АРХИВА: Интервју со Срѓан Ѓоковиќ, татко на Новак: Ние Македонците ги сметаме за братски народ!

by Фокус

Текстот е објавен на 05 фебруар 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1270.

Тенискиот рекет број еден Новаќ Ѓоковиќ деновиве е во центарот на светската јавност, откако наместо да се подготвува за настап на Австралија Опен, заврши во карантин. Еден од најгласните поддржувачи на српскиот тенисер е неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ, кој пред 2 години во Фокус го даде првото интервју за македонски медиум. Во интервјуто што го објавуваме во целост, постариот Ѓоковиќ отворено зборуваше што мисли за Роџер Федерер, за судирот со Слободан Боба Живоиновиќ, за односот кон Македонија и името на државата, како и за неговиот син.

Разговарал: Ненад ЖИВАНОВСКИ

ФОКУС: Господине Ѓоковиќ, ова интервју го правиме на вториот ден од Австралија опен, кога Новак ја забележа својата 900-та победа. Дали имате временска пресметка кога ќе се случи илјадитата победа за да може да се заокружи кариерата со четирицифрена бројка на триумфи?

ЃОКОВИЌ: Тоа веќе воопшто не е важно, но бидете сигурни дека ќе се заокружи и таа бројка. Новак има цел да биде најдобар на сите времиња и тоа сигурно ќе се оствари. Колку време ќе му треба за тоа – не знам, но, верувам, не повеќе од 2-3 години.

ФОКУС: Тоа значи, според вашите предвидувања, дека ќе го престигне во освоени гренслема и Роџер Федерер?

ЃОКОВИЌ: Според моите предвидувања, ќе го надмине и тој човек и сите останати…

ФОКУС: Велите „тој човек“, како да не сакате да му го спомнете името?

ЃОКОВИЌ: Сакам да го кажам следново: тие тројцата се најдобри тенисери на сите времиња. Едни на други се мотиватори за да бидат подобри тенисери од тоа што се. Ниту Новак би бил толку добар ако ги немало останатите двајца, ниту Надал би бил толку добар ако ги немало Федерер и Новак. Истото важи и за Федерер. Мислам дека тие и понатаму напредуваат, иако се веќе во четвртата деценија од животот, а Федерер се доближува и до петтата, но и понатаму се убедливо најдобрите тенисери. Има нова генерација млади тенисери што се појавуваат, се случува да се истакнат на еден-два турнира, но ќе им треба уште време за да го достигнат нивото на кое се Надал, Федерер и Новак.

ФОКУС: Вие најдобро го познавате Новак. Кога го гледаме Федерер како игра во 38-та година, какви се Вашите предвидувања уште колку години може Новак да игра во топ форма, под претпоставка да нема посериозни повреди?

ЃОКОВИЌ: Тоа најмногу ќе зависи од неговата свест, од неговата психа, бидејќи сѐ доаѓа од главата. Во овој спорт, главата е 95 отсто, а тој е ментална громанада, така што ќе игра толку колку што ќе му биде потребно за да ги освои сите тие трофеи што му недостасуваат, а многу малку му недостасуваат за да биде и по тие статистики најдобар на светот. Еден од најуважените тениски стручњаци, Ник Болитиери, во сите интервјуа веќе со години истакнува дека Новак е убедливо најдобар тенисер на светот. Кога го прашале да објасни врз основа на кои податоци смета дека Новак е најдобар, тој одговорил доволно е да се погледне меѓусебниот скор меѓу Новак и Надал и Новак и Федерер и сѐ ќе ви биде јасно кој е најдобар на светот.

ФОКУС: На прашањето до кога ќе игра тенис, Новак одговара до тогаш додека ќе има желба и љубов кон овој спорт. Тоа е, пред сѐ, еден емотивен однос кон тенисот, за разлика од Федерер, кој, како вистински Германец, повеќе игра без видни емоции, дисциплинирано, би рекле, индустриски. Дали би можеле да направите паралела меѓу овие двајца тенисери како претставници на две нации, на два менталитета?

ЃОКОВИЌ: Новак е комбинација на тие две култури. Апсолутно. Чувствителен, свртен кон семејството и традиционалните вредности, ја сака својата татковина и својот народ, потекнува од Србија и како таков има наш ген, српски. Од друга страна, тој четири и пол години поминал во Минхен, во тенискиот камп на Никола Пилиќ, и од таму ја стекнал таа неверојатна дисциплина, вредност и работливост. Значи, тој е комбинација на Србин и Германец во секој поглед, што заедно со талентот, кој му е вроден, го прави она што е тој во последниве години.

ФОКУС: Кога го споредуваме со Федерер, Вие пред десетина години нешто јавно му замеривте на Федерер. За што стануваше збор?

ЃОКОВИЌ: Не би се навраќал на тоа, само би кажал дека уште тогаш Федерер претчувствувал дека доаѓа подобар од него, и се обидуваше на секаков начин да го минимизира Новак и неговите успеси и да ја исмее неговата физичка слабост. Тогаш Новак имаше алергија на глутен, тешко дишеше и тешко ги поднесуваше долгите поени, сѐ додека тоа не го решивме со операција на обете ноздрви и го исфрли глутенот од исхрана. Федерер го исмејуваше Новак за тој здравствен хендикеп, но тоа е веќе минато и не би зборувал за тоа.

ФОКУС: Ова интервју го правиме во текот на Австралија опен. Какви се Вашите очекувања? Верувате ли дека Новак ќе ја освои осмата титула?

ЃОКОВИЌ: Не очекувам, јас сум сигурен дека ќе ја освои!

(Во неделата (2 февруари) Ѓоковиќ го освои осмиот трофеј на Австралија опен, односно 17. по ред гренслем-титула во кариерата и во фантастичното финале го победи Доминик Тим со 3-2 во сетови-н.з)

ФОКУС: А во текот на годината, колку гренслема очекувате да освои?

ЃОКОВИЌ: Сега има 16 гренслема, а веројатно на крајот на годината ќе има 18 или 19. Можеби е неверојатно тоа што го кажувам, бидејќи јас не сум од тенискиот спорт, но сум спортист и можам да проценам нечиј напредок, а Новак толку напредува и во својата 33. година, што е тоа неверојатно. И тоа го покажа на последниот АТП куп – тој сега игра подобро отколку кога било. Целосно е созреан.

ФОКУС: Од сите мечеви на Новак, кој најмногу го паметите?

ЃОКОВИЌ: Најтежок за гледање, на кој лично не присуствував, но го гледав на телевизија, ми беше финалето во 2012 година на Австралија опен против Надал, кое траеше речиси шест часа. Тоа беше пеколен тенис. Вториот меч, на кој присуствував, беше минатата година во Вимблдон, против Федерер, кој беше проследен со невидено навивање против Новак.

НОВАК СЕ РАЃА ЕДНАШ ВО 100 ГОДИНИ

ФОКУС: Да се вратиме на самиот почеток. На четиригодишна возраст на Новак сте му купиле играчка мал рекет и мали издупчени шарени тениски топчиња. На шест години, Новак почнува да тренира тенис. Што се случувало во тие две години за да оцените дека неговиот однос кон тенисот е нешто повеќе од детски хир и дека тука може да испадне сериозна приказна?

ЃОКОВИЌ: Тие години живеевме на Копаоник и работевме во пицерија, и тогаш почнаа таму да се градат тениски игралишта. Новак на работниците што ги правеа игралиштата постојано им носеше кафе, пиво, храна и така се заинтересира за тенисот. Тоа му го видов во очите и затоа му го купив тој рекет и тие топчиња, кои му станаа главни играчки. Сите останати играчки ги маргинализираше. На негови четири години дојдоа некои луѓе од Нови Сад и отворија камп за тенис. Јас го запишав и тој ги научи основите за играње. На шест години го презеде нашата врвна тенисерка и прекрасен тениски педагог Јелена Генчиќ и го тренираше до неговата единаесетта година, кога повеќе не можеше да го тренира поради нејзините години и го препорача на Никола Пилиќ. Во кампот на Пилиќ во Минхен, Новак замина на 12 години и таму остана во следните четири и пол години.

ФОКУС: Каква е улогата на мајката Дијана во тениските почетоци на Новак?

ЃОКОВИЌ: Улогата ѝ е немерлива и незаменлива…

ФОКУС: Во едно нејзино интервју изјавила дека најтешко од сѐ ѝ паѓало кога вие четворица мажи ќе сте се врателе од тренинг на земја и во машина ќе сте ѝ фрлиле да пере чорапи целите исцрвенети од земја…

ЃОКОВИЌ: Точно, по две машини вклучуваше дневно. Тешко ѝ беше, особено кога беше сезоната на земја. Требаше сето тоа да се испере. Но, тешко беше и кога Новак на 12 години го испративме во Германија, па по неколку месеци не можевме да го видиме, бидејќи немавме пари за превоз. Па, моравме да се позајмуваме пари од разни лихвари, со камата од 10, 12, 15 отсто на месечно ниво. Па, работата на Копаоник, па санкциите, па бомбардирањето… во најлошото време за Србија и српскиот народ се појави Новак, како од Господ да беше пратен за да сфатат луѓето дека ништо не е невозможно ако се сака. Тој потекнува од обично српско семејство, од обичен народ и, затоа тој на крајот од својата кариера ќе се врати во својот град, во својата земја, меѓу својот народ.

ФОКУС: Во тие тешки години на санкции, сиромаштија, позајмување пари, бомбардирање, дали постоеле моменти на криза и очај да се прашате што ми требаше сево ова и да се поколебате да прекинете со поддршката на Новак?

ЃОКОВИЌ: Никогаш! Никогаш! Никогаш! Јас бев сигурен сто отсто дека тој ќе биде најдобар на светот. Но, не решив јас за тоа, туку Јелена Генчиќ, која на шестгодишна возраст на Новак ми рече дека, по Моника Селеш, олку талентирано дете никогаш немала тренирано. Мојата сопруга и јас бевме во позитивен шок, бидејќи не сме од тој спорт, па затоа консултиравме и некои други тренери од Италија, Франција, Англија, САД и никаде не слушнавме поинакво мислење од она што ни го кажа Јелена Генчиќ. И врз основа на тоа изградивме претстава за вредноста на нашиот син.

ФОКУС: Сепак, до тогаш најдобриот српски тенисер Слободан Боба Живоиновиќ немал позитивно мислење за малиот Новак како тенисер?

ЃОКОВИЌ: Да, за жал, Живоиновиќ немаше позитивно мислење за Новак во клучните моменти за него. Еден од најбогатите Срби на светот, Филип Цептер, сакаше да го спонзорира Новак и му се обратил за мислење на Слободан Живоиновиќ, а овој му рекол дека Новак имал болно срце и болна петица и дека јас сум бил невозможен за соработка. И, поради тоа, Цептер се откажа од поддршката за Новак. Поради таа изјава на Живоиновиќ, тој ни направи пекол во животот во наредните три години. Но, тоа е едноставно така. Она што нема да ве убие, тоа ќе ве направи посилен.

ФОКУС: Кои биле мотивите на Живоиновиќ за таквата изјава?

ЃОКОВИЌ: Мотивите му биле затоа што година дена пред тоа, Цептер му дал половина милион евра за четирите најталентирани деца-тенисери во Србија, меѓу кои бил и најстариот син на Боба, Филип. Кога слушнал за Новак, Цептер го прашал Живоиновиќ од каде сега Новак, кога ти ме убедуваше дека четирите деца што ти си ги избрал се и најталентираните деца во Србија. И Бобо му одговорил дека Новак не го зел затоа што имал болно срце и болна петица, а татко му бил невозможен за соработка. Притоа, не познавајќи го ниту Новак, ниту мене, бидејќи во животот не немал видено.

ФОКУС: Значи Новак немал никакви здравствени аномалии?

ЃОКОВИЌ: Никакви.

ФОКУС: Од тогаш се имате ли видено со Живоиновиќ?

ЃОКОВИЌ: Да, се имаме видено.

ФОКУС: И што му кажавте?

ЃОКОВИЌ: Што сум му кажал ќе ви откријам кога ќе го исклучите мобилниот да снима.

ФОКУС: Ова не е и единствениот Ваш конфликт со Живоиновиќ. Пред неколку години, јавно протестиравте и поради тоа зошто на прославата на Меѓународната тениска федерација за 100 години од постоењето тенис отпатувале Боба и Брена, наместо, како Вие што укажувавте, да се испратат тогаш популарните српски тенисерки Ана Ивановиќ и Јелена Јанковиќ?

ЃОКОВИЌ: А, што би направиле вие, освен да протестирате, кога ќе дознаете дека на прославата на светскиот тенис отпатувала Фахрета Јахиќ?! Исто како што повеќепати ми се случило на гренслемите во почесната ложа на мојот син, да ги гледам Фахрета Јахиќ и Боба Живоиновиќ, кои немаат никакви допирни точки со него.

ФОКУС: Испаѓа дека Новак бил инцидент во српскиот тенис, но дали нешто се сменило со неговото појавување?

ЃОКОВИЌ: Секако дека е инцидент и коинциденција на различни среќни околности бидејќи во српскиот тенис нема систем и нема да постои сѐ додека Новак и неговите браќа не отворат тениски камп и не направат систем. А жално е што тоа веќе државата не го направила, бидејќи Србија имаше првопласиран тенисер на светот, не само во Новак, туку и во Ана и во Јелена и во Ненад Зимониќ.

Таков систем се обидував јас да направам 11 години додека Живоиновиќ, кој ни го упропасти животот, беше претседател на Тенискиот сојуз на Србија и со различни подмитувања на клубовите ме спречуваше во тоа. За жал, јас го изгубив мојот елан, но, за среќа, моите деца не се и тие ќе го направат тоа. Иако спорт број еден во моето семејство беше скијањето и Новак требаше да биде скијач, а не тенисер.

ФОКУС: Кој е подобар: Новак како скијач или вие како тенисер?

ЃОКОВИЌ: Новак како скијач, сигурно. Тој скија одлично.

ФОКУС: Се сеќавам на слика од минатогодишниот Вимблдон, како, по финалето, Новак го држи за рака синот Стефан и го шета во просториите на All England Club. Во еден момент се сретнуваат со принцот Чарлс, кој се наведнува кон малиот Стефан и го прашува дали ќе биде тенисер како татко му, кога ќе порасне? Што одговара Стефан кога ќе го прашаат ова прашање? Тој сега се наоѓа на истата возраст како Новак, кога сте му го купиле малиот рекет и шарените топчиња. Ќе биде ли Стефан новиот Новак?

ЃОКОВИЌ: Јас најискрено би сакал, но тоа е многу тешко. Други се околностите, друга е ситуацијата. Неговиот син, a мој внук, сега живее во многу подобра ситуација, отколку што ние живеевме со Новак на негова возраст. Гените постојат. Нашата волја и желба, исто така, постојат. Но, без негов интерес нема ништо. Затоа би му порачал на син ми да ми го даде внукот Стефан, за од него да направам нов Новак!

ФОКУС: Мислите дека би биле поуспешен во тоа отколку Новак?

ЃОКОВИЌ: Сигурно, бидејќи Новак нема време да се занимава со тоа. А јас сум слободен. Mене и на мојата сопруга, 15 години единствена работа ни беше да му се посветиме на Новак и затоа успеавме. Истото би било и со Стефан.

ФОКУС: Ако тргне Стефан по стапките на својот татко, ќе сака ли и сопругата на Новак, Јелена, да пере извалкани чорапи од тренинзи на земја?

ЃОКОВИЌ: Тешко тоа… Но, којзнае, можеби со текот на времето и тоа ќе се случи.

СРЕЌАТА НЕ Е ВО ПАРИТЕ

ФОКУС: Да зборуваме малку и за хуманитарната работа на семејството Ѓоковиќ. Со што се занимава Фондацијата Новак и во што наоѓате мотив дел од вашите средства и време да ги канализирате и во добротворни цели?

ЃОКОВИЌ: Мотивот го наоѓаме во сознанието дека е многу поубаво во животот ако имаш можност да даваш, отколку да примаш. Ние со тоа сознание се водиме и, затоа, помогнавме многу цркви и манастири, помагаме сиромашни деца и дававме финансии за разни други причини. Дури помогнавме и во откупот на една земја во Грачаница, на Косово, која беше во сопственост на некои луѓе, кои сакаа да ја продадат. Ние ја откупивме земјата и ја подаривме на Српската православна црква. Сега Фондацијата ја водат Новак и неговата сопруга Јелена и тие, за да не се расплинуваат на повеќе страни, се фокусираа на една тема, а тоа е помагање деца од предшколска возраст и градење детски градинки.

ФОКУС: На прес-конференцијата на минатогодишниот Вимблдон, Новак изрази желба неговата Фондација да се шири и надвор од границите на Србија и да направи детска градинка во Македонија. Постои ли можност ангажманот на Фондацијата да стане меѓународен?

ЃОКОВИЌ: Апсолутно, да! Затоа што Новак не е само српски тенисер, тој е и светски тенисер. И тој ги смета своите соседи Македонци за свои и е достапен за хуманитарна работа каде било да го повикаат во светот, вклучително и во Македонија.

ФОКУС: Во нашиот разговор постојано го користите зборот Македонија, Македонци без додатокот Северна. Имајќи го предвид Договорот со Грција, како Вие во иднина ќе го нарекувате јужниот сосед на Србија?

ЃОКОВИЌ: Ние, Македонците ги сметаме за братски народ, но, исто така, и Грците ги сметаме за наш братски народ. Грците беа со мојот народ за време на ужасното бомбардирање, кога 20-те најбогати и најмоќни држави на светот бомбардираа со сета сила, секој ден, една мала земја. Нашите браќа од Грција беа со нас секој ден. Тие се наши браќа, како што сте и вие наши браќа и јас никогаш нема да ве раздвојувам од нас. Договорот што го постигнавте со Грците мислам дека е добар. Дали е одличен – не знам. Но, за мене, е добар.

ФОКУС: Во која смисла за Вас е добар?

ЃОКОВИЌ: Затоа што престанаа конфронтациите што можеа да ескалираат во нешто поопасно. Вие со тој договор направивте за тој проблем повеќе да не се зборува. Но, и понатаму, вие за себе бевте и останавте Македонци, иако официјално прифативте да бидете Северна Македонија. Ние со децении ја нарекуваме Холандија – Холандија, а тие сега решија да го сменат своето име во Низоземска. Но, ние и понатаму ги викаме Холандија. Целиот свет Беч го вика Виена, ние го викаме Беч. Вие за мене секогаш бевте Македонија и Македонци и така ќе остане додека сум жив. Ова ви го велам најискрено бидејќи немаме потреба нашата популарност да ја градиме на ништо друго, освен на она што досега сме го постигнале преку спортот и крвавата работа.

ФОКУС: На споменатата прес-конференција на Вимблдон го прашав Новак Ѓоковиќ кога ќе ја посети Македонија, а тој изрази желба тоа да се случи наскоро, бидејќи никогаш не бил во нашата земја и дека Охрид мора да го види. Потоа уследи и покана од премиерот Зоран Заев. За пет месеци ќе почне новиот Вимблдон, а Новак сѐ уште не нѐ посетил. Ќе испадне дека е полесно да се освои Вимблдон, отколку да се дојде во Македонија.

ЃОКОВИЌ: Чекавте 15 години, стрпете се уште малку. Тој многу ретко доаѓа и во својата земја и во својот роден град. Но, во секој случај, со задоволство ќе ја посети Македонија кога за тоа ќе му се укаже можност и ќе го повтори она што јас ви го кажав пред малку дека Македонците и Македонија се наш близок народ и земја. Верувајте ми дека на Новак многу повеќе му значи она што за него го чувствува обичниот народ и дека тој сака да го види, отколку кога покани му испраќаат политичари, независно од која страна да доаѓаат.

ФОКУС: Каков е Вашиот однос кон Македонија, имате ли пријатели Македонци?

ЃОКОВИЌ: Како да не, колку сакаш имам пријатели. Ја обожавам Македонија и ве гледам како свој народ и своја земја. Исто како и Грците и Црногорците. Тоа се за мене трите најблиски братски народи на мојот народ.

ФОКУС: Вашите корени потекнуваат од Црна Гора. Како гледате на најновите настани во Црна Гора и протестите околу црковниот имот и СПЦ?

ЃОКОВИЌ: Мислам дека е помината црвената линија, која не води кон ништо добро. Таа власт во Црна Гора, која прави сѐ за да ги скара двата најблиски народа, сака да ни го земе нашиот идентитет, нашето срце, нашата душа, нашето вековно постоење. Меѓутоа, тоа нема да се случи – помината е црвената линија и едноставно Србите не можат тоа да го прифатат. Ќе се бориме за нашата ’срж, за нашиот идентитет додека нѐ има и еден и последен жив Србин на оваа планета. Нема да правиме компромис кога е во прашање нашата вера и нашето постоење.

ФОКУС: Пред седум години имавте несреќа да се заразите со сепса и бевте тешко болен. Дали во тие моменти ви пролетуваше целиот живот во мисли и осознавате ли колку парите се релативна работа?

ЃОКОВИЌ: Така е. Еден месец шансите да преживеам ми беа еден отсто. Немав четириесет килограми тежина. Претпоставките беа дека кога сум примал инјекции против болка во кичмата дека тогаш сум се заразил со сепса. Таа болест и сѐ што преживеав лекувајќи се, ме натераа да размислам за животот, за смислата на своето постоење и за смислата на самиот живот. Во нашиот живот ние бевме и од едната и од другата страна – и да немаме и да имаме. И, сфатив дека парите се само платежно средство, а ваши се само тие пари што ќе ги потрошите. Тие што ги чувате, не се ваши. Но, и дека среќата не е во парите, дека среќата е во главата. Ако тука немате рамнотежа и немате вистински однос кон животот, нема среќа за вас. Конечно, кога малку заздравив, на шега, си реков: „Господе, се надевам дека нема сега да ме земеш? Толку се изнамачив во животот и сега, кога треба малку да проживеам, да заминам… А, снаите да потрошат сѐ (се смее)“.

Поврзани новости