АРХИВА ВМРО-ДПМНЕ ја токми војската за изборни цели?!

by Fokus

Текстот е објавен на 21 октомври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1098

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Објавените аудиоснимки од незаконското прислушување јасно покажаа дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја користела полицијата за изборни нерегуларности. Во предизборната кампања се искористувале капацитетите и државните средства од МВР, полицијата се користела за притисок и закани кон гласачите, а на изборниот ден се формирал и партиски штаб во просториите на МВР од каде што се контролирал целиот процес, сѐ до броењето на гласовите.

Токму затоа, главната причина опозицијата да добие министерско место во МВР со Договорот од Пржино во владата што ќе ги организира изборите, беше ВМРО-ДПМНЕ да ја загуби привилегијата да ја впрегнува полицијата во партиска полза.

Сепак, десетината смени што ги направи министерот за внатрешни работи на СДСМ, Оливер Спасовски, кои беа дел од дополнителниот партиски договор во јули годинава, не може да гарантираат дека опозицијата ќе има контрола врз изборниот процес. Причината за ова не е што ВМРО-ДПМНЕ преку дополнителниот заменик-министер Оливер Андонов и директорот за јавна безбедност, екс министерот Митко Чавков, продолжуваат со антагонизмот и спротивставувањето на сите одлуки на министерот. Впрочем, решенијата од Договорот од Пржино имаа за цел заемна контрола на партиите од власта и опозицијата врз изборниот процес, за да се спречи учество на полицијата во изборни местенки.

Но, соочена со губењето на апсолутната контрола врз МВР, владата на ВМРО-ДПМНЕ не седела со скрстени раце. Како што „Фокус“ веќе пишуваше, неколку недели по потпишувањето на Пржинскиот договор, на тајна седница владата одлучила АРМ, која е под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ, да се модернизира и опреми за фантастични 250 милиони евра. Сепак, ако зад оваа мегазделка, за која треба да се потрошат пари од буџетот во наредните десет години се кријат лукративни интереси на луѓе од власта, тогаш со други потези што ги влече, очигледно е оти владеачката партија имала намера да ја употребува армијата за политички цели.

„Фокус“ дознава дека министерот за одбрана Зоран Јолевски донел Правилник за начинот на работа на Воената полиција, кој ги прецизира активностите кои можат да ги преземат воените полицајци, кои многу наликуваат на овластувањата што ги имаат полицајците на МВР!

Правилникот за начинот на работа на Воената полиција е потпишан летово, а старешини во АРМ толкуваат дека практично со документот, но и со постојаното продолжување на кризната ситуација со мигрантите од завојуваните подрачја, се прави своевидна подготовка на војската како замена за МВР во услови кога контрола врз полицијата има и опозицијата.

ОБЈЕКТИТЕ ЗА ДЕЛУВАЊЕ НА ВОЕНАТА ПОЛИЦИЈА ЌЕ ГИ ОПРЕДЕЛИ ВЛАДАТА

Правилникот донесен во јули годинава има седум членови во кои се пропишува начинот на работа на овластените службени лица на воената полиција и на нејзините припадници.

Во членот 2 од документот се наведува какви мерки и активности смеат да преземат воените полицајци и во кои услови и ситуации.

Така, на пример, во него се вели дека овластените службени лица на Воената полиција при извршување на работите кои се преземаат заради спречување кривични дела можат да делуваат во воените единици и установи, на простор каде логоруваат воени единици или на терен каде се изведуваат вежбовни активности на војската. Ова е нивна вообичаена надлежност. Но, како што предвидува Правилникот, воените полицајци можат да делуваат и во објекти и зони определени од Владата!

Понатаму, во членот 2 од Правилникот се набројани конкретните дејствија кои смеат да ги преземат полицајците во одредена ситуација. На пример, Воената полиција смее да легитимира лица за утврдување идентитет, да затвори пристап или да не дозволи напуштање на одреден простор, да проверува лица, превозни средства и багаж или присилно да отстрани лица од определен простор. Сето ова армиските полицајци можат да го прават во објекти и зони кои ќе ги определи владата, како што е наведено во условите за дејствување.

Или во пракса, тоа би значело дека доколку власта сака да стави под контрола одредена институција, како Владата, Собранието, судовите, министерствата, државните институции, автопатиштата… може да ги активира воените полицајци.

Во наредниот, членот 3 од Правилникот, на министерот за одбрана му се дава правото да определи кои лица, команди или објекти ќе може да бидат опфатени од мерките, активностите и постапките на Воената полиција. Односно, министерот има право подиректно да определи кога и какви мерки ќе преземе Воената полиција откако претходно Владата ќе ги определи зоните и објектите во кои пристап би имала полицијата.

И со овој член, очигледно се потврдува дека власта сака да има Воена полиција со пошироки овластувања за да може при евентуални ситуации да ја ангажира. Останува отворено прашањето дали со ваков ангажман на армиските полицајци, може да се поклопи делувањето на припадниците на МВР. Во Правилникот нема никаква одредба за координација со МВР.

Да претпоставиме дека владата ќе определи објект за спроведување активности на Воената полиција преку приведување, задржување сомнителни лица, затворање влезови и излези, а таму може да дејствуваат припадници на МВР. Како двете полиции ќе постапуваат во конкретниот случај? Дали одлуката на владата и на министерот за одбрана е посилна од одлуката на МВР за распоредување на своите службеници? Може ли да дојде до судир?

Понатаму, во членот 4 на Правилникот се предвидува воените полицајци по проценка и потреба да може да носат и цивилна облека, налик на полициските „Алфи“. Имено, иако се наведува дека воените полицајци при извршување на задачите носат униформа, ознаки и оружје, јасно е нагласено дека при извршување на посебни задачи тие може униформата да ја заменат со фармерки и маица по наредба на командантот на Воената полиција.

Членовите 5 и 6 од Правилникот дефинираат кога и како се користат светлосните и звучните знаци од возилата на полицијата, односно дека воените полицајци при спроведување на активностите мора да ги почитуваат правата на граѓаните.

И АРМИЈАТА ВРАБОТУВА ПРЕДИЗБОРНО

Во ситуација кога Министерството за одбрана избира да молчи и да не одговара на мејловите испратени од „Фокус“ директно во кабинетот на министерот, не можеме прецизно да утврдиме зошто е донесен Правилникот, со каква цел, како и во кои ситуации ќе се применува, дали активностите на Воената полиција нема да се преклопат со тие на полицијата и конечно, дали власта има план, во случај на нужда, граѓански демонстрации и сл. да активира воени полицајци на денот на изборите? Одговорите ги има министерот Јолевски, но не сака да ги сподели со јавноста, исто како што не сака да зборува за тајните милионски тендери на кои се фаворизираат компании, партнери на власта.

Но, површната анализа на Правилникот укажува дека тој практично им отвора можност на владата и на министерот да преземат активности кои природно му припаѓаат на МВР. Ако се знае дека во владата има само двајца министри од опозицијата, тогаш е едноставно да се прогнозира дека мнозинството лесно може да определи објект или зона за делување на Воената полиција, која пак е под контрола на министерот Јолевски. Командантот на Воената полиција нема простор за тактизирање и ќе мора да ги послуша политичките авторитети. Од целиот план, пак, во Правилникот е изоставен претседателот Ѓорге Иванов, како врховен командант!

Извори од АРМ за „Фокус“ пренесуваат дека недоволниот број припадници на Воената полиција, кој е околу 200, е можно да се дополни со припадници од старешинскиот и воениот состав на АРМ преку фиктивни обуки, но и преку огласот што беше објавен на почетокот од годината за вработување на 90 лица во АРМ, од кои половината би биле во специјалните единици, вклучително и во Воената полиција. Имено, неофицијално на конкурсот се пријавиле речиси 300 кандидати, а во игра се и синови на некои старешини во војската чие место, како што се коментира, е однапред резервирано. Инаку, по примерот на Митко Чавков во МВР кој пред да биде симнат од министерската функција вработи над 600 полицајци, така и министерот Јолевски, во изборна година ќе ја пополни армијата со нови војници. Огласот беше објавен на почетокот на годината во период кога се закажуваа изборите во април, кои се пролонгираа за јуни, за на крајот да се закажат за во декември.

Во табелата со наведени проекти преку кои АРМ ќе се модернизира и опремува, а за кои „Фокус“ објави повеќе текстови, не е посочено колку од опремата ќе се намени за воената полиција. Јолевски, 250-те милиони евра ќе ги потроши за ремонт на хеликоптерите, модернизирање на тенковите, за нови оклопни возила и за уште друго вооружување и опрема за војската.

Но, она што ги поврзува Правилникот за воената полиција и опремувањето на АРМ е хронологијата на настаните. Некако сѐ како да почнува од Договорот во Пржино, кога власта го има првото чувство дека СДСМ полека ќе преземе контрола врз некои државни институции. Затоа, две седмици по договорот Владата носи одлука за опремување на војската. Соочена со опасноста дека нема да може да има контрола врз полицијата, ВМРО-ДПМНЕ се фокусира на војската која би можела да ја употреби, ако е неопходно. Не случајно на тендерите за набавка на опрема и оружје на АРМ им се става назнака „доверливо“. Изворите на „Фокус“ коментираат дека за владејачката партија е приоритет и Воената полиција да добие опрема, слична на полициските специјалци.

УШТЕ САМО ГРУЕВСКИ ДА МУ НАМИГНЕ НА ЈОЛЕВСКИ

Потоа беше прогласена кризна состојба поради ситуацијата со мигрантите, која, исто така, се искористи за ангажирање на армијата на терен. Беше предвидено кризната состојба да трае до 15 јуни годинава, но следуваше ново продолжување со важност до јуни наредната година. Кризната состојба е одличен изговор за армиските активности и за нивно тестирање. Пред да биде донесена одлуката во Собранието, министерот им објасни на пратениците дека целта да се продолжи кризната ситуација до крајот на годинава е да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на армиските сили во функција на заштита на границата кон север и кон југ. Коалицискиот партнер ДУИ беше против оваа одлука со објаснување дека на новиот парламент треба да му се остави да одлучи дали да ја продолжи кризната состојба, но ВМРО-ДПМНЕ го оствари тоа што го замисли – ја остави армијата активна на терен.

Инаку, планот за опремување на армијата беше дефиниран кога началник на ГШ на АРМ беше Горанчо Котевски, кој набргу потоа беше сменет со Методија Величковски. Новиот началник направил повеќе смени и рокади во армискиот раководен состав со што практично е обезбедена контрола на армискиот врв, преку кој се остварува и командата со Воената полиција. Потоа, следуваа пензионирања на 40-тина офицери, меѓу кои и четворица генерали, со што се отвори патот за соработниците на ВМРО-ДПМНЕ да напредуваат и да се позиционираат во врвот на војската.

Практично, ВМРО-ДПМНЕ има се подготвено за евентуална употреба на Воената полиција за политички цели, а опасноста е тоа да се случи на избори. Постои Правилник со кој Владата и министерот Јолевски имаат овластувања да ја употребат Воената полиција и за други цели, потпишани се првите пет договори со воени компании за набавка на армиска опрема, Воената полиција преку мигрантската криза е активна на терен со месеци, особено во граничните подрачја, а врвот на АРМ е построен со проверени старешини. Се е практично спремно. Уште само Груевски да му намигне на Јолевски.

Рамка

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЈА ОДЛИКУВАШЕ ВОЕНАТА ПОЛИЦИЈА

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 18 август, денот на АРМ, ги одликуваше со орден за воени заслуги, Баталјонот на воената полиција и Инженерскиот баталјон. Орденот за воени заслуги на двата баталјони на армијата им се доделува за исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, особено во справувањето со бегалската криза како глобален безбедносен предизвик.

Практично, Иванов ги награди воените полицајци кои и натаму, согласно одлуката дека бегалската криза е продолжена, остануваат на терен. Иванов не е споменат како врховен командант во Правилникот на министерот Јолевски и практично се исклучува и неговата одговорност.

Рамка

ИВАНОВ ПРИЗНА ДЕКА САКАЛ ДА ЈА УПОТРЕБИ АРМ ЗА ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ

Во своето образложение на скандалозната одлука од 12 април за аболиција на 56 политичари осомничени за кривични дела од „бомбите“, претседателот Иванов, меѓу другото, рече дека сакал да ја  употреби и АРМ за смирување на состојбите.

„Во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување тензии и воспоставување постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост… Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам се додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти. Втората опција беше превентивна. Тоа подразбираше да наметнам нови правила на наметнатата игра со Македонија. Да преземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија“.

Поврзани новости