АРХИВА Груевски може да се спаси во два од пет случаи на СЈО, „Тенк“ и „Траекторија“ ќе застарат пред тој да биде осуден

by Fokus

Текстот е објавен на 20 јули, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1189

Пишува Валентина ВУРМО

Иако на поранешниот премиер Никола Груевски веќе година и пол му се суди за пет предмети по обвиненија поднесени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), сепак досега за ниту еден случај не е правосилно осуден.

Тој првпат на обвинителна клупа седна на 16 декември 2016 година, како обвинет во случајот „Насилството во Центар“, а потоа се редеа и рочиштата за „Титаник“, Тенк“, „ТНТ“ и „Траекторија“, но освен првостепена пресуда за набавката на мерцедесот од 580.000 евра, со која беше осуден на две години затвор, останатите се „заглавени“ во доказна постапка.

Имајќи предвид дека во Македонија одредени судења траат и по една деценија, па и повеќе, на пример „Змиско око“, изминатиот период не е предолг за да се обвинат судиите дека неажурно си ја вршеле работата. Напротив, рочиштата ги закажуваа во временски распон од неколку дена, но тие се одложуваа поради десетината приговори на одбраната, кои како по шема се поднесуваа за сите предмети на СЈО. Од приговори за непризнавање на „бомбите“ како докази, па сѐ до барања за изземање на сите судии, од прв до последен.

Ова се тактики што ги користат сите адвокати за да купат време, но во случаите на СЈО тоа е и повеќе од драгоцено. Ако се има предвид дека „бомбите“ сведочат за криминал од 2011 до 2015 година, односно во време кога било вршено незаконското прислушување, а СЈО беше формирано во 2015 година, постои реална опасност од застарување на дел од кривичните дела, бидејќи рокот тече од денот кога се сторени.

Од големите риби фатени во обвинителската мрежа, за кои народот чека правда, најголема шанса да се спаси од понатамошен кривичен прогон поради застарување има Груевски. Ова значи дека судењето ќе запре без да се докаже дали е виновен или не.

Па, така, по „космодиск“ аболицијата на Иванов, која изгледа шашаво, ама делува, односно сѐ уште е во игра да ги спаси од затвор обвинетите од СЈО, втор џокер на Груевски, кој за разлика од првиот е законски издржан, е застарувањето.

ГРУЕВСКИ НЕМА ДА ОДИ В ЗАТВОР ЗА НАБАВКАТА НА МЕРЦЕДЕСОТ?

Најголема опасност од застарување има за предметот„Тенк“, бидејќи доколку до октомври годинава нема правосилна пресуда за набавката на луксузниот мерцедес, тоа значи дека овој случај отиде низ вода, и тоа буквално.

Правната пресметка е следна. Според СЈО, Груевски кривичното дело го сторил во октомври 2012 година, кога по негова желба и нарачка бил купен скапиот мерцедес. За делото за кое го гонат, „примање награда за противзаконито влијание “, предвидена е затворска казна од една до три години, а според одредбите на Кривичниот законик ваквите дела застаруваат за шест години.

Кривичниот суд, поточно судијката Добрила Кацарска го заврши својот дел, односно донесе пресуда на 23 мај, по што на потег е Апелациониот суд. Доколку второстепениот суд до октомври ја потврди пресудата, тоа значи дека нема да дојде до застарување, а Груевски ќе мора да замине зад решетки. Но, доколку одлучат случајот да го вратат од почеток, односно на повторно судење, тогаш е невозможно до овој датум да се стигне до правосилност.

Застарувањето е сѐ поизвесно бидејќи овој предмет апелационите судии нема да го земат во работа сѐ додека трае судската ферија, односно до 15 август. По овој датум остануваат само уште два месеца за разрешница.

Судијката Кацарска, првото рочиште за „Тенк“ го одржа на 30 јануари и релативно брзо го заврши до 23 мај. На обидите на одбраната да ги одолжува рочиштата, таа возврати со рочишта што траеја повеќе од осум часа, а следните продолжуваа наредниот ден.

Токму за овој начин на експресното водење на постапката реагираа и од Коалицијата сите за правично судење, од каде што изразија загриженост за маратонското рочиште, кое траеше од 10.30 часот, па сѐ до 21.36 часот.

Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот и негово траење од 11 часа сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката, со тоа што се врши повреда на нивното право на одбрана. На обвинетите им се оневозможува правото на ефективна одбрана, а во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана. Имајќи го предвид фактот дека на ова рочиште беа изведувани докази на јавното обвинителство до 21.36 часот, а во текот на следниот ден за кога повторно е закажано рочиште по овој предмет во 10.30 часот, ќе се пристапи кон изведување на материјалните докази и сослушување на сведоци на одбраната, истата не е во можност, во траење на овие 13 часа помеѓу двете рочишта да ја подготви соодветно својата стратегија и да овозможи соодветна одбрана, реагира од Коалицијата.

Тие се повикаа на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, со кој се уредени минималните права на обвинетите за подготвување на одбраната.

Токму овој аргумент се очекува да го искористи и одбраната, па за технички или процесни причини да извојува повторено судење за Груевски, што би значело и негова слобода, со оглед на застарувањето.

АЛЕКСИЌ: „ТЕНК“ ЗАСТАРИ УШТЕ ВО ФЕВРУАРИ!

За Сања Алексиќ, една од адвокатките на Груевски, ова дело уште од февруари годинава има апсолутна застареност, па второстепените судии само ќе треба тоа да го констатираат.

Таа, повикувајќи се на податоците од диспозитивот на обвинението, вели дека „бомбата“ која според СЈО е доказ дека Груевски сторил кривично дело, односно го нарачува возилото, е со датум од февруари 2012, а не октомври, па според таа логика и кривичното дело е сторено во февруари, а не неколку месеци подоцна, кога бил набавен мерцедесот.

Согласно член 30 од Кривичниот Законик, кривичното дело е сторено во време кога сторителот работел или бил должен да работи без оглед кога настапила последицата. Согласно член 107 став 1 точка 5 од КЗ застареноста за гонење на предметното кривично дело настапува со протек на три години од извршувањето на кривичното дело. Согласно член 108 став 6 од КЗ застареноста на кривично гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареноста на кривичното гонење, појаснува Алексиќ, која овие аргументи ги посочи и во својот завршен збор.

Таа заклучува дека со оглед што се поминати повеќе од шест години од моментот за кој обвинителот тврди дека Груевски го сторил делото, евидентно е дека настапила апсолутна застареност.

Судијката Кацарска, пак, при соопштувањето на пресудата истакна дека кривичното дело не застарело бидејќи во меѓувреме Груевски се гонел за кривични дела сторени на понов датум, што значи дека застареноста прекинала.

Но, адвокатите појаснуваат дека ова важи само за релативната застареност, односно за рокот од три години предвиден за обвинителски активности пред отпочнување на судската постапка.

Застарувањето во ваков случај се прекинува, односно не важи, доколку осомничениот во меѓувреме сторил ново дело, кое е исто или потешко од претходното, но според адвокатите не е доволно да има поднесено обвиненија, како во случајот, туку веќе да е донесена правосилна пресуда. За апсолутната застареност, пак, велат дека е се чисто како солза.

Три години по февруари и март 2015 година, кога уште бомбата од Заев не е ниту пуштена во јавност, а СЈО не е ни формиран, веќе има релативна застареност. СЈО е формиран на 15 септември 2015 година, а пак снимките ги презема од СДСМ дури на 30 декември истата година, додека обвинителските активности почнуваат дури потоа. Од ова може да се сфати дека има јасна релативна застареност. Апсолутна застареност е ако во рок двојно подолг од максималната казна не завршил случајот правосилно. Тоа во овој случај е шест години, односно во февруари или март 2018 година, што значи дека веќе неколку месеци има и апсолутна застареност, децидна е Алексиќ.

ЧАСОВНИКОТ ОТЧУКУВА И ЗА „ТРАЕКТОРИЈА“

И додека се чека „пресметката“ на Апелациониот суд за тоа дали Груевски навистина се спасил од кривичен прогон поради застареност, времето и понатаму тече во негова корист, односно е негов сојузник.

Доколку до октомври наредната 2019 година не падне правосилна пресуда и за случајот „Траекторија“, односно за изградбата на патот Кичево – Охрид, тогаш екс премиерот ќе куртули и од овој случај, за кој му се заканува затворска казна од една до три години.

Според диспозитивот на обвинението, кривичното дело е сторено во текот на 2012 и 2013 година, а првото рочиште се одржа на 31 јануари.

Овој предмет сѐ уште е на почетокот, бидејќи на последното судење одржано пред судската ферија, продолжи со слушање на дел од предложените 315 бомби. По одморите, судењето ќе продолжи со преслушување на останатите бомби и смс-пораки. Потоа на дневен ред ќе дојдат сведоците, вештачењата и завршните зборови. Дури на крајот следува пресудата.

Иако на располагање е уште цела година, сепак, според обемноста на доказниот материјал и бројот на сведоци, уште сега неизвесно е дали и овој случај ќе доживее правосилност.

За разлика од Груевски, екс министерот Миле Јанакиески, кој исто така е обвинет за финансиски злоупотреби при изградба на автопатот, не може да се крсти на картата на застарување, бидејќи за разлика од неговиот некогашен шеф тој се гони за посериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку пет години. Ова дело застарува дури во 2023 година.

Покрај големите шанси на Груевски поради застареност да се спаси од два случаи на СЈО, сепак во игра остануваат уште три предмети, од кои спасот ќе мора да го бара на друго место.

Случајот „ТНТ“, или рушењето на „Космос“, сметајќи од крајот на 2012 година застарува за 10 години, бидејќи за него му се заканува казна од најмалку три години. За ист период од една деценија застарува и случајот за „Насилството во Центар“, каде што екс премиерот се гони за кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години. Со застарување, повеќе од сигурно, невозможно е да се спаси за предметот „Титаник“, односно за изборните нерегуларности, бидејќи според улогата што ја одиграл во овој случај предвидена е казна од најмалку пет години.

 СО ЗАСТАРЕНОСТ НЕ МОЖАТ ДА СЕ СПАСАТ МИЈАЛКОВ, ЈАНАКИЕСКИ И ЈАНКУЛОСКА

Привилегијата да се крстат во застареност ја немаат некогашните најблиски соработници на Груевски, како екс министрите Јанакиески и Гордана Јанкулоска, бидејќи речиси за сите кривични дела за кои се гонат им се заканува казна од над пет години.

Во иста правна положба е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е обвинет во четири случаи на СЈО и тоа „Титаник 2“ за изборните измами, „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, „Трезор“ за незаконска набавка на опрема и „Таргет и Тврдина“ за нелегалното масовно прислушување. Овие случаи се далеку од застарување, бидејќи тоа ќе се случи за десет години сметано од денот на извршувањето на кривичното дело.

Како и да е, иако за главниот предмет што треба да ги открие сите детали од масовното прислушување, за што всушност беше формирано и специјалното обвинителство, не постои реална опасност од застарување, сепак овој случај веќе седум месеци не е поместен од мртва точка.

Првото рочиште се одржа на 22 декември 2017 година, а како и оние неколку што следуваа потоа, се одложуваа поради недостапноста на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски. Дури на последното рочиште на 19 јуни, судијката Џенета Беговиќ одлучи да ја раздвои постапката за бегалците, откако го доби образложението од Врховниот суд во Грција дека нема да бидат екстрадирани. Одвоено ќе ѝ се суди и на Јанкулоска, која неодамна се породи.

Па, по оваа одлука, наместо конечно да почне главната расправа, повторно се случи одложување, бидејќи одбраната достави предлог постапката за обвинетите да запре, повикувајќи се на амнестијата на Ѓорге Иванов. Наредното рочиште е закажано за 31 август, кога конечно се очекува стартот, но и да се види ставот на судот околу амнестијата, за која веќе еднаш се изјаснија дека е незаконска.

Истрагата за предметот со кодно име „Тврдина“ беше отворена во март 2016 година, а за предметот „Таргет“ во ноември 2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет.

Случајот се однесува на незаконското следење на комуникациите во период од 2008 до 2015 година. Обвинетите се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување при прислушувањето на најмалку 5.827 телефонски броеви или 20.017 нелегално прислушувани граѓани.

Амнестијата, застарувањето и уште многу правни лекови и адвокатски трикови и во иднина ќе бидат искористени само за обвинетите поранешни функционери да куртулат од затвор.

Јавноста имаше можност да слушне за криминалите што се правеле, но сѐ додека не види дека нечија нога го пречекорила прагот на затворот, нема да поверува во правораздавањето.

Рамка

Груевски и соработниците годинава нема да се сончаат на море

Екс премиерот Груевски и неговите поранешни соработници, обвинети во предметите на СЈО, ќе имаат можност еден месец да одморат од судските рочишта, бидејќи од 15 јуни до 15 август трае судската ферија, кога судиите имаат одмор. Во овој период се одржуваат судења само за притворските предмети, односно случаите во кои обвинетите се во притвор.

Сепак, поранешните функционери нема да можат да заминат на летување на море, бидејќи пасошите им се одземени како мерка на претпазливост. Затоа ќе мора да се задоволат со некоја од плажите во државата.

 

Поврзани новости