Дали Ахмети покрај со „свежа крв“ ќе ги ресетира „интегративците“ и со нов правец на дејствување ?!

На вчерашното изборно собрание на партискиот огранок во Куманово, лидерот на ДУИ Али Ахмети за првпат ја најави можноста за отстапување од лидерската позиција и приклучување кон ветераните на партијата. Откако детално опиша дека во последните шест месеци е направена коренитa промена во партијата и во раководството и партиските ограноци. „Фокус“ уште во декември пред партискот конгрес, пишуваше дека ќе се случуваат вакви темелни партиски промени, откако после 20 години власт, по 2024 година отидоа во опозиција, а на локалните избори лани ги загуби речиси сите поголеми упоришта во директната битка со ВРЕДИ

by jadranka 16:31
16:31

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1576 од 15.12.2025 година 

Пишува: 

Зоран ФИДАНОСКИ  

Изборниот неуспех на ДУИ на последните локални избори одржани во втората половина од октомври, ја отвори портата за посериозни поместувања во Мала Речица. Без разлика, што и денеска да ги прашате за првичен коментар поддржувачите на „интегративците“, што постигнале на изборниот натпревар, најчесто ќе ви одговорат – победивме, затоа што освоивме повеќе гласови од нашиот политички конкурент ВРЕДИ, повеќе од евидентно беше потфрлувањето во речиси сите поголеми градски средини – кои со години важеа за нивни „бастиони“. Загубија во Струга и Дебар, катастрофално беа поразени во Тетово со повеќе од пет илјади гласови разлика, го предадоа и Кичево по 20 години, а целосно загубија и во Скопје – во Сарај и, во директниот судир во Чаир меѓу Бујар Османи и Изет Меџити, кандидатот на власта убедливо победи. Во нивни раце останаа некои од помалите општини како Липково и Пласница кои, реално, се слаба утеха На ред, на почетокот од идната година остануваат уште Гостивар и Врапчиште, каде заедно со Центар Жупа и Маврово-Ростуше, ќе се одржат повторени избори, по неуспешните во октомври, поради неисполнет цензус. И, каде има можност за каква-таква рехабилитација и шанса во рацете да се има и една поголема градска средина. Но, и во двете општини кандидатите не се изворно од редовите на Мала Речица, туку од коалицискиот партнер – Алијанса на Албанците од крилото на Арбен Таравари.

КОРЕНИТИ ПРОМЕНИ

Ваквата разврска на настанатие го принудува Али Ахмети како неприкосновен лидер и авторитет во  ДУИ за коренити промени во нивните редови. Како од кадровски аспект, така и со евентуална промена на насоката на дејствување и заземање на нов курс, што ќе го извлече бродот од сегашната положба во која е сега и ќе го однесе во други води во правец кои, се надеваат, на крајот ќе ги врати на победничка позиција. Партијата која над две децении од 2002 година до лани беше неприкосновен политички претставник на македонските Албанци во власта (освен кусиот период од 18 месеци во 2006-2008, кога владејачка беше ДПА на Мендух Тачи), сега се соочува со првиот сериозен испит – како да се преживее, но и да се излезе посилен во најавениот период од 3-4 години во опозиција. Ако, се земат предвид најавите од премиерот Христијан Мицкоски дека нема потреба од изборно соочување пред целосниот истек на мандатот добиен лани. А, тоа со други зборови значи дека нема парламентарни избори до 2028 година.

Дотолку повеќе што, слабиот изборен резултат сериозно ги разбранува и односите во опозициската коалиција – „Национална алијанса за интеграција“, позната и како Европски Фронт, а предводена токму од ДУИ. Крилото на Алијансата на Албанците предводено од Зијадин Села веќе се изјасни дека ја напушта опозициската коалиција и во иднина во Парламентот ќе делува како независна група. Од нив се оддели и пратеникот Илир Демири кој најави дека во иднина ќе делува како независен, а од порано ги напушти и ДПА со Мендух Тачи. На тој начин, целокупната опозиција од албанскиот политички камп во македонскиот парламент станува уште повеќе фрагментирана. И, како што велат политичките злобници, полесна за пазарење за потребите на власта.

Токму затоа конгресот што треба да се одржи во сабота во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, може да значи и почеток на нешто што, со речникот на инфоматичарите може да се нарече, ресет на партијата неопходен за идното политичко дејствување. Иако, потпретседателот и гласноговорник на партијата Арбер Адеми во разговор за Фокус го потенцира моментот дека „тоа што е одлика на ДУИ е нејзината конзистентност низ годините по сите стратешки прашања. Вреди да се вложиме за сите вредности за кои се боревме досега – целосна интеграција на државата во ЕУ, но, во исто време, интегрирање на сите заедници во општеството на рамноправни и правични основи. ДУИ е државотворна партија и сите нејзини политики и ставови кои се предмет на предрасуди, на крајот се покажале како вистински кои носат подобро утре за сите граѓани“, вели тој.

„ЦРВЕН КАРТОН“ ЗА НЕКОЛКУ ДОЛГОГОДИШНИ ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ 

Адеми не сакаше да прејудицира какви кадровски промени ќе има и кои одлуки ќе се донесат на саботниот конгрес, но потврди дека лидерот Ахмети има целосно одврзани раце да ги направи. Дел од медиумите на албански јазик во земјава веќе пишуваат за расчистување со дел од раководните структури во партијата кои егзистираат од формирањето на партијата – практично од 2002 година. Според она што веќе го објави порталот„Тетова сот“ метлата на Ахмети со сигурност ќе опфати, како што стои во написот – седум истрошени и компромитирани кадри во врвот на партијата – Фатмир Дехари, Муса Џафери, Џеват Адеми, Теута Арифи, Садула Дураку, Рамиз Мерко и Реси Абдурахмани. Личности кои со години важеа за најблиски соработници на Али Ахмети, но и имиња за кои беа поврзани различни афери и скандали од поголем или помал обем или со големо потфрлање во обавувањето на функциите на кои се наоѓале. Порталот наведува и дека лидерот на ДУИ разбрал оти без отстранување на истрошените и компромитирани личности во очите на јавното мислење, вистинската реформа е невозможна. А, токму овие личности, со нивната политичка долговечност, сериозно го оштетле имиџот на партијата во јавноста. Исто така, се наведува и дека списокот за „отстрел“ не е конечен и може да вклучи и други имиња.   Нивното заминување од раководната структура ќе се смета за прв сериозен сигнал за длабока реформа и за изградба на пофункционална и посигурна партија.

Всушност, кадровските промени во партиското раководство и внесувањето на “свежа крв“ и нова енергија во лицето на млади, амбициозни и пред се некорумпирани личности, се очекува да биде со поширок опфат. Според информации на „Фокус“ од доброупатени избори во случувањата кај „интегративците“ од поекспонираните имиња  засега како сигурни и во новиот состав на раководството може да се сметаат – Бујар Османи, за кого се зборува дека ќе биде десна рака на Ахмети на потпретседателската позиција, Фатон Ахмети (но, не повторно како партиски генерален секретар), потоа Арбер Адеми, Арбана Пашоли, Фатон Положани, Бајрам Реџепи, Валдет Џафери и Еркан Арифи. За нив, неподелен е впечатокот дека – без оглед на исходот од последните локални избори – целосно и во континуитет се вложиле за партиската кауза. На сите останати членови на Централното претседателство, Ахмети најверојатно ќе им се заблагодари и ќе ги замени со други. Се очекува Ахмети да интервенира и во партиските ограноци, каде што ќе се направат промени во нивните водства. Тоа значи еден добар дел од актуелните локални партиски челници да бидат заменети со нови личности, со цел ДУИ да се обиде да врати како доминантна сила на следните избори и да се претстави како партија што ја одликува нова енергија и политички кредибилитет.

СВРТУВАЊЕ КОН СЕБЕ

Освен ова, во сабота во „Александар Палас“ може да се донесе одлука за нов, тематски конгрес што би се одржал во скоро време. На таквиот конгрес – треба да се искристализираат идните правци за дејствување. Во ДУИ, вели изворот на „Фокус“, се свесни дека геополитичката сцена се менува со голема брзина, особено по убедливата победа на Доналд Трамп на последните претседателски избори во САД. Неговото претседателствување досега како да стана „тригер“ за сериозен подем особено на популистичката десница во Европа и пошироко која има постојан тренд на раст и зајакнување, наспроти левицата која е во константен пад. Ако, се следи ваквиот тренд, тогаш не се исклучува можноста за идеолошко „кокетирање“ со популизмот одвреме-навреме, доколку тоа даде придонес за враќање на загубената доверба меѓу гласачите.

Истовремено, нема да се бараат коалициски партнери во македонскиот блок по секоја цена. Нарушените односи со долгогодишниот партнер – СДСМ, веднаш по парламентарните избори минатата година, оставаат простор, барем засега, за свртување кон себе. Тоа значи повеќе самостојно дејствување и директно и непосредно контактирање со граѓаните, запознавање и помош во решавањето на нивните секојдневни пролбеми и потреби. Се со цел, да се врати загубената доверба која е очигледна во овој момент.

Иако, Адеми остава простор за идна политичка соработка. Како што вели – „Ние сме конзистентни во кој правец треба да оди државата, така што сите партии кои сметаат дека треба да се реализираат истите цели – полноправно членство покрај НАТО и во ЕУ, како и изградба Македонија во модерно општество кое ќе ги интегрира сите заедници што живеат во него, може да не сметаат за партнер. Во спротивно, треба да поработиме заедно за да се разберат овие наши ставови на вистинскиот начин“.

Ваквиот став кореспондира со она што лидерот на СДСМ Венко Филипче го изјави во интервју за „360 степени“ во кое говорејќи за можностите за поширокот политичко обединување, нагласи дека социјалдемократите се отворени за разговор со сите политички субјекти, но само врз јасно дефинирани стратешки позиции. Ако се земе предвид антагонизмот што владее меѓу ДУИ и владејачјките партии пред се ВМРО-ДПМНЕ, тогаш можно е во идниот период да се направи обид двете опозициски партии со нови раководства да ги приближат ставовите одредени прашања во доволна мерка за да можат да соработуваат.

По саботниот конгрес првиот тест за најавениот нов раководен состав на ДУИ, како што веќе кажавме погоре, се повторените локални избори. Во Гостивар како опонент ги чека долгогодишниот нивен висок партиски функционер и некогашен градоначалник Невзат Бејта. Добра можност, како што вели Арбер Адеми, да се расчисти со ликови кои се залагаа за промени кај „интегративците“, а 20 години беа на високи партиски и државни позиции. Со јасна алузија за трансферот на Бејта во редовите на ВРЕДИ. Во Мала Речица очекуваат сигурна победа и таму и во Врапчиште. Резултат што, сметаат, ќе биде вистински мотив за почеток на сериозна внатрепартиска консолидација.

Слични вести