АРХИВА: Пет заблуди за уставното име

by Fokus

Текстот е објавен на 5 мај, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1178

Зоран ДИМИТРОВСКИ

Пред два-три месеци, на овој ист простор напишав дека Македонија го загуби уставното име, онака како што Србија го загуби Косово. Да потсетам на аргументите, зашто преговорите што се водат за решение на спорот со Грција, актуелизираат токму промена на уставот заради промена на уставното име, за што говореше и премиерот Заев во своите последни настапи.

Со фактичкото укинување на автономијата на Косово, со долгогодишниот прогон и воено-полициската кампања на режимот на Милошевиќ насочена против мнозинството Албанци, Србија всушност го легитимираше Косово како „туѓа територија“ односно како независна држава. Се прават ли такви зулуми на свое население и на своја територија? Се што потоа се случи беше само техничка реализација на последиците од ваквото недржавничко поведение на српското водство.

Во Македонија, пак, сите политички елити од 1990-тите наваму водеа комплетно неодговорна политика кон спорот за името, не водејќи суштински преговори со Грција со залажување дека само треба да наштанцаме што повеќе признавања на државата под „уставното име“ и тоа волшебно ќе се врати во ОН. Па што и ако не се врати, референцата е нашиот вечен пасош за иднината, мислевме! Да не зборуваме за антиквизациските провокации, географските мапи и сличните будалаштини што датираат уште пред груевизмот, од времето кога со амин и на СДСМ и на ДПМНЕ го ставивме Сонцето од Вергина на државното знаме.

А Атина, всушност, цело време го чекаше моментот кога Македонија мора да затропа на нејзините порти во обид да ја реализира својата државна стратегиска цел – членството во НАТО и ЕУ, за да не соочи со нашата заблуда дека работата веќе сме ја завршиле и оти не треба да преговараме.

Независните аналитичари подолго време велат дека актуелната политика на српската власт може да се спореди со однесување на психички подвоена личност – сака да стане дел од Европа, а не сака формално да се откаже од Косово (кое се уште е дел од нејзиниот устав), откако суштински веќе не го владее. Дали и ние ќе се доведеме во таква ситуација, не можам да оценам. Но сигурен сум оти на сличен начин како во Србија и уставното име на Македонија стана жртва на нашиот шизофрен однос.

Негувавме наивна верба и надеж во меѓународната правда наспроти силата и политичките интереси кои владеат во односите меѓу државите, а во исто време шеретски, море шејтански ги миниравме лостовите на истата таа меѓународна правда со се што правевме и не правевме во минатото.

 КОЕ Е НАШЕТО ИМЕ?

Незнам што ќе се испили на крајот од преговорите со Грција, зашто компромисното решение има многу повеќе противници отколку поддржувачи и во Скопје и во Атина, но мислам оти во моментот кога се зборува за промена на уставот и на уставното име, без оглед дали денес или пред влезот во ЕУ, важно е да се расчистат уште некои заблуди.

Првата, се разбира, е поврзана со промената на уставот, која овде се смета за ерес. Арно ама, уставот е само правен акт, конституција за уредување на државата, произлезен од договор на политичките елити, израз на политичка волја на претставниците на граѓаните избрани на непосредни избори и тој може да се менува во согласност со утврдените правила. Значи, уставот не е библија, не е вечна книга, сме го менувале во минатото, повеќепати од 1946 наваму, од кога постои нашата држава, донесовме и сосема нов устав во 1991 година кога го променивме политичкиот систем, а ќе го менуваме и во иднина, кога, како што рече премиерот Заев, ќе и отстапиме дел од суверенитетот на Европската унија, ако сакаме да станеме нејзина членка. Зошто тогаш не би го менувале ако тоа е потребно заради добрососедските односи со нашиот јужен сосед и заради нашиот евроатлантски пат?

Втората заблуда е поврзана со нашето уставно име, а неговата сакрализација почна да добива на значење со пропагандистичката флоскула на ВМРО-ДПМНЕ од изборната програма на партијата во 2008 година, по самитот на НАТО во Букурешт, продадена како сенароден став за спорот за името – „нема да поддржиме промена на уставот заради промена на уставното име“. Но, ако уставот, како што видовме, не е света книга, зошто тогаш уставното име би било така третирано? Само затоа што е запишано во уставот? Каква е, всушност, таа фантазмагорична кованица – уставно име!? Дали е смислена за да биде бабарога!? Или можеби уставното име е свето затоа што со него се идентификуваме? Се разбира, идентитетот е важна, емотивна категорија.

Но, да раздиплиме со што се идентификуваме во нашето уставно име Република Македонија, со зборот „република“, политичкиот префикс за нашето државно уредување или со зборот „Македонија“, нашата вековна татковина? Се разбира оти името со кое се идентификуваме е Македонија, а какви префикси и одредници ќе има тоа име, е од второстепено значење, се додека тие се историски и географски верни, како што, да речеме, се додавките Народна или Социјалистичка Република кои Македонија ги носеше во минатото, и се додека и со нив би можеле да се идентификуваме.

Впрочем, мора да бидеме искрени и да кажеме оти целиот спор со Грција немаше да постои да не беше поделена територијата на географска Македонија во 2013 година по Балканските војни, односно, по некаква друга историска судбина Македонија да останеше обединета. Но, не можеме да избегаме од вистината дека оттогаш наваму трите дела на Македонија кај нас и во регионот се познати како Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија, а Република Македонија за првпат се конституираше како држава само на територијата во вардарскиот дел (33 отсто).

Ако е тоа историски факт и ако насекаде во дијаспората иселениците Македонци, од Битола, од Лерин или од Неврокоп, на пример, како втора идентификација велат дека се вардарци, егејци или пиринци (сетете се на народната песна „Дали сум пиринка, егејка, вардарка… јас сум Македонка“), зошто тогаш би било спорно една историски вистинита или географски точна одредница – Вардарска, Северна, Горна, на зборот Македонија да не влезе и во нашиот устав? Што има недостоинствено во прифаќањето географска одредница во името на нашата држава? И нели, што би рекол лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, таквата одредница е и математички прецизна!

 ДИКТАТ ИЛИ ВОЛЈА

Со тоа значи, се елиминира и третата заблуда дека со прифаќањето на името со географска одредница за севкупна употреба, за дома и за надвор, или ерга омнес како што бараат Грците, Македонците ќе се чувствуваат понижени и навредени. Зошто некој би се навредил од одредницата Северна, Горна или Вардарска пред името на државата? На крајот на краиштата, колкумина беа навредени од префиксот „социјалистичка“ во минатото, особено меѓу оние што беа антикомунисти?

За волја на вистината, точно е дека речиси 140 држави во билатералните односи официјално ни се обраќаат со уставното име, но сите тие држави и нивните највисоки претставници сепак ја употребуваат референцата „Бивша Југословенска Република Македонија“ или само БЈРМ, на меѓународните собири, на конференциите, спортските и музичките манифестации итн. Но, претставниците на сите тие држави и нивните граѓани, ако го смениме уставното име, секако нема да престанат да не нарекуваат Македонија и Македонци во медиумската комуникација, во колоквијалниот говор, во секојдневието, зашто географската одредница ќе биде задолжителна единствено во официјалната употреба.

А името Македонија, а не „уставното име“, сакале Грците или не, е препознатлив код за нашата држава. Тој назив и тоа име е симболот на ова парче земја, без оглед дали таа во уставот или во севкупната официјална употреба ќе се нарече Северна, Горна или Вардарска Македонија. Ова особено затоа што и покрај грчката и бугарската Македонија, тие делови од македонската територија немаат свој идентитет, токму затоа што не оствариле државност и познати се само како региони на други држави, Грција и Бугарија.

Четвртата заблуда, а таа е поврзана со аргументите дека менувањето на уставното име е недостоинствено, е дека таквата уставна промена, доколку се случи, нема да биде по сопствена волја на граѓаните и нивните политички претставници, туку под диктат на нашиот јужен сосед. Демек, едно е кога уставот го менуваме сами, по сопствена волја, а сосема друго кога тоа се прави под диктат. Се разбира, спорот за името е ирационален и асиметричен, зашто Грција бара од нас да го смениме името и таа во преговорите е страната која има поголема сила и моќ, поради тоа што може да го блокира нашето членство во ЕУ и НАТО.

Но, каква беше волјата на нашите граѓани и нивните политички претставници кога го менувавме уставот во 2001 година? Дали тие уставни промени беа исто така донесени под диктат и дали му се допаѓаа на мнозинството етнички Македонци? Се разбира дека тие следуваа по воениот бунт на ОНА, но претставниците на граѓаните во Собранието ги усвоија за да се спречи крвава граѓанска војна и поделба на државата. Значи, ако станува збор за некаков диктат, тогаш во прашање беше диктатот на заедничкиот соживот меѓу Албанците и Македонците, на еднаквоста, на меѓуетничката толеранција, просперитетот, иднината, но и на самото опстојување на државата. Оттаму, волјата на граѓаните и на политичките елити Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, за да ја осигури својата сегашност и иднина, безбедноста, територијалниот интегритет, економскиот развој е таа што може да ги диктира уставните промени, па и новото уставно име, а не диктатот на Грција.

НАШАТА НАЈГОЛЕМА ЗАБЛУДА

Петтата заблуда е дека со менувањето на уставното име ќе биде обезличен нашиот идентитет, а за идентитетот, нели, не може да се преговара. Но, види чудо. Мега-негаторите на македонскиот идентитет, Грците, кои во преговорите прво бараа името Македонија да не биде содржано во решението, или ако се употребува, тогаш да биде слеано со одредницата, па да не се преведува на англиски, да остане на „словенски“ и сл. веќе зборуваат за нешто друго. Во интервју за грчкото радио 24/7 во Грција, грчкиот министер за надворешни работи Козијас на прашањето за тоа дали Атина ќе дозволи да се нарекуваме Македонци, изречно одговори оти самоопределувањето на луѓето е нешто што не може да се доведува во прашање зашто со тоа ќе се прекршат меѓународните правила и конвенции.

Со други зборови, нашиот јазик во ОН секако ќе биде заведен како македонски јазик, иако можеби со фуснота дека е дел од групата словенски јазици, а ние ќе продолжиме да се именуваме како етнички Македонци, но и како државјани на Северна/Горна/Вардарска Македонија. Се разбира, тоа можеби нема да ја смени грчката пракса, во печатот, во секојдневната комуникација да не нарекуваат „скопјани“, но таа пракса нема да престане дури и да остане нашето уставно име.

Изгледа апсурдно, но онака како што никој не може да ги натера Грците да не наречат Македонци, без оглед дали ќе остане нашето уставно име, на ист начин, никој не може да го натера светот, за дома, пак, да не зборуваме, да ја смени праксата и да не вика „северци“, „горњанци“ или „вардарци“, а не Македонци, ако го смениме уставното име. Ова, пак, сугерира оти уставното име е нашата најголема заблуда, вештачки создаден идентитетски фетиш, зашто од него, како што гледаме, ништо не зависи.

Поврзани новости