Најголемиот конфликт во Европа, а воедно и најсмртоносниот за Русија, од Втората светска војна наполни четири години – и влезе во петтата.
Досега, во него се изгубени стотици илјади животи, и воени и цивилни, како и територија и пари потрошени за одбрана.
Војната, исто така, ја преобликува глобалната економија, при што Русија се соочува со невидени санкции. Во текот на четирите крвави години, беа изгубени многу луѓе, територија и пари, а проценетите бројки се огромни.
Бројот на жртви – мртви, повредени и инвалиди – варира во голема мера. И Русија и Украина презентираат бројки кои ги зголемуваат загубите на непријателот и ги намалуваат нивните. Сепак, тие даваат некаков приказ.
Се проценува дека руската војна во Украина предизвикала вкупно околу 2 милиони воени жртви, пишува „Ал Џезира“.
Украинскиот Генералштаб проценува дека минатата година околу 418.000 руски војници биле убиени или ранети, со што вкупниот број на нивните жртви во војната достигна нешто над 1,25 милиони. Украина процени дека Русија имала уште 31.680 жртви овој јануари.
Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) минатиот месец соопшти дека од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година до декември 2025 година, Русија претрпела околу 1,2 милиони жртви, вклучувајќи најмалку 325.000 смртни случаи.
„Овие бројки се извонредни. Ниту една голема сила не претрпела ни приближно ваков број на жртви или смртни случаи во која било војна од Втората светска војна“, се вели во извештајот на CSIS.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски овој месец изјави дека 55.000 нивни војници биле убиени во целата војна.
Според CSIS, Украина претрпела до 600.000 жртви, од кои 140.000 загинале.