара време, пари и трпение. Зашто, како што коментираше еден турски аналитичар за партијата на Ердоган, „доколку замине во опозиција, ѝ се заканува неизвесна судбина со непознати последици“. Ова особено траорно може да биде за лидерите зад кои како опашка се влечат низа корупциски скандали, карикатурално забошотувани од клиентелистите обвинители.

А еве сега дел од работите кои бајаги ги прават Ердоган и Груевски да наликуваат како авторитарни близнаци!

ЕРГЕНEКОН И ПУЧ

Во Турција од 2008 се водеше судски процес против 254 лица, наречен „Ергенекон“, за наводно поттикнување вооружена побуна против Ердоган и неговата Партија на правда и развој и за предизвикување политичко насилство. За опозицијата „Ергенекон“ беше монтиран политички судски процес за да се заплашат противниците на режимот:

„Во ова судење, главен обвинител е премиерот Ердоган. Сведоците се тајна. Доказите се фалсификувани“.

По 5 години беа осудени лидер на партија, пратеници, писатели, новинари, академици и адвокати.

Владеењето на Груевски, исто така, изобилува со политички мотивирани судски процеси. Еден лидер на партија е в затвор (Бошкоски), други се осудени за клевета (Петковски, Заев), а врв на правниот циркус е обвинението за „Пуч“ против лидерот на опозицијата за наводно насилство врз премиерот.

ТЕЛЕФОНСКИ ЗА МИТО

Пред изборите и во Турција лани одекнаа снимки од телефонски разговори во кои министри разговараат за мито. Автентичноста на снимките не беше оспорена. Министрите експресно поднесоа оставки. Но, се повикаа на пратенички имунитет, благодарение на парламентот нема кривично да одговараат.

erdogan

Кај нас слушаме за провизии, за разни други злоупотреби, но кривичните лежат во обвинителските фиоки, што му доаѓа како да имаат имунитет. Оставки поднесоа Јанкулоска, Мијалков и Миле Јанакиевски, ама по многу „бомби“, особено по кумановската акција.

БЕЛИ ПАЛАТИ И МЕРЦЕДЕСИ

Лани на Денот на републиката, Ердоган како претседател се пресели во новата претседателска палата во близина на Анкара. Таа полуофицијално е позната како Ак Сарај (Белата палата), но опозицијата ја нарекува често Кач-Ак сарај (качак – незаконски, прошверцувано). Како што ние си имаме Бела палата, односно новата бела владина зграда на наш Грујо.

Палатата има 300.000 квадратни метри, т.е. 1.150 соби. Цената требаше да биде 615 милиони долари, но наводно (нема официјална бројка) е двојно повеќе платено. Како што градбите на Груевски се секогаш двојно или тројно поскапи.

Останува енигма дали палатата што требаше да никне на Водно, за која слушнавме од бомбите, била замислена да биде бела. Но, ѕидот што требаше да го заштити од народот барем беше во план.

А кога сме кај раскошот, и Ердоган има службен „мерцедес С-600 гард“, ист како на Груевски. Разликата е што турскиот претседател не го крие… ем не знаеме дали има масажер во неговиот!mercedesot-na-erdogan

СПРАВУВАЊЕ СО МЕДИУМСКИТЕ „НЕПРИЈАТЕЛИ“

Екрем Думанли, главен уредник на најтиражниот весник „Заман“, беше приведен од полицијата на 14 декември 2014 година. Интересно, но  „Заман“ долго време имал разбирачка за политиката на Ердоган. Откако се случи ескалација на протестите во паркот Гези, плус беше откриена голема корупција во АКП и, конечно, се разидоа Ердоган и Фетулах Гулен, „Заман“ стана најжестокиот критичар на политиките на Ердоган.

Се сеќавате дека Велија Рамковски и неговите медиуми прво сесрдно го поддржуваа Груевски. Откако уредувачките политики направија жесток пресврт, го уапсија, а потоа беа затворени сите негови медиуми.

АПСЕЊЕ НОВИНАР ЗА СТАРИ ТЕКСТОВИ

Интересно, но уредникот на „Заман“ е притворен во 2014 година за две колумни и за една вест објавени во 2009 година. Осомничен е за организација и за раководење со терористичка група. Со други зборови, тоа му доаѓа како терорист без оружје!? Во спорните текстови било пренесено предупредувањето на Гулен до неговите следбеници, да внимаваат терористички групи да не им подметнат оружје.

Со иста временска дистанца, Томислав Кежаровски беше уапсен во 2013 година, а потоа и осуден за откривање идентитет на заштитен сведок во текст објавен пред 5 години.

prislusuvanje Gruevski

НАРОДОТ, ПА НАРОДОТ

Изборната кампања на Ердоган беше водена под мотото „народна волја, народна моќ“. И кога во 2014 година ја прифати кандидатурата за претседателски кандидат, коментираше: „Ние сме народ. Кои сте вие?“

Дури смета дека поддршката од народот го заштитува од квалификацијата диктатор. Така, кога светски познати интелектуалци, меѓу кои Шон Пен, Сузан Сарандон, Дејвид Линч, Венеса Редгрејв, во отворено писмо го обвинија дека се однесува како диктатор и го исмејуваа дека со контрамитинзи се обидува да ја докаже поддршката на народот, Ердоган реагираше дека не може да се нарече диктатор оној што е избран со преку 50 отсто поддршка од народот.

Не треба посебна елаборација како Груевски во истиот дух се затскрива зад народот. Како ја толкува секоја победа или „победа“, сеедно! Неодамна колегата Сашо Орданоски изброја дека во настапот при промоцијата на новата партиска палата, Груевски дури 39 пати изговорил народот! Зборот граѓанин изгледа им е предавнички!?

СОГЛАСНО ЗАКОНОТ

Директорот на турската телевизија Самањол е во притвор затоа што во една сапуница на телевизијата била спомената терористичка група! Но, „согласно законот“, а законите ги менуваш како сакаш, кога имаш послушно мнозинство, државата може да преземе медиум доколку челникот е поврзан со тероризам.

За да биде согласно законот, владејачкото мнозинство во Собранието, во 2011 година изгласа зголемување на членовите на Советот за радиодифузија од 9 на 15. И така, со мнозинството обезбедено со законска, а математичка операција, потоа „согласно законот“ можеше да згасне и ТВ А2.

ПОВИК ПРОТИВ МЕДИУМИ

Во кампањата за претседателските избори, Ердоган им порача на следбениците да не купуваат „Заман“. Им се заканувале на фирмите дека лошо ќе поминат ако се огласуваат во тој весник. Тоа што групацијата што го издава весникот „Хуриет“ им дала поддршка, потоа била опсипана со даночни казни.

Груевски во 2010 година јавно, од митинг, порача да не ѝ веруваат на А1 телевизија. МВР повика граѓаните да ја тужат. Потоа наеднаш почнаа да се откажуваат огласувачите на А1 телевизија.

БРОТЧЕ И СТАНЧЕ

Во 2011-та, непосредно пред изборите, опозицијата го обвини Ердоган дека неговиот 28-годишен син си купил товарен брод, долг 96 метри, вреден 2,1 милиони долари. Запрашан од каде му се пари на синот, кој наводно студирал на Универзитет со стипендија платена од бизнисмен близок на власта, Ердоган ноншалантно прво го намали значењето на зборот „брод“ и го нарече бротче. Или на турски не е „геми“, туку „гемиџик“. Ова е еквивалент на нашите преродбенички „стан со СКРОМНА квадратура“.

Потоа Ердоган ја искара опозицијата да не пуштаат такви афери, туку да се концентрираат на нивниот низок рејтинг. Еквивалент на преродбеничката логика „не е точно дека крадеме, а дури и да крадеме, за тоа нема лице да збори опозицијата, која нема поддршка кај народот“

ЛИНК СО МЕДИУМСКИТЕ „НАЧАЛНИЦИ“

И во турските „бомби“ има телефонски разговор како Ердоган му наредува на челникот на една приватна телевизија да исфрли прилог во кој се критикува владата. Тој не демантираше, ниту се вадеше со финтата „сечени, лепени, монтирани“, туку изјави дека е нормално да контактира со директори и со уредници. Дури 60 отсто од медиумите се под негова контрола.

Во нашите „бомби“ има повеќе разговори каде што се креираат содржините во вестите на Сител, Канал 5 и на останатите провладини медиумски куќи.

СЕЧИ, ПА ЗАСАДИ

Кога беа протестите во паркот Гези, против сечењето дрвја за да се гради на тоа место, т.е. да се обнови одамна урнат историски објект „Касарната Таксим“ (аналогија на обнова на Офицерски дом под Грујо), Ердоган изјави дека неговата влада, за десет години владеење, насадила ни помалку, ни повеќе туку 2,8 милијарди дрвца. Турција има околу 78 милиони жители, па тоа се 36 дрвца по жител. Веднаш потоа најави акција за садење 400.000 дрвца како израз на „национална волја“.erdogan-sadi-drvce

Гревски тука е шампион. Акциите од калибарот „Засади ја својата иднина“ останаа без одговор колку милиони дрвца се засадени, колку пуштиле корен, а колку пари се потрошени. Истовремено, само во Скопје се „заклаа“ едно чудо дрвја за градежните афинитети на пастирот.

ЕМ АНТИКА, ЕМ ПОРТОКАЛОВО

Антиката, освен на Грујо, омилена тема му е и на Ердоган. Толку многу што официјалната претседателска почесна гарда, облечена уште од времето на Ататурк во нормални, во западен стил војнички униформи, ја замени со 16 гардисти облечени секој во костими на војници на по едно од 16-те турски царства низ историјата.erdogan garda

Оваа гарда првично беше подложена на потсмев од страна на турската јавност, но кога деканот на медицинскиот факултет на универзитетот „Памуккале“ на Твитер праша „Која од турските империи ја претставува гардистот облечен во бањарка?“, беше принуден на оставка од функцијата, тврдејќи дека добил смртни закани.

А како што лидерството на Груевски во ДПМНЕ почна со бојадисување на партијата со портокалов имиџ, така и логото на партијата на Ердоган е портокалова светилка. Со портокалова боја се бојат оние изборни единици и делот од дијаграмот на изборите, кога се означува каде и колку добила партијата на Ердоган.ak-logo

Поврзани новости