Архива: Зошто Груевски молчи за криминалот во Телеком и Македонска банка?

by Fokus

Разговараше: Зоран Димитровски

ФОКУС: Од многубројните актуелни афери, во аферата „Телеком“ и сведочењето на Слободан Богоески излегоа шокантни тврдења за нарачано убиство и корупција на луѓе од државниот врв. Каков е Вашиот став како поранешен генерален директор на Македонски телекомуникации и еден од најупатените при продажбата на компанијата на Маѓар телеком?

ДОНЧЕВ: Немам сомнеж дека сведочењето на Слободан Богоески е вистинито, односно дека тој ја кажува вистината за сето тоа што тој го знаел и го видел. Американската комисија за хартии од вредност е убедена дека тоа е вистина, бидејќи не би се држеле само на вербалното сведочење на Богоески. Пред да било изнесено неговото сведочење на судот, Комисијата располагала и со други цврсти докази кои се потврдуваат со сведочењето.

ФОКУС: За доказите со кои располага Американската комисија за хартии од вредност се говори и во сведочењето на Богоески. Очигледно, комисијата не оставила ништо на случајот.

ДОНЧЕВ: Тоа е и очекувано зашто важноста на оваа комисија е огромна. Таа е задолжена да го набљудува и да го контролира работењето на најголемата берза во светот, односно Њујоршката берза. На оваа берза се котирани компании од речиси секој дел од светот, а вкупната пазарна вредност на тие компании е преку 20 трилиони долари. Просечниот дневен промет на Њујоршката берза е преку 170 милијарди долари. За сето ова успешно да функционира правно, законски и финансиски, Американската комисија за хартии од вредност располага со огромен кадровски и финансиски капацитет. Инаку, станува збор за судски случај покренат од Американската комисија против поранешниот генерален директор на Маѓар телеком Елек Штрауб, како и за двајца други директори од оваа компанија. Постапката е покрената бидејќи со поткупот што го дале, тие прекршиле клучни законски прописи што мора да ги почитува секоја компанија која е котирана на Њујоршката берза, каде што впрочем котира и МАТАВ. Но, за секој што платил мито, некој по дефиниција и примал. Затоа вистинското прашање сега е – зошто покрај сите еклатантни докази, македонските институции до ден-денес практично молчат?

ГРУЕВСКИ ЗНАЕШЕ КОЛКУ ЧИНИ ЕДНА ГОДИНА МОНОПОЛ, АМА ПРЕМОЛЧИ!

ФОКУС: Богоески посочува исплата на преку 10 милиони евра кон Владо Бучковски, Муса Џафери, Али Ахмети, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, како и партиската фирма на ВМРО-ДПМНЕ, „Аналитико“. Ова се огромни цифри. Според Богоески, мотивот на МАТАВ да исплаќа вакви огромни цифри е обезбедувањето монополска позиција на пазарот. Дали Вие насетувавте таква разврска по вашето заминување од позицијата директор во Телекомот?

ДОНЧЕВ: Прво, едно појаснување. МАТАВ е дел од групацијата на Дојче телеком. А Дојче телеком е една од најголемите, најтранспарентните и најуспешните телекомуникациски компании во светот. Сепак, тоа не значи дека не постоеле нечесни поединци во таа организација, кои биле спремни да ги прекршат законите и етичките правила на Дојче телеком за да се покажат успешни раководители. Најверојатно овие нечесни поединци сакале да си ја зајакнат својата лична позиција и финансиска награда. Затоа немам сомнеж дека конкретниот мотив за огромниот поткуп, кој самиот Богоески го кажува во сведочењето, дефакто е продолжувањето на монополската позиција на Македонски телекомуникации на македонскиот пазар на штета на нашите граѓани.

ФОКУС: Зарем Македонија не го договори монополот на Македонски телекомуникации уште кога се приватизираше?

ДОНЧЕВ: За ова да стане појасно, ќе се навратам во 2000 година кога се подготвуваше приватизацијата на Македонски телекомуникации. Токму Никола Груевски, како тогашен министер за финансии, го потпиша клучниот купопродажен договор. Беа дискутирани многу прашања околу продажбата. Груевски сигурно би требало да се сеќава дека најклучното прашање беше колку долг треба да биде законски загарантираниот период на монопол со кој државата ќе го продаде Македонски телекомуникации на стратешкиот инвеститор.

ФОКУС: Што зависеше од таа одлука? Цената?

ДОНЧЕВ: Секоја загарантирана година монопол носеше додатна финансиска вредност при продажбата. Тогашните проценки на надворешните консултанти, кои ја советуваа владата, беа дека продолжувањето на правото на монопол над загарантираните четири години би резултирало со најмалку 30 милиони евра повисока понуда од страна на купувачите за секоја нова година монопол. Значи, доколку се продадеше Македонски телекомуникации со гарантиран период на монопол од 7 години, Република Македонија ќе добиеше најмалку 90 милиони евра повеќе.

ФОКУС: Кој и како одлучи тогаш колку да трае монополот на Телеком?

ДОНЧЕВ: Првичната идеја беше државата да гарантира период на монопол од седум години. Но, како што почна процесот на приватизацијата се развија дискусии и дебати и се донесе одлука дека загарантираниот период на монопол ќе биде 5 години. Ама Васил Тупурковски, кој беше главен преговарач за договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, свесно или несвесно, без никаква претходна консултација со Груевски или со мене, ја обврза Република Македонија пред Европската унија целосно да го либерализира телекомуникацискиот пазар од 1 јануари 2005. И така бидна. Непосредно пред стратешките инвеститори да достават финална понуда, им беше кажано дека државата ќе гарантира монопол само до 31 декември 2004 година, односно период на монопол од 4 години.

АКО ИМАШЕ НЕШТО ЗА МЕНЕ, ЌЕ МЕ ГОНЕА

ФОКУС: Значи, вие тврдите дека доколку Македонски телекомуникации се продадеше со законски загарантиран монопол од 7 години државата ќе добиеше 90 милиони евра повеќе при продажбата. Добија ли нашите граѓани бенефит од одлуката за помалку години монопол?

ДОНЧЕВ: Не, не добија. Според договореното, на 1 јануари 2005 година, македонскиот пазар за телекомуникациски услуги требаше да биде целосно либерализиран и полн со разни оператори што нудат голем избор за фиксна и мобилна телефонија и разни телекомуникациски услуги. Впрочем, ваква ситуација на македонскиот пазар имаме денес, но со многу години задоцнување. За да се оствареше оваа цел, уште во втората половина од 2004 година требаше да се донесе соодветен закон за телекомуникации. Законот требаше да овозможи целосна либерализација на пазарот, со оттргнување на кои било пречки за функционирање на нови телекомуникациски компании. Не случајно првите средби што ги спомнува Богоески се уште во таа бурна 2004 година, кога жртва беше одложувањето на новиот закон за телекомуникации. Крајниот резултат беше дека стратешкиот инвеститор во Македонски телекомуникации дефакто си доби најмалку 7 години ефективен монопол. Притоа државата не ги доби тие 90 милиони евра доколку од самиот почеток Македонски телекомуникации беше продаден со загарантиран период на монопол од седум години.

Ова ги објаснува мотивите зошто толку големи цифри на исплата на мито биле во игра. Воопшто не е спорно дека станува збор за одлука на само еден поранешен функционер на СДСМ и тројца или четворица сегашни и поранешни функционери на ДУИ. Ама на Никола Груевски, тогашен лидер на опозицијата, но и потписник на купопродажниот договор, мошне јасно му беше колку вреди една година монопол. Прашањето е, зошто сето тоа го премолчи? Сега го имаме и тој одговор во сведочењето на Богоески.

ФОКУС: Имаше гласини дека откако дојдоа на власт, Груевски и Мијалков сакаа да ја преиспитаат Вашата улога во продажбата на Македонски телекомуникации и дали сѐ било според законите. Дали стравувате на кој било начин околу продажбата и сето тоа што следеше потоа?

ДОНЧЕВ: Треба да се разграничат две работи. Едно е како се водеше постапката за приватизација, а друго е како се потрошија парите добиени од Македонски телекомуникации. Меѓутоа, и во двата случаи стои потписот на еден ист човек, тогашен министер за финансии. Тој најдобро знае што договарал и што потпишувал кога се продаваше, но и како подоцна се трошеа парите од Телекомот. Тоа не сум јас. Мојата улога во постапката на приватизацијата на Телекомот беше тресена неколкупати од неколку гарнитури на власт. Тие не утврдија ама апсолутно ништо незаконски во моето работење. Ако имаше нешто, сигурен сум дека немаше да испуштат шанса да ме гонат и санкционираат.

ФОКУС: Сепак, продажбата на Македонски телекомуникации многумина ги асоцира токму на Вашето име – Ден Дончев, па дури Ви ја припишуваат и како грев. Чувствувате ли вина за сите овие настани што ги тресат Македонските телекомуникации?

ДОНЧЕВ: Ќе повторам, ниту ги продадов Македонски телекомуникации, ниту се потпишав на продажбата, ниту учествував во одлуката за продажба на тогашниот државен врв. Говорам отворено за никој да не се крие зад моето име. Кога ми беше доверено да бидам генерален директор, моја задача беше да ја направам успешна и профитабилна компанијата, со висока цена на светскиот пазар на капитал. Дури и за денешно време, Македонски телекомуникации ја постигнаа историски највисоката цена што воопшто можеше да ја постигне една таква компанија (околу 350 милиони евра –  н.з.). Во процесот на приватизација документирано издејствував да не биде отпуштен ниту еден вработен. За тоа што се случуваше потоа, не сум бил во каква било позиција да одлучувам. Впрочем, секогаш бев ревносен критичар во клучни моменти кога сметав дека државните интереси се оштетени. Многу спорни моменти околу Македонски телекомуникации кои денес, а и претходните години се наметнаа во јавноста, ги навестив и предупредив уште во почетокот на 2003 година во интервју за Вашиот неделник „Фокус“. На 18 септември 2010 година дадов кристално јасна изјава за „Фајненшл тајмс“, во која посочив дека ефективниот монополски период од седум години, речиси двојно подолг од тоа што требаше да биде, е причината за сомнителните трансакции и поткуп во Република Македонија од страна на одредени поединци во МАТАВ.

ФОКУС: Ако се има предвид криминалот, гледано од денешна перспектива, дали беше грешка продажбата на Македонски телекомуникации?

ДОНЧЕВ: Кој знае како ќе беше разграбана компанијата доколку Македонски телекомуникации не беа приватизирани тогаш. Затоа останувам на ставот дека самата продажба на Македонски телекомуникации беше исклучително добра зделка за Република Македонија. Освен највисока цена, Македонски телекомуникации донесоа двојно поголеми средства за буџетот на Република Македонија од вкупниот збир на сите други приватизации и продажби на државни фирми од 1991 до 2000 година. Денес, Македонија сѐ уште има свој дел и право на одлучување во Македонски телекомуникации. Оваа фирма не пропаѓа каков што е случајот со многу од другите приватизации и транзиции. Остварува добивка, плаќа дивиденда на Република Македонија, вработува наши луѓе и принудена е да го развива телекомуникацискиот пазар. И покрај индивидуални и големи афери што ја тресат, друга ваква успешно трансформирана и приватизирана компанија во Македонија во дваесетгодишната транзиција не видовме. Случајот со Њујоршката берза покажува дека компанијата е принудена, освен домашните да ги почитува и највисоките меѓународни стандарди за чесно работење и раководење со капиталот.

ВО СЛУЧАЈОТ „МАКЕДОНСКА БАНКА“ КЕШОТ Е ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ

ФОКУС: Случајот Македонска банка што го објави лидерот на СДСМ Зоран Заев во текот на изборите 2014 година, беше првата бомба што ја испука опозицијата, а Вас ве стави во фокусот на вниманието на јавноста. Вашиот глас се слуша во телефонските разговори со Никола Груевски и Јовица Стефановиќ Нини, кои всушност преговараа за продажба на Македонска банка и фамозна провизија. Каква беше Вашата улога во сето ова?

ДОНЧЕВ: Пред да се зборува што било за продажбата на Македонска банка на Јовица Стефановиќ Нини, треба да се изнесат следните факти. Како прво, контролниот пакет-акции во Македонска банка, односно 51 процент, беше во сопственост на шест фирми акционери. Дел беа домашни компании, а дел меѓународни офшор-фирми. Второ, како и на кој начин овие шест фирми претходно дошле до сопственост на Македонска банка е сосема друго прашање, но неспорен е фактот дека непосредно пред продажбата на Јовица Стефановиќ Нини биле легално признаени акционери од страна на Народна банка на Македонија.

ФОКУС: Се работи за фирми врз кои контрола, сепак, имала ВМРО-ДПМНЕ. Нели Уставниот суд забрани партиите да имаат имот? Како Груевски дошол до контрола на фирмите?

ДОНЧЕВ: Начинот на кој Никола Груевски дошол до дефакто индиректна контрола врз шесте фирми акционери е прашањето што треба тој самиот да го одговори. Но, проблемот со продажбата на Македонска банка е компонентата, односно делот од вкупно договорената сума која би требало да се исплати во готово, наместо преку жирална сметка.

ФОКУС: Значи не е во прашање провизија, туку плаќањето во кеш?

ДОНЧЕВ: Доколку исплатата на вкупно договорената сума беше исплатена жирално, фирмите акционери во Македонска банка ќе оствареа банкарски регистриран профит при продажбата на акциите од преку еден милион и пол евра. А тоа значи дека кон нашата држава ќе требаше да платат данок на добивка од неколку стотици илјади евра.

Конечно, и самиот износ од 1,5 милион евра, кој требало да се исплати во готово, не би бил проблематичен доколку истиот бил соодветно пријавен како приход во шесте фирми акционери, по што повторно би следело плаќање на данок на добивка кон државата. Значи, проблемот со продажбата на Македонска банка е дали на износот од 1,5 милион евра кои требало да се исплатат во готово е платен соодветен данок на добивка кон државата. Ова прашање треба да го одговори тој што дефакто од заднина го контролирал пакетот-акции од 51 отсто продадени на Јовица Стефановиќ Нини.

ФОКУС: А тоа е Никола Груевски… Бевте предложен и како сведок во процесот на тужбата за клевета на Груевски против Заев за случајот Македонска банка, но судот не ве прифати. За што сакавте да сведочите?

ДОНЧЕВ: Колку што мене ми е познато, жалбата за пресудата против господинот Зоран Заев е пред апелација и сметам дека таа одлука треба да се почека. Ама, сепак, мислам дека случајот „Македонска банка“ многу јасно покажа до кој степен можат да бидат контролирани судските процеси од страна на владејачката гарнитура.

ФОКУС: Бевте ли спремни да сведочите ако ве поканеше судот?

ДОНЧЕВ: Да, секако.

ФОКУС: Дали ви е познато како аудиоснимките за случајот „Македонска банка“ дошле до Зоран Заев, зашто се споменуваше и Вашето име како доставувач?

ДОНЧЕВ: Ова прашање по малку ми наликува на матрицата на Груевски: форма наспроти суштина! Сите ние сме запознаени дека многу снимки пристигнале кај господинот Зоран Заев. Информацијата во нив е шокантна, а од каде дошле тоа и не е толку значајно за мене.

ФОКУС: Познато е дека Нини ја купи Македонска банка како што беше договорено. Можете ли да и објасните на јавноста дали и што се реализираше од договорот на делот кој требаше да биде исплатен во готово?

ДОНЧЕВ: Во тој период јас лично имав големи несогласувања со Груевски околу неколку прашања, посебно со начинот на продажбата на Македонска банка. Гледајќи го начинот на работа на Никола Груевски јас одлучив да заминам од ВМРО-ДПМНЕ. Токму тогаш се случи и поделбата на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-Народна. Лично немам никакви сознанија за тоа што се случи потоа со делот кој требало да биде исплатен во готово, ниту дали таа сума била соодветно пропорционално пријавена како приход во шесте фирми акционери, ниту, пак, дали бил платен данокот кој требаше да биде исплатен кон државата во износ од околу 350.000 евра.

ФОКУС: Своевремено објавивте податоци и за коруптивниот договор за купување кинески автобуси. И оваа афера немаше официјална разврска!

ДОНЧЕВ: Случајот од 2009 година со кинески автобуси всушност е првиот случај во кој имаше сериозни и јасни индиции за незаконско работење и криминал на оваа владејачка гарнитура за провизија од 27 милиони евра. Тогаш тендерот падна, па потоа помина мазно. Мојата решеност да ги објавам сомневањата ја натера власта да отстапи и да го врати тендерот. Многу луѓе се охрабрија и почнаа да ми доставуваат докази и за други големи афери на оваа власт. Таков феномен се појавува во демократскиот свет. За жал, кај нас власта ја искористи својата преголема моќ многумина да замолчи и преку притисоци, закани и уцени успеа да ги натера правдољубивите да се повлечат. Случајот не доби буквално никаква разрешница. Во меѓувреме, во заднина сите што знаеја за случајот беа изложени на страшен притисок, политички прогон и полициски истраги за сѐ и сешто.

ФОКУС: Не сте биле во Македонија подолго време. Се плашите ли од Фамилијата и од Груевски да не преземат некакви правни дејствија против Вас?

ДОНЧЕВ: Воопшто не се плашам Груевски или кој било околу него да преземе правно дејствие против мене, но под услов да функционира владеење на правото. А тоа, како што се уверивме од Вистината за Македонија, е предалеку од реалноста и сѐ е можно. Инаку, по обелоденувањето на аферата со кинеските автобуси, со посебна даночна постапка поведена со Заклучок од 2009 година, цели две години бев под лупа на Управата за јавни приходи за испитување на имотот и имотната состојба и утврдување на приходи на кои не е утврден данок. Неколкупати бев повикуван на разговор во нивните простории. Беше очигледно дека не постоеше место кај што не погледнале од 1990 година наваму со цел да најдат нешто. Дури бев распрашуван за средствата со кои купив еден автомобил во 1994 година кога дојдов да живеам во Македонија. На крај, добив заклучок потпишан од Горан Трајковски дека не поседувам или располагам со средства поголеми од оданочените приходи.

НАЈНЕСПРЕМНИОТ МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ

ФОКУС: Бевте член на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но по разијдувањето во врвот и се придруживте на ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски. Подоцна си заминавте и од таму, а му помагавте на Љубе Бошкоски за претседателските избори и на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори во 2011 г. Што беше мотивот за ова ваше дејствување во опозиција на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ?

ДОНЧЕВ: Од самиот почеток, а мислам дека бев меѓу првите, ми станаа јасни некои карактерни особини на Никола Груевски околу автократскиот начин на неговото раководење и менаџирање. Денес, за жал, тие особини се рефлектираа врз целиот општествен поредок во државата. Сега е општо прифатено дека Груевски воведе диктаторски режим во Македонија. Инаку, уште во 2011 година учествував во креирањето на политичките тези на Бошкоски преку кои јавно го напаѓаше Груевски за диктатура. Слоганот „Слобода или смрт“, со кој Обединети за Македонија настапи на парламентарните избори во 2011 година беше мое авторство, бидејќи уште тогаш сметав дека Македонија е соочена да избира или слобода или смрт на демократскиот поредок. За жал, овој слоган се претвори во кобно пророштво за Македонија. Вистината за Македонија покажа дека демократскиот поредок во нашата држава навистина умре! Останав конзистентен критичар на политиката на Груевски од самиот почеток и денес се гордеам со тоа. Сметам дека моите постапки се оправдани, посебно по сето тоа што го слушавме и го разбравме од Вистината за Македонија.

ФОКУС: Очигледно е дека по „бомбите“ и политичката криза, ВМРО-ДПМНЕ е во тешка криза на раководството кое е осомничено за тежок криминал. Очекувате ли внатрепартиска одговорност?

ДОНЧЕВ: Во раководните структури на денешната ВМРО-ДПМНЕ не постои ниту елементарен демократски капацитет за да дојде до внатрепартиска одговорност. Да постоеше такво нешто, до сега Никола Груевски ќе заминеше и од премиерското и од лидерското место на партијата и ќе беше заборавен. Реалноста е дека дури по поразот на Груевски на следните избори ќе се создадат услови за постепеното демократизирање на внатрепартиската организација на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ќе биде болен и макотрпен процес, но неопходен не само за партијата, туку и за демократската иднина на Република Македонија.

ФОКУС: Јове Кекеновски основаше Форум на слободоумни демократи. Со други поранешни активисти на ВМРО-ДПМНЕ и истакнати луѓе од десницата и центарот се обидуваат да создадат алтернатива на Фамилијата. Каде се гледате Вие, дали имате намера да се вклучите во демисијата на Груевски?

ДОНЧЕВ: Мислам дека поразот на Груевски на следните парламентарни избори е една работа а неговата демисија е сосема нешто друго. Јас секако ќе направам сѐ во рамките на моите можности да придонесам да биде поразен Груевски. Но, демисијата на феноменот на Никола Груевски е нешто што за жал ќе мора да се направи тогаш кога тој ќе биде поразен. Од самиот почеток на политичката кариера на Никола Груевски, линијата меѓу реалноста и перцепцијата се испомеша. Еве само два од многубројните примери. Одамна владее перцепција дека Груевски е некаков си брилијантен економист. Јас категорично тврдам дека тој беше најнеспремниот министер за финансии од кој било друг во моментот кога прво стапи на функцијата. За него, тогашниот претставник на ММФ, во потесна група еднаш кажа дека „ништо не разбира, ама барем слуша“. Луѓе како Борис Стојменов и Марјан Ѓорчев многу добро знаат какво беше знаењето на Груевски за економија во тој период, но ете денес и тие станаа дел од таа лажна перцепција.

ФОКУС: Но, Груевски, сепак, беше дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и од голема доверба на Георгиевски!

ДОНЧЕВ: Иако денес слепите поддржувачи на Груевски се обидуваат да го претстават како голем вмровец, па дури и да го изедначат со иконите на историската ВМРО, јас повторно категорично тврдам, како тогашен шеф на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 1998 година, дека првпат кога Никола Груевски се појави во штабот на ВМРО-ДПМНЕ беше по првиот изборен круг, кога на секого му стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ победува. Именувањето на Груевски како министер за трговија беше гром од ведро небо за сите кои тогаш беа активни во изборната кампања. Луѓе како Влатко Ѓорчев и Антонио Милошоски се сведоци на ова, но и тие денес се прават слепи пред вистината, и тоа на секој план. Таа лажна перцепција околу Груевски се рефлектираше секојдневно во сите сфери на општествениот живот за време на неговото владеење. Затоа, по поразот на Груевски, мора како општество да се прашаме: Како дозволивме границите меѓу перцепцијата и реалноста до тој степен да се испомешаат? Како е можно, 25 години по паѓањето на Берлинскиот ѕид, македонското општество да влезе во канџите на диктатура? Како се случи една мала група луѓе целосно да го узурпираат владеењето на правото, медиумскиот простор и економијата? Како се случи невини луѓе да бидат лишени од слобода? Има многу прашања кои мора да ги одговориме за да можеме како општество да тргнеме напред и да не дозволиме тоа што Никола Груевски и неговите го правеа никогаш повеќе да не се повтори. Затоа луѓе како Љубе Бошкоски, Стојанче Ангелов, Јове Кекеновски, Ненад Новковски, Никола Димитров, Ѓулистана Марковска како и сите други искрени опозиционери од десницата имаат и ќе имаат многу важна улога во самиот пораз и во демисијата на Никола Груевски.

Рамка1

БРАТ ЉУБЕ Е ОСУДЕН СО ЛАЖЕН ЗАШТИТЕН СВЕДОК!?

ФОКУС: Преку Вистината за Македонија, опозицијата објави снимки за аферата со апсењето и изживувањето врз Љубе Бошковски. Имате ли Вие сознанија за случајот со оглед на фактот дека соработувавте политички?

ДОНЧЕВ: Од Вистината за Македонија имавме можност да слушнеме за начинот на кој Љубе Бошкоски беше наместен, уапсен и осуден. Но, вистината за Бошкоски е уште потрагична. Имам сознанија дека по моментот на апсењето на Бошкоски, на таканаречениот заштитен сведок му било наредено од полициските структури веднаш да замине од Македонија и долго време да не се враќа, и дека потоа, таа личност воопшто не се појавила во судот, ниту, пак, се јавила преку видео или аудиолинк да сведочи. Според информации од одбраната на Бошкоски, во текот на судското рочиште против него, таканаречениот заштитен сведок не се појавил во живо да сведочи. Наместо тоа, имало јавување на некој што се нарекувал „заштитен сведок“ преку видеолинк, и тоа со скремблирана слика и со скремблиран глас. Се поставува прашањето: од кој требало да биде скриен заштитениот сведок? Од судијата? Од обвинителот? Од Бошкоски и неговиот адвокат? Тоа е небулоза. Сите тие го знаеја идентитетот на заштитениот сведок. Значи, сосема нормално ќе беше во моментот на сведочењето на заштитениот сведок, судијата да преземе посебни мерки што ќе гарантираат дека единствено судијата, обвинителот и Бошкоски, како и неговиот адвокат ќе бидат присутни во судот. Но, кога судијата веќе дозволи заштитениот сведок да сведочи преку видеолинк со скремблирана слика и глас, се поставува прашањето од каде судијата беше сигурен дека личноста што се обраќа до судот е истата личност што му ги предала парите на Бошкоски? Ако вистинскиот заштитен сведок воопшто не се појавил да сведочи, без разлика на кои било други факти, тогаш воопшто и нема правен случај против Бошкоски. Невин човек лежи во затвор!

 Рамка2

ДИКТАТОРСКИ РЕЖИМ ОД ЛАТИНОАМЕРИКАНСКИ ТИП

 ФОКУС: Подолго време сте надвор од Македонија, а познато е дека имате пријатели од светот на бизнисот, политиката и дипломатијата во Австралија, САД и во Европа. Како однадвор се гледа на политичката криза во Македонија?

ДОНЧЕВ: Од многу странски аналитичари, новинари и познавачи на политичките случувања во Македонија најчесто добивам коментари дека нашата земја им наликува на трагичните диктаторски режими во Латинска Америка во седумдесеттите години на минатиот век.

 

 

Поврзани новости