Скопскиот центар повторно се претвори во сцена на отворено. Живи статуи и улични перформанси го привлекоа вниманието на минувачите на плоштадот „Македонија“ и улица „Македонија“, во рамки на јубилејното, десетто издание на фестивалот „Статуафест – Другото лице на улицата“.

Фестивалот, во организација на „Театроск“, веќе една деценија го носи театарот и перформансот надвор од класичната сцена, директно меѓу граѓаните. Годинешното издание се одржува под знакот на јубилејот и пораката: „Слобода е да не го правиш она што не сакаш да го правиш“.

Во текот на трите фестивалски вечери, од 17 до 19 септември, публиката ќе може да види 15 улични акти со живи статуи, во изведба на повеќе од 20 артисти од продукцијата на „Театроск“.

Покрај живите статуи, програмата годинава вклучува и уметничка инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски. Светлечките фигури, изработени во минималистичка форма, се замислени како интервенција во јавниот простор која комуницира со посетителите и отвора асоцијации на минатото и сеќавањата.

Дел од програмата е и ликовна изложба на Ненад Рафајловски, инспирирана од живите статуи и визуелните улични акти што „Театроск“ ги создавал во изминатите години во Скопје и на европските фестивали.

„Статуафест“ продолжува и на 18 и 19 септември, со почеток во 18:30 часот, на плоштадот „Македонија“ и улица „Македонија“.

Фото: Томислав Георгиев