АРХИВА Кој профитира од милионските тендери на Рашковски за софтверски лиценци и сирера-систем?

by fokus 21:29
21:29

Текстот е објавен на 22 април 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1333.

„Крејон Македонија“ е подружница на норвешка ИТ-компанија, која изби високо на листата на фирми без вработени со највисоки приходи во минатата 2020 година. Поточно, ова друштво лани инкасирало 4,7 милиони евра, кои всушност претставуваат приливи од договорот вреден милијарда денари што, заедно со домашната „Аитоникс“, го склучи за набавка на софтверски лиценци за државната администрација. Инаку, Фокус пишуваше за оваа тендерска постапка што, непосредно пред да ја напушти функцијата, ја спроведе поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски, и тоа во втор обид, со избришани услови за техничка и професионална способност. На крајот, фирмата што ја поништи првата не учествуваше во повторената постапка, а победникот беше решен со разлика во цена од само 200 евра. Во друга тендерска постапка за набавка на сирера-софтверот, пак, беше избрана двојно поскапа понуда…

- Advertisements -

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Набавката на софтвер врз основа на сопствен патент за безбедност во сообраќајот, кој ниту бил побаран, ниту се користи од страна на надлежното Министерство за внатрешни работи, му ја запечати кариерата на Драги Рашковски како високопозициониран административец во владината хиерархија, но воедно тоа се заканува да ја уништи и неговата кариера како универзитетски професор, доколку, се разбира, судската постапка не заврши во негова корист.

И покрај отворената поддршка што до крај ја добива од премиерот Зоран Заев, сепак, по објавувањето на сториите на „360 Степени“, Јавното обвинителство одлучи да покрене истрага против Рашковски и уште 3 лица, меѓу кои и првиот човек на „Инвока Груп“, Даниел Станчев. Имено, владиниот генерален секретаријат предводен од Рашковски и „Инвока“ во февруари 2020 година го склучија спорниот договор за набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни во вредност од 5 милиони денари.

Арно ама, Рашковски и другите осомничени се товарат за злоупотреба на буџетски средства во износ од над 11 милиони денари, од причина што секретаријатот во негово време реализирал уште две набавки поврзани со набавката на софтвер од „Инвока“. Во таа насока, со „Про Инструментс“ бил склучен договор за ANPR-камери за препознавање регистарски таблички од 4,6 милиони денари, а со „Монтинг Енергетика“ бил склучен договор за метални кабини од 1,4 милиони денари.

Освен тендерот за софтвер за сообраќајот, генералниот секретаријат на Илинденска со компанијата на Станчев склучил уште два договори за набавка софтвер за полагање на испити за потребите на други институции од нецели 15 милиони денари. Но, додека Рашковски бил владин генсек, биле склучени далеку поголеми таканаречени ИТ-договори. Меѓу нив е тендерот за софтвер за рамномерен регионален развој вреден 39 милиони денари, што го добил охридски „Ентер“ со двојно поскапа понуда од конкурентите.

Сепак, убедливо најголем тендер доделен од Секретаријатот е оној за набавка на софтверски лиценци. Притоа, овој тригодишен договор беше склучен во повторена тендерска постапка, откако целосно отпаднаа условите за техничка и професионална способност од првата поништена постапка. На крајот, Рашковски безмалку на заминување, уште пред да биде избрана новата влада, склучил договор тежок милијарда денари со конзорциумот на „Аитоникс“ и „Крејон“, кои ја победиле конкуренцијата со пониска понуда од само 200 евра?!

ИЗБРИШАНИ УСЛОВИ ВО НОВАТА ПОСТАПКА

Според Бирото за јавни набавки, владиниот генерален секретаријат и „Аитоникс“ го склучиле договорот за софтверски лиценци на почетокот на август 2020 година. Впрочем, тоа се случува во период, кога сѐ уште не е избраната старо-новата влада, која Собранието ја изгласа на крајот на август. Веќе во септември, како што е познато, Рашковски се повлече од функцијата генерален секретар, по што Заев го назначи за секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма.

Од годишниот план за јавни набавки на секретаријатот за 2020 година произлегува дека реализацијата на оваа набавка првично била планирана за февруари. Согласно планот, бил објавен оглас, но, сепак, во мај била поништена постапката. Ваков епилог следува откако до Комисијата за жалби по јавни набавки жалба поднела компанија „Некстсенс“, која, исто така, во меѓувреме соработувала со секретаријатот и други органи.

Во жалбата, оваа компанија навела дека генералниот секретаријат пропуштил „соодветно да одговори на прашањата за појаснување или измени на тендерската документација“. Во одговорот на жалбата, пак, секретаријатот посочил дека ги прифаќа наводи на жалителот. На тој начин била донесена одлука за поништување на тендерската постапка и за запирање на жалбената постапка.

Меѓутоа, Генералниот секретаријат веќе следниот ден објавил нов оглас за набавка на софтверски лиценци. Арно ама, проверките покажуваат драстична промена во тендерската документација во двете тендерски постапки. Поточно, во повторената постапка не се бара ниту еден од условите пропишани во поништената постапка, во делот на техничката и професионалната способност на економските оператори.

Односно, во тендерската документација на поништената постапка стои дека заинтересираните компании за да се квалификуваат мора да имаат реализирано барем еден ист договор во последните 3 години, чија вредност би била еквивалентна или поголема од вредноста на набавката на годишно ниво, што значи поголема од 300 милиони денари. Потоа, се барало најмалку едно вработено или ангажирано лице со сертификат MS-500, како и минимум 3 лица со сертификат MS-100. Но, овие услови се изоставени во повторената постапка…

ПОНИСКА ПОНУДА ОД САМО 200 ЕВРА

Она што е идентично за двете тендерски постапки, во техничката спецификација се наведува дека владиниот генерален секретаријат имал потреба за набавка на Мајкрософт или еквивалентни софтверски лиценци и сервиси за потребите на јавната администрација во државните и образовни органи и институции, со чие користење „би се постигнала модернизација, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација“.

Во таква ситуација, секретаријат на чело со Рашковски склучил договор со „Аитоникс“, која го добила тешкиот тендер за софтверски лиценца во групација или конзорциум со уште една компанија – „Крејон Македонија“. Практично, тие излегле како победници во тендерската постапка, откако на електронската аукција понудиле пониска цена за само 12 .000 денари во однос на другиот конкурент („Комтрејд“), што претставува минорна разлика во ваков милионски тендер.

Иако „Аитоникс“ соработувала со повеќе институции, сепак, сите останати договори што ги склучила компанијата заедно ниту приближно не ја достигнуваат вредноста на тендерот што го добила од владиниот секретаријат. Вкупно, компанијата склучила 56 договори за јавна набавка во вредност од 1.062 милијарди денари, од кои 952 милиони денари отпаѓаат на договорот за софтверски лиценци. Останатите 55 договори, од кои половина се мали јавни набавки, пак, вкупно тежат 109 милиони денари.

Во последните неколку години, „Аитоникс“ остварува годишни приходи во просек од околу 600 милиони денари, што значи дека тригодишниот тендер за софтверски лиценци од безмалку милијарда денари, поделени по над 300 милиони денари на годишно ниво, претставува половина од приходите на компанијата. Меѓутоа, од аспект на финансиското работење, интересен е фактот што партнерот со кој „Аитоникс“ го доби тендерот – „Крејон Македонија“, по формирањето во 2018 година и во 2019 година остварил буквално нула приходи и расходи.

Во секој случај, годишната сметка на компанијата за изминатава 2020 година дефинитивно ќе биде поинаква, имајќи ги предвид податоците од сервисот „Отворени финансии“, кои откриваат дека владата лани во 3 различни трансакции и префрлила на „Крејон Македонија“ вкупно 304 милиони денари, што значи дека годишната рамка е речиси исцрпена. Истовремено, од Илинденска не легнал ниту денар на сметката на „Аитоникс“, која во име на групацијата го склучила договорот.

ДРУГА ФИРМА ДОБИЛА УШТЕ ЕДЕН ТЕНДЕР

Врз основа на тоа произлегува дека формално „Аитоникс“ настапува како носител на конзорциумот, кој го доби вредниот милионски тендер, меѓутоа суштинска улога има „Крејон Македонија“. Всушност, и во самиот договор склучен со владиниот генерален секретаријат стои дека договорна страна е „Аитоникс“, но заедничкото име на конзорциумот гласи „Крејон-Аитоникс“, што јасно укажува дека странскиот партнер има водечка улога.

Крејон“ групацијата е еден од најголемите партнери на „Мајкрософт“ во светски рамки, а АД „Аитоникс“ е долгогодишен партнер и дистрибутер на „Мајкрософт“ во Р.С. Македонија. Како такви, двете компании имаат изградена соработка, дел од која е и наведениот договор за софтверски лиценци“, ни одговорија од „Аитоникс“, истакнувајќи дека имаат повеќе од 20 години искуство на ИТ-пазарот и се долгогодишен партнер и дистрибутер на компании како што се „Мајкрософт“, „Моторола“, „Леново“, „Ацер“, „Дел“…

Од нејзиното основање во 2002 година, денешен „Аитоникс“ беше познат како „ТДК Компјутери“. Така е сѐ до 2018 година, кога друштвото одлучи да се ребрендира и воедно да се трансформира во акционерско друштво. Сопственик и генерален директор на компанијата е Јордан Димитровски, додека Марко Андонов е претседател на одборот на директори, а Кирил Смилевски е неизвршен член на одборот.

Според Централниот регистар, Димитровски истовремено поседува уште една фирма за трговија на големо со компјутери, компјутерска опрема и софтвер. Тоа е друштвото основано во 2013 година со назив „Латрон Солушунс“, кое, исто така, дел од своето работење го темели на јавните проекти финансирани со буџетски пари. Патем, и оваа компанија, најголемиот тендер го добила од владиниот генерален секретаријат, и тоа во време на Рашковски.

Двете страни, лани во мај, во тендерска постапка со еден учесник, склучиле договор за набавка на информатичка опрема-уред за складирање на податоци, во износ од 10,5 милиони денари, а веќе следниот месец владата ги префрлила овие средства на сметка на компанијата. Колку за илустрација, нивната вредност ги надминува годишните приходи на фирмата во 2018 година од 7,5 милиони денари, по што следната 2019 година друштвото бележи драстичен раст на приходите до 27 милиони денари, од кои како добивка останале 5 милиони денари.

ДВОЈНО ПОНИСКА ПОНУДА „ПАДНАЛА“ НА (НЕ)КВАЛИТЕТ

Меѓу другото, Јордан Димитровски, заедно со соработникот од „Аитоникс“ Кирил Смилевски и уште неколку лица во 2019 година ја основале „Македонската асоцијација за иновативност и компетиции“. Како што велат од „Аитоникс“, ова здружение е создадено за да аплицира за проект на Фондот за иновации, но ваквата идеја не е реализирана, па тоа сега е во мирување. Како што потенцираат од таму, оваа организација нема поврзаност со „Националната асоцијација на пронаоѓачи и иноватори“, чиј член е Рашковски.

Освен комуникација на професионално ниво, која е потребно да се спроведува меѓу сите страни при постигнувањето каков било договор, Димитровски нема каква било друга поврзаност со поранешниот секретар на Владата и универзитетски професор Рашковски“, велат од неговата „Аитоникс“, од каде уште додаваат дека нивниот сопственик е член на Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии и Американската стопанска комора.

Ако астрономскиот тендер за софтверски лиценци се спроведувал со најниска цена како основен критериум, и тоа по вторпат со крајно редуцирани услови, втората по вредност ИТ-постапка Рашковски ја реализирал според комбиниран модел, така што цената носела 60 бода, а квалитетот на понудата 40 бода. Иако се јавиле две компании, негативно наддавање не можело да се одржи, туку Комисијата за спроведување на тендерската постапката морала да ги оценува понудите според овој модел. На крајот, била избрана двапати поскапата понуда.

Станува збор за набавка на софтвер за систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој. За таа цел, Рашковски во име на Секретаријатот на крајот на 2019 година склучил договор со охридската компанија „Ентер“ од 38,8 милиони денари. Во постапката учествувала уште една компанија – „Семос“, која, според извештајот од спроведената постапка, доставила понуда од околу 15 милиони денари, меѓутоа таа била дифквалификувана од процесот.

-„Ентер“ е компанија со триесетина вработени, која повеќе од 20 години успешно функционира на пазарот како регионален лидер за деловен софтвер, а во рамките на нашата бранша и како препознатлив бренд специјализиран токму за развој и имплементација на вакви комплексни деловни софтверски решенија. Тие се имплементирани во над 300 субјекти од комерцијалниот и јавниот сектор во регионот на Западен Балкан (Македонија, Косово, Србија, Црна Гора), така што бевме во можност да ги исполниме критериумите без потреба од инволвирање друга компанија во нашата понуда – вели Гоце Јанкоски, управител на компанијата.

СОФТВЕРОТ СЕ ПОЛНИ, НО НЕ Е ПРЕДАДЕН НА КОРИСТЕЊЕ

Со оглед дека договорот беше со времетраење од 5 месеци, со тоа што 3 месеци беа предвидени за испорака и инсталација на софтверското решение, а 2 месеци за обука за користење на системот, прашавме дали овие рокови се испочитувани и дали системот е веќе во функција? Како што вели Гоце Јанкоски, роковите за испорака, инсталација и обука, заедно со другите договорни испораки како што се упатствата, техничката документација и изворниот код, се целосно испочитувани. Софтверот, според него, е во активна употреба.

По испораката и реализираните обуки се пристапи кон внес на податоците од страна на администраторите од Проектната единица, како и од операторите од другите институции-корисници на системот. Досега се внесени информации за околу 1.000 проекти од областа на регионалниот развој. Притоа, се евидентираат не само проектите почнувајќи од 2020-та година, како што беше првичниот план, туку операторите го користат системот и за внес на записи и за сите проекти од претходните години – вели Јанкоски, истакнувајќи дека имплементирани се и дополнителни функционалности во системот.

Треба да се посочи дека овој договор од 38 милиони денари е убедливо највисок тендер што го добила охридската компанија „Ентер“, која вториот по големина договор за јавна набавка го склучила на сума од 5 милиони денари. Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека неговите приходи во 2018 година изнесувале 30 милиони денари, а во 2019 година пораснале на 47 милиони денари. Оттука, тендерот изнесува речиси колку годишните приходи на друштвото пред да го склучи овој договор.

Инаку, оваа тендерска постапка се спровела во рамки на проектот за „Одржлив и инклузивен регионален развој“, поддржан од швајцарската амбасада, кој се реализира преку кабинетот на вицепремиерот за економски прашања. Затоа, упативме прашање до актуелниот вицепремиер Фатмир Битиќи дали системот веќе е ставен во функција? Иако Битиќи ни вети одговор, сепак, до затворањето на весникот не го добивме.

Се работи за софтвер „Сирера“, кој сѐ уште се полни со податоци, иако досега требаше да му биде предаден на користење на Министерството за локална самоуправа, како надлежно за спроведување политики за регионален развој. Како што ни изјави министерот Горан Милевски, првично се јавил одреден застој, кој во меѓувреме е надминат. Меѓутоа, потенцира тој, софтверот сѐ уште не им е предаден, што значи дека сѐ уште не се користи за рамномерна распределба на буџетски средства.

 

ЗОШТО „НЕКСТСЕНС“ НЕ УЧЕСТВУВАШЕ ВО ПОВТОРЕНАТА ПОСТАПКА, ОТКАКО ЈА УРНА ПРВАТА?

Тендерската постапка за набавка на софтверски лиценци се спроведе по вторпат, откако првиот пат била поништена по жалба на „Некстсенс“, која, пак, воопшто не учествувала на повторената постапка, иако критериумите биле омекнати.

Предмет за јавната набавка беа софтверски лиценци од специфична програма на производителот која може да ја продаваат само компании кои поседуваат активен договор со производителот за таков вид на продажба. Во времето пред повторената постапка, не бевме повеќе авторизирани…“, ни одговорија од „Некстсенс“.

 

КАКО „КОМТРЕЈД“ ЗАГУБИ МИЛИОНСКИ ТЕНДЕР ЗА ПОСКАПА ПОНУДА ОД САМО 200 ЕВРА?

Покрај конзорциумот „Аитоникс-Крејон“,  во тендерската постапка за софтверски лиценци тешка милијарда денари учествувала и компанијата „Комтрејд“, која доставила само 200 евра пониска првична понуда, и потоа одлучила воопшто да не се наддава.

Комтрејд на 22 јуни 2020 година доби покана за учество на е-аукција, која дефинира дека минималната разлика во цената што може да ја понуди „Комтрејд“ е 4.500.000 денари. Бидејќи нашата првична понуда беше на работ на економска профитабилност, не најдовме никаков деловен интерес за понатамошно намалување на понудата за 5 проценти“, гласи објаснувањето што го добивме од „Комтрејд“.

 

ДАЛИ ДВОЈНО ПОНИСКАТА ПОНУДА НА „СЕМОС“ БИЛА (НЕ)ЦЕЛОСНА?

Во рамки на тендерската постапка набавка на софтвер за систем за координација во планирањето и спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој, наречен СИРЕРА, бил склучен договор со охридската компанија „Ентер“ на износ од 38,8 милиони денари, и покрај тоа што компанијата „Семос“ доставила двапати пониска првична понуда од 15,7 милиони денари, пред да биде елиминирана од постапката.

Против Одлуката за избор на најповолен понудувач поднесовме жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но ни беше одбиена поради неоснованост. И покрај тоа што сметавме дека нашата понуда е целосна со доставени сите барани документи согласно техничката специгикација, сепак одлучивме дека не е целисходно да се продолжува постапката со тужба против конечен управен акт пред Управниот суд, имајќи го во предвид досегашното искуство во поглед на долгото времетраење на управните постапки“, посочуваат од „Семос“.

Поврзани новости