Во Основниот кривичен суд Скопје утре треба да започне судскиот процес против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум лица, обвинети за злоупотреби во „Државна лотарија“.
Предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Утрешното прво судско рочиште ќе започне без првообвинетиот во предметот, екс директорот на „Државна лотарија“ – Прпарим Бајрами, кој е сè уште во бегство и по него се трага со меѓународна потерница.
Груби повеќе од една година беше бегалец. Ја напушти државата во декември 2024 преку граничниот премин со Косово и покрај тоа што беше на таканаречената „стоп листа“. По него беше распишана меѓународна потерница.
На 23 февруари годинава Груби се појави на граничниот премин „Блаце“, каде што беше приведен и однесен во притвор. Сепак, тој во затворот во Шутка се задржа само неколку часа, бидејќи мерката по неговиот распит во Обвинителството му беше заменета со куќен притвор со 24-часовен полициски надзор.