Билјана Ивановска: Независните кандидати се сериозна можност за промени во општеството

Билјана Ивановска која на јавноста и е позната по нејзината борба со корупцијата, како поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, сега е кандидатка за градоначалник на општина Центар од ,,Независни заедно“.

by irena 18:21
18:21

Во интервју за Фокус говори за нејзините планови доколку добие шанса да ја води општината, за главните приоритети во општина Центар, за урбаниот хаос и загадениот воздух, но и за тоа како независните кандидати ќе влијаат на резултатите од овие локални избори.

  • Се одлучивте да се вклучите во кампањата и да се кандидирате за градоначалник на Центар како дел од ,,Шанса за Центар” и ,,Независни заедно”. Кои се вашите главни цели за општина Центар и што ќе промените доколку ја добиете шансата да станете градоначалник на оваа општина?

Mојата мисија и најголемиот мотив секогаш ми биле насочени кон борба против корупцијата која, за жал, ни го уништува општеството и ни го намалува квалитетот на живот. Истите овие мотиви ме водат и сега, сакам да покажам дека вредностите на правдата, интегритетот и јавниот интерес, кои ме водат низ животот, можат да се преточат во конкретни локални политики за подобар и поздрав живот.

Транспарентноста во работењето е најголем противник на корупцијата, па така првата цел ми е општината да стана целосно транспарентна, а преку современите дигитални алатки да им овозможи на граѓаните навремено да ги следат одлуките кои се носат во оптшината, бидејќи тие го дефинираат квалитетот на нивниот живот. На тој начин граѓаните не само што ќе бидат информирани туку ќе можат да се вклучат во креирањето на идни политики, и да придонесат кон креирање на нова додадена вредност. За мене многу е важно граѓаните да почувствуваат заедништво и солидарност едни кон други, и да создааваат креативна заедница во која ќе бидат среќни, со зајакнато чувство на припадност и грижливост кон нашата околина.

  • Периодов граѓаните на Скопје повторно дишеа загаден воздух поради пожарите во дивите депонии кај Вардариште, депонијата Дрисла а потоа и пожарот во Трубарево. Какви мерки треба да се преземат за да се подобри загадувањето на воздухот?

Иако ќе бидам градоначалник на Центар ќе инсистирам на соработка со сите надлежни. Загадувањето е за цел град и по ова прашање не смееме да се делиме ниту смееме да правиме отстапки. Имам во план хигиената на Центар да биде на сосема друго ниво. Наталожените нечистотии, отворените градилишта, нечистите улици со песок и децениска прашина да бидат чисти, но тоа ќе мора да се направи на ниво на цел град за да осетиме разлика.

,,Шанса за Центар“ имаше минатата година една многу интересна мапа на државни институции кои се греат на мазут. Во која и општина да се наоѓаат сите дишеме ист воздух. Мора да се има заедништво и откако ќе поминат изборите да ги надминеме ситните интереси и да го претвориме Скопје во метропола. 

Врз основа на резулатати од извршени анализи, најнапред треба да се изврши лоцирање на загадувачите а потоа да се преземат сериозни мерки за нивно намалување. Пример, ако анализите покажуваат дека главни загадувачи се индустриските капацитети, возилата и домаќинствата, мерките треба да се насочат кон безусловно поставување соодветни филтри согласно стандардите за заштита на животната средина, кон примена на мерки за намалување на возилата, преку подобрување на јавниот превоз или пак подобрување на условите за користење на превозни средства кои не загадуаат, како и кон намалување на потребите на граѓаните да се греат на дрва, јаглен и слични видови огрев, при што особено да се води сметка, односно да се преземат соодветни мерки и за социајално ранливите категории кои палат се што ќе им дојде до рака за да се стоплат. 

Имајќи предвид дека пожарите што ги споменавте се предизвикани од човечки фактор, намерно или од невнимание, сметам дека треба, пред се, да се намалат ризиците за појава на вакви катастрофи и тоа преку изградба на соодветна современа депонија и обезбедување на просторите каде се чуваат лесно запаливи материи, но и преку подигање на свеста на граѓаните кои за жал се осмелуваат да прават ваков вид штета од која сите ги чувствуваат последиците. 

  • Неконтролираното градење во изминативе години стана една од главните причини која го загорчува животот на Скопјани. Рековте, во вас урбаната мафија нема да најде сојузник. Како ќе се борите со урбаните моќници?

Градењето значи развој за една општина или Град, и тоа треба да си продолжи, но само со почитување на стандардите кои обезбедуваат квалитетен живот. Има пропишани стандарди за градење, за животна средина, за зеленило, кои за жал кај нас досега не секогаш се почитуваа, најмногу поради коруптивни побуди и задоволување на лични интереси. Ако се вратиме во времето како се донесоа ДУП – овите во Центар во 2012 година, и како понатаму се реализираат, намерите на поединците испливуваат на површина. 

Се надевам дека после сите пробиени термини ќе добиеме нов ГУП, кој ќе дава една поинаква перспектива на градот, а со тоа и на Центарот. 

Правила постојат, треба да се почитуваат. Има правилник за ширина на тротоар, има правила за заштита на градилиште, има правила дека камион не смее со прљави гуми да излезе од градилиште. Се ова го загадува Центар, но и целиот град. Дава една грда слика на негрижа и немање љубов спрема Скопје. Може да не го сакаат Центар и Скопје, ама ќе ги почитуваат правилата од прв до последен.

  • Дали независните кандидати ќе им ги поматат сметките на големите партии на локалните избори?

Нема независните да им ги поматат, ќе им ги поматат граѓаните кои во независните кандидати гледаат сериозна можност за промени. Независните растат органски, полека, без никаква помош од никого без никакви средства за кампања или делување. Тоа се луѓе кои го даваат своето слободно време и експертиза за да ги поправат работите од едната или другата партија која постојано се менуваат на власт. Особено на локални избори, своите избраници ги среќаваш на улица. Не е сеедно, не те штити парламентот. Во општина Центар последниве 4 години Советот немаше ничиво мнозинство па не беше блокиран како град Скопје. Сепак ние сме соседи. Не велам дека немало опструкции и непринципиелни коалиции.

Независните кандидати се сериозна можност за промени во општеството. Сметам дека после повеќе од три децении независна и самостојна држава, граѓаните се повеќе стануваат свесни дека не само одлуката туку и одговорноста за донесената одлука кому ќе го дадат својот глас е во нивни раце. Само со висока свест и подготвеност за промени може да се спречи оваа децениска партиска апатија.  Демократијата во нашата држава полека но сигурно мора да застане на местото што го заслужува.    

Разговараше: Кристина Озимец

Слични вести