АРХИВА Критичарите на Груевски треба да завршат како терористите!?

by Fokus

Текстот е објавен на 15 мај, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1023 

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Во ваква земја не ви преостанува ништо друго, освен да бидете предавник“. Оваа култна изјава, искажана на една од сесиите на Белградскиот круг ја дал познатиот српски книжевник Филип Давид. Тој во интервју за „Фокус“ во 2013 година тврди дека се нашол на црната листа на предавници на Слободан Милошевиќ, бидејќи водел битка против еден систем на мислење што го оправдува користењето на моќта, насилството, живата сила, сето она што на крајот завршува со ужасни злосторства.

Ваквите случувања во моментот се карактеристични и во Македонија, па така сите оние што не размислуваат на истиот начин како владејачката гарнитура или се критички настроени кон политиките на власта, по автоматизам стануваат „предавници“, „соросоиди“, „сдсмовци“, се заокружуваат со црвени кругови и се повикува на јавен линч врз нив.

Веќе неколку години наназад тоа стана тренд во државата, а уште пострашно е што тоа доаѓа од одредени јавни личности, новинари, актери и директори, кои со своите статуси на социјалните мрежи шират говор на омраза и повикуваат на јавен линч, со што го зголемуваат гневот кај самонаречените патриоти, кои се спремни да праќаат заканувачки пораки и физички да се пресметаат со сите оние што според нив, се „кодоши“ на државата.

Ваквата ситуација трае со години, но најмногу до израз дојде деновиве откако се случи терористичкиот напад во Куманово, каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили. Нормално, според поддржувачите на власта, за тоа е виновен лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поради објавувањето на политичките „бомби“, со што довел до дестабилизација на државата. Но, не само тој. Според нив, виновни се и студентите и средношколците кои секоја вечер во 18 часот речиси две недели протестираат пред Владата за прикривањето на доказите за смртта на 21-годишниот Мартин Нешкоски. И тие се закитија со титулата „предавници“.

Македонија во борба против терористите и предавниците. За пет дена терористите од Косово и соросоидите од СДСМ ранија и повредија повеќе од 70 полицајци. Во нападот врз владата имаше 38 повредени полицајци. Врз истата владина зграда, терористите изминативе два месеца двапати пукаа со гранати, а соросоидите со камења и со бекатони. Македонија ќе победи – напиша актерката и директорка на Театар комедија, Јелена Жугиќ.

По овој нејзин статус, следуваа низа коментари од поддржувачите на ДПМНЕ, кои се закануваа, повикуваа на линч и според теркот на Миленко Неделковски, фрлаа мермерни плочи врз новинарите, студентите и средношколците, само затоа што се осмелиле да се спротивстават на лошите реформи во образованието и затоа што секоја вечер излегуваат на протести.

Сето тоа не би било толку чудно да не доаѓа од јавна личност, која има повеќе од 25-годишна актерска кариера и неколкугодишна кариера како директорка на државна институција чии претстави ги посетуваат граѓани, па дури и деца. Жугиќ е позната по тоа што на 24 декември, црниот понеделник беше една од организаторите на контрапротестот на актерите, кои тврдеа дека ќе клекнат на колена и ќе се молат пред седиштето на Бихаќка, само да се изгласа буџетот. Таа тврдеше дека нема никакви партиски мотиви, што се покажа сосема спротивно, откако на предвремените парламентарни избори во 2014 година се најде на кандидатската листа на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Случајно или не, сега работите се појасни!

НА ЛИНЧ ПОВИКУВААТ ТИЕ ШТО ЦИЦААТ ОД БУЏЕТОТ

Лавина негативни реакции и жестоки критики стигнаа на адреса на директорката на Театар комедија откако го напиша статусот, со кој младите кои веќе две недели протестираат пред Владата и пред другите државни институции ги нарече „предавници“ и платеници на Сорос.

Ова не е првпат познатата актерка да излегува со вакви статуси во кои се става во служба на партиски бојовник. Таа на сличен начин реагираше и за време на протестите за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, кога ја нападна нејзината мајка дека држи митинзи и колне туѓи деца, а на демонстрантите им одржа лекција да не бараат оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, туку прво да бараат да се преиспитаат условите во кои живеело девојчето. Жугиќ не пропушти да нагласи дека ДПМНЕ е најдобра опција за нејзината татковина.

– Во демократска држава прво ќе се испитаа условите во кои е чувано и растено тоа дете, а не прво да се бараат оставки од министер за здравство и подолу во хиерархијата. Зар и со смртта на децата, играме ДОЛЕ ВЛАДА – напиша актерката Жугиќ.

Нејзините колеги и граѓански активисти не можат да сфатат како една јавна личност, која раководи со државна институција на тој начин шири говор на омраза и сето тоа, само за да ги одбрани боите на партијата. Професорката Синоличка Трпкова вели дека повеќе не може да го губи времето на луѓе што се платени од државни пари (често ограбени од едвај одржливите домашни бизниси) да цртаат црвени кругови врз тие што не мислат како нив.

Тие мораат да го одржат работното место за кое се плашат зашто до него стигнале по партиска линија, а не поради способност! Крвавите народни пари од буџетот одат во џебот за евтинашки претстави, кои умираат, исто онака како што се прават – брзо, за еден куп неквалитетен кадар што чмае по театрите, за вулгарни ТВ програми, кич споменици и ред други дребулии, а ФЗОМ е празен, здравството скапува, образованието се распаѓа, сиромаштија владее – вели Трпкова.

Според неа, во моментов постојат две струи, не на СДСМ и на ДПМНЕ, туку граѓани кои што сакаат прогрес и слобода и граѓани што сакаат да цицаат од буџетната цицка на маќеата ДПМНЕ.

Дека секојдневно се соочуваат со закани и повици за јавен линч тврди и актерката Ирена Ристиќ, која редовно е цел на вербални напади од нејзините колеги, кои се силни поддржувачи на партијата на власт. Таа пред еден месец со соочи со жестоки напади од актерот Тони Михајловски, еден од членовите на Здружението за одбрана на Македонија. За сите овие напади, Ристиќ вели:

Единственото оружје на владејачката гарнитура, а воедно и на сите нејзини платеници и слепи послушници се лагите, манипулациите, спиновите, копи – пејст сопствените мислења, заклучоци, анализи, заканите, навредите и клетвите. Кој, што од ова и колку ќе употребува во дадена ситуација зависи од интелектуалниот капацитет на горенаведените, зашто општо познато е дека со моралните вредности одамна расчистиле. Но, ќе останат сведоштва, па белки еден ден ќе си ја удираат главата во ѕид, оној ден кога ќе сфатат колку биле неуки и немушти.

Трпкова и Ристиќ станаа секојдневна мета на напади бидејќи редовно излегуваат на протестите на кои им даваат поддршка на студентите, средношколците и бараат јавниот сервис МРТВ, што го плаќаат граѓаните да биде објективен и реално да ги информира за сите проблеми во државата, а не постојано да ја брани политиката на владејачката гарнитура.

СЕЛЕКТИВНА ПРИМЕНА НА ЗАКОНИТЕ

Од февруари, 2014 година во Македонија стапија во сила нови законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа“.

Ова се измените во Кривичниот законик, кои Собранието пред една година ги донесе по итна постапка. Но, колку овој закон се почитува и од власта и од нејзините поддржувачи, кои како што може да се забележи по социјалните мрежи редовно шират говор на омраза, пишуваат заканувачки пораки и предизвикуваат насилство?

Граѓанскиот активист Петрит Сарачини вели дека таков тип изјави, каде што се употребува навредувачки јазик кон одредена група луѓе само поради нивната припадност, политичко или друг вид дејствување, несомнено е говор на омраза.

Со тој јазик, тие луѓе се дехуманизираат, се стигматизираат и се повикува на насилство кон нив. Тоа се елементи кои го конституираат говорот на омраза. Инаку, таквиот говор е кривично дело според нашиот КЗ, но како и за посочените примери, така и за многу други од блиското и од подалечното минато, обвинителството не презема ништо. Мој впечаток е дека така и ќе остане, сѐ додека не добиеме вистински независни правосудни органи, кои поактивно ќе го санкционираат говорот на омраза – вели Сарачини.

Истото мислење го дели и Уранија Пировска, претседател на Хелсиншкиот комитет. Според неа, и Жугиќ и Михајловски, освен што шират говор на омраза, поттикнуваат и насилство.

Јавниот обвинител треба да покрене кривична пријава против нив и нивното однесување бидејќи тоа е кривично дело. Може и ние како Хелсиншки комитет ќе покренеме кривична пријава против нив двајцата. Мора да се сфати дека тие двајцата се јавни личности и несомнено имаат поддржувачи на социјалните мрежи на кои со своите статуси им вршат влијание – вели Пировска.

Од друга страна, Кривичниот законик во земјава се применува, но селективно. Тоа го тврдат и дел од студентите од Студентскиот пленум, чии колеги добија осумдневен притвор во затворот Шутка наводно за спречување службено лице во вршење службено дејствие и учество во толпа.

Според Хелсиншкиот комитет, притворот не е мерка која вообичаено се одредува во вакви случаи. Единственото наведено образложение е дека ваквата мерка е преземена за да се спречи повторување на кривично дело, односно понатамошно учество на студентите во протестите. Друг факт што предизвикува сомнеж, е неверојатната брзина со која студентите-демонстранти беа идентификувани и приведени, во систем во кој инаку со години случаи остануваат без разрешница. Ова иницира едно многу важно прашање: Дали овој систем почнува да ги стега обрачите?  – прашуваат од Студентскиот пленум.

Тие, на приведувањето на студентите гледаат како на уште една мерка на репресија, односно начин да се задуши бунтот и да се посее страв.

Во меѓувреме, етикетизацијата и механизмите за делегитимирање на протестите продолжуваат – тие не се сменија уште од првиот студентски протест – се наведува во изјавата од Студентскиот пленум.

НЕКОИ ПОМИНАЛЕ САМО СО ЗАКАНИ, А НЕКОИ СО ЌОТЕК

Да се протера од државата, да му го е…. гробното место, кај што ќе легне“. Ова е само една од заканувачките пораки што ги добил Владимир Лазаревиќ од здружението „Има иднина“, кој веќе неколку месеци води битка против политиките на премиерот Никола Груевски и јавно бара негова оставка. Лазаревиќ вели дека, откако ситуацијата во државата станала неподнослива, тој решил да се активира барајќи оставка од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттогаш почнале и заканите. Тој, како што додава, досега добил повеќе од 100 пораки со заканувачка содржина од „патриотите“ во државата, кои му се закануваат по животот, го навредуваат и го прават предавник.

Јас не ги знам луѓето кои се, но слободно можам да ги наречам кукавици. На повеќето од нив им одговарам, им го давам мојот број и им викам да се видиме, но тогаш ги снемува. Тоа се смислени сценарија на Груевски. Ако го критикуваш него, тогаш по автоматизам си против него – истакна Лазаревиќ.

Со слични закани се соочува и професор Јове Кекеновски од Форумот на слободоумни патриоти. Тој вели дека заканите во последниот период намалиле, ама интензивно вербално го малтретирале на почетокот кога отворено се изјаснил против политиките на актуелното раководство на ДПМНЕ.

Одвреме-навреме има по некоја закана од некој неразвиен политички ембрион, кој заради заштита на својот личен интерес се обидува да ме заплаши. Меѓутоа, јас со помош на моите пријатели брзо ги решаваме таквите – додава Кекеновски.

Додека некои од нив само се соочиле со вербални напади и закани, има и такви кои беа и претепани. Еден од нив е Саша Богдановиќ, претседател на општинската организација Центар од СДСМ. Тој пред десетина дена беше претепан и како што вели, сигурен е дека тоа се случило затоа што е мета на власта.

Сите овие напади и притисоци се со цел да им се всади страв во коски на граѓаните, но и на нашите активисти. За нивна жал, не се даваме. Напротив, се мотивираме уште повеќе. Затоа од година во година ја зголемуваме разликата помеѓу нас и ДПМНЕ – вели Богдановиќ.

Тој го раскажува целиот хорор што го доживеал од власта во последните неколку години. Во 2008 година, како што вели, го привеле за делење флаери на улицата Македонија, а во 2009 и во 2011 година за лепење плакати. Но, тоа не е сѐ. Две години подоцна, во 2013 година, син на висок функционер заедно со претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Центар, а сегашен советник заедно со 30 алфи му ги бушеле гумите, му го чкртале влезот и му се јавувале од скриени броеви со разни закани во 2 часот по полноќ. Исто така, во 2013 година, кога биле уапсени „Паркобраните“ брутално го извадиле од автомобил и го однеле во полициската станица „Пролет“, каде што по пет часа го пуштиле со прекршочна пријава за фрлање догорчиња. Богдановиќ додава дека во 2014 година за парламентарните и претседателските избори, како и една година подоцна во 2015 година за референдумот, 15-тина алфи и 30-тина униформирани полицајци на улицата Македонија три часа ги држеле и легитимирале само поради тоа што делеле рекламен материјал. Па, дури им пишале и прекршочни казни од по 50 евра за чистота. Тој, исто така, тврди дека по натпреварот Работнички – МЗТ го привеле и претепале, а врвот била последната „сачекуша“ каде што бил видно повреден.

Знам дека лично вмровските функционери се организатори на вакви гнасни настани и линчови – додава Богдановиќ.

Овие вербални и физички напади само ја отсликуваат моменталната ситуација во која се наоѓа Македонија. Власта ги постави така работите, што кој било, ако не се согласува со политиката на Груевски соработува со странски служби и ја кодоши државата. Премиерот, пак, долеа дополнително бензин на огнот, со изјавата по антитерористичката акција во Куманово, кога меѓу другото рече:

„Ќе се воздржам од коментар на некои политичари и таканаречени новинари. Да се коментира за професионалноста на учесниците и старешините да се борат за политички поени на грбот на жртвите и ранетите е крајно кукавички чин. Македонија има сила, има сила да продолжи да чекори напред и да напредува, ова нема да ја одврати Македонија од патот кон стратешките цели на државата и граѓаните. Сите што сакаат да им нанесат зло на државата им препорачувам дека ќе завршат како оваа терористичка група“.

Но, проблемот е што и тој и неговите огнени поддржувачи кои повикуваат на линч, мислат дека критичарите на власта сакаат да ѝ нанесат зло на државата!

Рамка:

СЕ СПРЕМААТ ЛИ КОНТРАПРОТЕСТИ ЗА 17 МАЈ?

На 17 мај, опозицискиот СДСМ го закажа големиот сенароден митинг пред Владата, каде што граѓаните на мирен начин ќе го искажат својот револт против политиките на премиерот Никола Груевски. Во меѓувреме, се шпекулира дека симпатизерите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од една недела се координираат и праќаат смс-пораки за контрапротести, на кои според информациите би требало да се пресретнат со демонстрантите.

Пред само една недела, група новинари предводени од уредничката на „Вечер“, Ивона Талевска протестираа пред седиштето на Бихаќка револтирани од настанот кога на еден од антивладините протести од кои известувала, била физички нападната од група демонстранти.

Рамка:

СОРОС И СДСМ ГЛАВНИ ВИНОВНИЦИ НА ПРОВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ

За време на терористичкиот напад во Куманово, каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, провладините медиуми не заборавија во своите текстови да го обвинат Заев и критичките новинари за дестабилизација на државата. Тие постојано вината ја префрлаа на Сорос и СДСМ тврдејќи дека поради нив се случил нападот, каде што има и жртви со што ги подгреваат уште повеќе тензиите кај поддржувачите на партијата на власт за линч врз политичките противници.

Поврзани новости