АРХИВА Витезот на виното дојава на украинска инвестиција во Скопје

by Fokus

Текстот е објавен на 7 ноември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 966

Пишувал Владо АПОСТОЛОВ

 Ако сте страстен љубител на шербет-сериите од типот на „Сила“, „Карадај“ или на „Бурни времиња“, на паузите меѓу турските сапуници и владините реклами за „Здрава храна“ и за „Трето дете“, минатата недела веројатно сте одгледале барем едно издание на вечерните вести на некоја од националните телевизии. Сте разбрале оти спикерот Трајко Вељаноски подготвува седница на која може да им се одземат мандатите на пратениците од СДСМ и веројатно сте го чуле премиерот како џентлменски ѝ отстапува на судската власт, таа да реши дали за случајот „Монструм“ ќе ги повика Еф-Би-Ај како што бараше неговиот партнер во власта, Али Ахмети.

Меѓутоа, пред десетина дена, една друга вест ги изненади малкутемина што ревносно, ден за ден ги следат случувањата на Македонската берза. Порталот „Фактор“ јави дека извесна британска компанија „Surrey Dynamics Limited“ плати еден милион евра за 2.500 акции кои немаат право на глас во скопското АД „Коппер Инвестментс“. Сајтот анализираше дека британската компанија искеширала 100 пати повеќе од номиналната вредност на овие 2.500 акции.

Во оваа трансакција необично е тоа што некоја непозната фирма од Англија решила да одвои еден милион евра за акции, кои всушност не носат глас, меѓутоа се постави и прашањето од каде сега се појави акционерското друштво „Коппер Инвестментс“, кое, исто така, не е познат бизнис-играч на овие простори.

По кратко интернет-пребарување, лесно се доаѓа до податокот дека зад „Коппер инвестментс“ стои украинската „Konstantinovsky Plant of Metallurgical Equipment“ (KPME), чии претставници во март годинава се сретнаа со премиерот Никола Груевски во Скопје, иако за првпат во Македонија дошле десет месеци пред состанокот на Илинденска, некаде во првата половина на 2013 година.

Станува збор за компанија, која е вклучена во процесот на преработка на бакарна руда, меѓутоа, и покрај напорот, не успеавме да дознаеме со што точно се занимава оваа фирма во татковината. Она што се знае е дека освен со рударство, KPME во Македонија планира да се занимава и со производство на катоди, жици и на цевки од бакар.

Украина како судбина

Најавено беше дека Украинците ќе направат прво детални геолошки истражувања на три наоѓалишта за кои добиле концесија, две во Валандовско и уште едно во кумановско Старо Нагоричане. Претставникот на Украинците, Генадиј Сичов, на пресот во Скопје објасни дека тие ја избрале Македонија во конкуренција со Јужна Африка, Шпанија и со Куба, бидејќи „тука ја почувствувале најдобрата инвестициска бизнис-клима“. И како што обично бидува, по овие состаноци кај премиерот лиферувана беше и информација дека оваа странска инвестиција може да достигне до 200 милиони долари и на крајот ќе овозможи меѓу 400 и 500 нови вработувања.

Е, токму едно од тие 500 вработувања заслужува нешто повеќе внимание, според скромното мислење на „Фокус“ поткрепено со ставот на докажани антикорупционери.

Во документите од македонскиот Централен регистар стои дека „Коппер инвестментс“ е формирана во мај годинава и сега фигурира како акционерско друштво регистрирано во Карпош. Во структурата на компанијата има еден извршен и седум неизвршни членови на одборот директори. Од оние вторите, неизвршните, шестмина се Украинци, од Доњецк, Киев и од Лондон, а само еден е Македонец, и тој е поранешниот министер за земјоделство во првата влада на Никола Груевски и доскорашен дипломатски претставник на Македонија во Украина, Ацо Спасеноски.

Тој влезе во првиот тим на Груевски во 2006 година како кадар на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов – Ѕинго, а замина од министерската функција во 2009 заедно со колегите Ивица Боцевски, Перо Стојановски и со Трајко Славески, по што ги спакува куферите за Киев каде што го чекаше амбасадорско место.

Таму беше сѐ до мај 2014 година, додека отчетот за сработеното во Украина го даваше пред еден месец во Парламентот, на Собраниската комисија за надворешни работи.

Соочени со дилемата дали е во ред и дали е етички неколку месеци по заминувањето од амбасадорското место Спасеноски да влезе во украинска странска инвестиција, „Фокус“ дел од одговорите ги побара во етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и за лица што вршат работи во и за овој ресор.

Во членот 10 од овој документ пишува дека вработениот при вршењето на работните задачи треба да избегнува секаков конфликт на интереси, како и состојби кои би можеле да доведат до сомневање за постоење конфликт на интереси.

Откако прописно се намачивме да добиеме став од Спасеноски, во кусиот телефонски разговор тој цврсто застана на ставот дека веќе нема никаква врска со Министерството за надворешни работи, како ексамбасадор нема ниту право на апанажа и затоа е сосема слободен да бара работа каде што сака.

– Неетички е да прашувате невработен човек зошто се вработил во некоја компанија. Имаше конкурс и засега сум како советник. Би се вработил и во „Фокус“, ако ме примите. Во мај ми заврши мандатот и за амбасадори нема апанажа, па нормално е како секој човек да барам работа – одговори Спасеноски на нашата дилема дали е неетички тој веднаш по заминувањето од амбасадорското место во Киев да се вработи во украинска компанија што покажала интерес за инвестирање во Македонија токму за време на неговиот амбасадорски мандат.

На нашето инсистирање да дознаеме дали е вработен во компанијата и што значи неговата функција „неизвршен член на одборот директори“, Спасеноски одби да одговори, учтиво се заблагодари за повикот и го прекина разговорот.

Според Законот за трговски друштва, неизвршните членови на одборот директори, односно членовите на надзорниот одбор имаат право на месечен паушал, на надомест на сите други трошоци (патни и други трошоци), право на  осигурување живот и на друг вид осигурување, како и други права што се поврзани со вршењето на нивната функција (користење работни простории, потребни средства за работа и друго). Вредно е да се спомене и дека поранешниот министер и амбасадор по струка е земјоделски инженер.

Мизо, јави се!

Извршен директор на „Коппер инвестментс“ е уште еден Македонец. Се работи за правникот Зоран Мајнов, кој скопјани го познаваат како човек што работел и раководел неколку брокерски куќи.

„Фокус“ успеа да го добие Мајнов на неговиот телефон и побаравме да ни каже нешто повеќе за украинската инвестиција во Македонија. Го замоливме и да ни ја објасни функцијата на ексамбасадорот Спасеноски во структурата на акционерското друштво. Мајнов вети дека ќе ни се јави подоцна, во моментот на разговорот бил на состанок, меѓутоа не нѐ повика, додека наредниот ден телефонот му беше исклучен.

Со оглед дека на 5 март годинава во Скопје претставникот на Украинците Генадиј Сичов се сретнал и со првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Виктор Мизо се обидовме од него да искамчиме повеќе информации за фирмата „Konstantinovsky Plant of Metallurgical Equipment“ и да го прашаме што мисли тој, дали е во ред Спасеноски да биде дел од украинската компанија во овој момент.

Мизо неделава е на пат надвор од државава, па затоа прашањата му ги пративме по службениот мејл. Благодарејќи на интернет-сервисот што го користевме знаеме дека мејлот е отворен, неколку часа по испраќањето меѓутоа оттогаш до моментот кога го пишуваме овој текст, по цели четири дена нема никаков повратен одговор.

Покрај другото, во имејлот го замоливме Мизо да ни ја посочи веб-страницата на украинскиот инвеститор или, пак, да ни прати материјали од кои повеќе би дознале за самата компанија, бидејќи она што го најдовме на интернет е навистина сиромашно како информација. Она што е на англиски јазик, посветено е на најавената инвестиција во Македонија, а текстовите на украински јазик не ни кажаа многу за новиот инвеститор.

Директорот на ДТИРЗ не се одѕва ниту на нашето барање да ни помогне при лоцирањето на британската компанија „Surrey Dynamics Limited“, која, како што напишавме на почетокот од текстот, вложила еден милион евра во 2.500 акции без право на глас во скопската компанија на Украинците.

Она што може да се дознае од Македонија пребарувајќи по интернет е дека оваа фирма се наоѓа во непосредна близина на реката Темза на адреса каде што има регистрирано уште сто компании, локација на која веројатно е сместена некоја адвокатска канцеларија. „Surrey Dynamics Limited“, барем според информациите на интернет, е формирана уште во 2003 година.

Работа за Антикорупциската комисија

 Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и прв човек на „Транспаренси интернешнел“ во Македонија, Слаѓана Тасева смета дека за овој случај треба да се произнесе Државната комисија за спречување на корупцијата.

– На оваа ситуација најмногу одговара членот 17 од Законот за спречување на судирот на интереси, каде што стои забраната дека службено лице три години по завршувањето на јавните овластувања или должност или престанок на вработувањето не може да се вработи во трговско друштво во кое вршел надзор или имал воспоставен каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности – смета Тасева.

Тој како амбасадор, вели Тасева, можел да посредува во некаков договорен однос со украинската компанија, а како поранешен функционер имал пристап до чувствителни информации кои можат оваа компанија да ја стават во предност и да создадат состојба на нелојална конкуренција во однос на другите компании што немаат пристап до таквите деловни информации.

 Рамка:

Минатото на идниот рудар

Винско витештво и проблеми со Антикорупциска

Додека беше министер за земјоделство во владата на Груевски, Ацо Спасеноски доби титула вински витез од португалскиот ред на витези, избран во конкуренција на сите европски министри за земјоделство. Ревносните читатели на македонскиот печат помнат дека Спасеноски се појави на интервју облечен во церемонијална облека, црна шапка и со марама, карактеристична за витезите на виното.

Додека само што му почна амбасадорската кариера тој имаше и непријатности со Антикорупциската комисија во времето кога со неа раководеше Илми Селами.

Селами тврдеше дека Спасеноски како министер потпишал писмо со кое без основа ја препорачал фирмата „Силекс неметали“ како способна за извршување подготвителни работи за хидросистемот „Злетовица“.

Тогашниот претседател на Антикорупциска сметаше дека за случајот треба да се произнесе и Обвинителството.

Поврзани новости