АРХИВА Го откриваме името на човекот, кој бараше глас за Груевски во замена за ин-витро

by Fokus

Текстот е објавен на 20 април, 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 877
архива

Пишувала: Сашка ЦВЕТКОВСКA

Глас за ин витро”. Вакви наслови на своите текстови им дадоа многу од медиумите кои ја следеа сторијата на А1 Tелевизија, попозната како афера „Списоци”, објавена лани непосредно пред изборите, која направи своевидна вивисекција на моделот на прибирање гласови од административците за избори под притисок на владејачката партија. Административецот со „ин витрото” не случајно остави најголем впечаток кај јавноста – тој не можел да сфати, како жената на неговиот список рекла дека не знае за никакви списоци и гласања и им спуштила телефон на „главните” од партија (новинари кои лажно се претставија), кога токму тој ѝ „средувал” за ин витро оплодување, како раководител на една од подрачните единици на Фондот за здравство во Велес.

Но, што мислеше тој под „средувал”, публиката сфати сама. Јас, како една од авторките на таа сторија, покрај колешката Наташа Стојановска, не можам да пишувам за оваа приказна од дистанца. Не можам да не споделам дека токму од тој човек и мене искрено ми се преврте во стомакот. Тогаш, во телевизијата, во обидите да не бидеме тужени, но и да не им наштетиме на оние луѓе кои ги снимавме, претставувајќи се како луѓе од централата на партијата на власт, луѓе кај кои стравот се чувствуваше буквално „преку жица”, решивме да не ги објавуваме имињата на снимените. Дебата се отвори дури и за оние кои не заслужуваа ниту трошка сочувство, како, на пример, за шефот што средува за ин витро. Сепак, редакцијата донесе одлука, ниедно име да не биде јавно објавено.

Пред околу две недели, безмалку по една година од објавувањето на таа приказна, Македонскиот институт за медиуми ја додели главната награда за истражувачко новинарство за 2011 година, токму за „Списоците”. На церемонијата, директорката на МИМ, Билјана Петковска, го постави логичното прашање – каква разврска очекувавте, или сѐ уште очекувате? Разврска очекувавме, ама разврска немаше. Обвинителството поведе истрага, ама ја затвори со брзина на светлината. Фондот за здравство, пак, најави внатрешна контрола во своите редови, но, и од тоа ништо не видовме. Е токму затоа денес се прашувам – дали „оној со ин витрото” ја заслужува нашата дискреција?

ace_d_20_06_2014620174436КАКОВ ЧОВЕК ТРАМПА „ИН ВИТРО” ЗА ГЛАС?

Со совеста сум на чисто. Анде Марковски, раководител на Фондот за здравствено осигурување во подрачната единица Велес, дефинитивно не заслужува ничија дискреција. Не е тој од оние административци кои на телефон, со страв во заби, ни се колнеа дека сите нивни луѓе ќе им излезат на гласање, освен ако, не дај боже, некој умрел. Не, не, тој се нудеше да собере и уште повеќе народ за гласање. Не 30, колку што му била обврската како шеф, ами и 130, ако требало. Анде е човекот кој неговите потчинети колеги го посочија дека ги собрал и им кажал кој по колку гласови треба да донесе на списоче, со име, презиме, адреса, телефон – сѐ црно на бело.

Е, тој Анде, не го заслужува моето сочувство. Не е тој од репресираните, ами од агресорите во администрацијата. Туку, кој е всушност, Анде? Што човек е, што табиет? Па, и не треба многу за да дознаете. Мала истрага со обичен пребарувач на интернет за „ликот и делото” на човекот кој е спремен и 130 луѓе да собере за неговото ВМРО, е доволна за да можете отприлика да го визуелизирате Андета и неговата нарав.

Не бил Анде отсекогаш вмровец. Бил и титовист. Во мај 2008 година, со камери и фанфари, дел од општинската организација на НСДП во Велес, преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ. Објаснување за овој изненаден трансфер дава самиот Марковски.Тито Петковски, додека беше во власта, со тесна група свои приврзаници се однесуваше како опозиционер, иако беше дел од владината коалиција. Тоа беше неприфатливо за нас – изјавува Анде Марковски на 21 мај во 2008 година.

Тој и останатите од НСДП, кои преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ, дополнуваат дека не се согласувале со преминот на партијата на Петковски во коалиција со СДСМ за тогашните избори. Се разбира, имајќи предвид какви функции добива Марковски, сосема е логично, помила да му се видела власта од опозицијата. Анде, покрај работата како раководител во Фондот во Велес, станува член на управните одбори во јавната здравствена установа на Велес, како и на Црвениот Крст!

ШТО НЕ ИСТРАЖИЈА ИСТРАЖИТЕЛИТЕ?

Зошто е Анде важен? Сигурно не е најважен. На тие списоци имаше стотици луѓе. Главно, од здравството и од образованието. Тие кои нѐ лекуваат и ни ги образуваат децата. Нејсе. По објавените снимки, иако без идентитет, Фондот за здравствено осигурување вети дека ќе има внатрешна истрага.

– Иако во Фондот никој не поднесе официјална претставка, сепак ќе го испитаме преку внатрешната контрола. Сите политички активности вработените можат да ги извршуваат надвор од работното време. Фондот не навлегува во нивната интима. Во текот на работното време, секој вработен е задолжен да се придружува до законите – изјави портпаролот на Фондот за здравство, Бранко Аџиговов, пред речиси една година.

Што откриле или што не откриле, никогаш не дознавме. Повиците од мојот телефонски број беа одбивани од портпаролот Аџиговов, а не одговори ниту на смс-пораките.

Но еве, нека почнат од Анде. Им го даваме со име и презиме. Нецензурирани, односно, со целосни имиња и презимиња во тонските записи ќе им ги дадеме и останатите вработени во Фондот во Велес, со кој шефува Анде Марковски. Тие најубаво објаснуваат – како им „проаѓало” работното време пред избори, кој ги викнал во партија да им соопшти наредба за списоци со одреден број на сигурни гласачи, па како ги носеле списоците кај шефот Анде во канцеларија. Има материјал, ако не им се брза да ја затворат истрагата, а јас и Наташа со задоволство ќе го споделиме и ќе соработуваме, како што своевремено му се понудивме и на државниот јавен обвинител, Љупчо Шврговски.

svrgovski1ОБСЕ ДО ШВРГОВСКИ – ДА НЕ СЕ ПРАВИ ЛУД!

А што направи Шврговски? Тој не само што вети, туку и „оствари” истрага. Резултатите од таа „истрага” што ја водеше обвинителот од скопското обвинителство, Марко Зврлевски, беше сумирана во едно кусо и штуро соопштение, испратено од кабинетот на Шврговски. „Од прибавените изјави не произлезе основано сомнение, дека е сторено кое било кривично дело од главата на кривични дела против изборите и гласањето за кои гонењето се превзема по службена должност”, напиша Шврговски на 3 јуни минатата година, или два дена пред изборниот ден.

Истрагата траеше едвај десетина дена. Виновниците од списоците доаѓаа на доброволна база, а многумина и не се појавија, како што, впрочем, информираше и самиот обвинител Марко Зрлевски. Експертската јавност уште тогаш гледаше скептично на самата истрага, посочувајќи дека обвинителот ја ограничил истрагата само на член 160, став 1 од Кривичниот законик, иако можел и би требало да поведе постапка и по други членови, посуштински и поблиски во содржината до овој случај.

Аферата не помина подобро ниту во Државната изборна комисија. Претседателот Борис Кондарко предложи да се направи ревизија на списоците доставени од А1, за да се види дали некои од административците на тие списоци се наоѓаат можеби и во изборните комисии низ земјава. Се разбира, со четири гласа „против” и само два „за”, предлогот на Кондарко беше надгласан.

Арно ама, она што на Шврговски му се виде „готова работа”, ОБСЕ го процени поинаку. Би требало, ако обвинителот малку барем држи до својот кредибилитет, да се замисли, и, во најмала рака, да се засрами пред заклучоците на ОБСЕ, кои индиректно му велат да не се прави на „три и пол” и да поведе вистинска истрага. Злоупотреба на државните ресурси за партиски цели, притисок врз администрацијата, државни службеници кои агитираат за владејачката партии, за кои луѓето во мисијата на ОБСЕ се увериле и од материјалите на А1 телевизија, но, пред сѐ, од доказите кои самите ги прибрале.

„На ОБСЕ и на ОДИХР им беа презентирани електронски пораки кои покажуваат дека барањата ги упатувал партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ до локалните градоначалници и раководители на образовни институции, пред објавувањето на изборите. Секое партиско дејство од страна на вработени во државни органи сторено во текот на работното време претставува злоупотреба на државните ресурси за потребите на партијата”, пишува во извештајот за изборите на ОБСЕ и ОДИХР.

Па така, ОБСЕ, слично како и Анде Марковски, во својата аудио „исповед” за А1, обелоденува дека партијата на големо се подготвувала за избори уште пред тие да се распишат, или, во време кога се пецкаа со Бранко кој ги викаше на избори, а тие демек, немаа зошто. И после, оп, не се плашеле мајчините ни од Бранко, ни од бутур, па во секое време биле спремни ко пушки. Што, очигледно, било точно! ОБСЕ понатаму констатира дека државниот обвинител преземал мерки и отворил истрага. Но, главните препораки во извештајот се токму наменети за Шврговски и за неговата фарса. Тие порачуваат експлицитно „обвинителот да стори сѐ за да ги расветли овие случаи, а виновниците да седнат на обвинителната клупа”.

Волјата на обвинителот се виде. Ако толку сака да ги расветли, а доказите на А1 не му биле доволни, Шврговски може да ги побара доказите и од ОБСЕ. Да прочита некој имејл, па да види кои партиски активисти на ВМРО ги инструирале раководните лица на институции за изборите, како и начинот на кој административците ќе регрутираат гласачи под притисоци и закани, директни или индиректни.

Да се надеваме дека, ако ништо друго, Шврговски и луѓето од Фондот за здравство имаат совест и душа, па нема да дозволат луѓе од калибарот на Анде Марковски да трампаат бебиња за гласови и на следниве локални избори. Јас, со мојата совест, толку можам – да го покажам со прст оној кој гази врз достоинството на граѓаните на оваа држава. Па, вие сте на потег, обвинителе – време е на партиските профитери да им покажете среден прст!

Рамка 1

ФОНДОТ ТУЖИ НОВИНАРИ ЗА СТОРИЈАТА НА А1!

Десет месеци откако ја објавивме истражувачката сторија за „Списоците” со уценети гласачи, се обидов да добијам одговор, дали Фондот за здравство спроведе некаква дисциплинска постапка, за да утврди – дали нејзини функционери ги прекршиле правилата на службата? Уште повеќе, како јавното обвинителство го затвори предметот? Ако портпаролот на Фондот за здравство не се одважи да одговори на повиците и пораките на „Фокус”, од скопското обвинителство добивме штур одговор, дека истрагата е завршена, а сите детали биле своевремено обелоденети во јавноста.

Од многуте „детали”, обвинителството ги сподели само оние во кои посочува дека се повикани на разговор луѓето чии имиња беа на списоците, но никогаш не објасни – зошто во интерес на истрагата не беа повикани и новинарите на А1, кои ги водеа тајно снимените разговори? Можеби годината речиси помина, но ние се уште сме на располагање, во интерес на вистината. Особено на Фондот за здравство, кој тужи новинари кои ја пренеле сторијата на А1, а ниту еднаш за време на истрагата не се сети, доколку навистина е искрен во намерите да расчисти со оние кои злоупотребуваат во неговите редови, да ги повика и новинарите.

Во секој случај, ние се уште сме на располагање заедно со аудио записите од повеќе вработени во Фондот за здравство!

Рамка 2

МИЛОШОСКИ ПРЕД СУД ЈА ИСПЛУКА СТОРИЈАТАAntonio Milososki

По прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод аферата „Списоци”, а откако Александар Бичиклиски дури и лично им порача на новинарите на А1, Гоце Михајловски и Сашка Цветковска, да си бараат друга работа, Антонио Милошоски го одржа легендарниот прес, каде обелодени дека ВМРО-ДПМНЕ ја замрзнува одлуката за нетужење новинари, а цел адвокатски тим веќе работел на тужби кон А1, со кои ќе се докажело дека целиот овој случај е монтирана фарса.

Дека Милошоски љуби да тужи не е некоја тајна, но, ете, за оваа афера не тужеа. Ова, секако, ќе го припишеме на неговата претходна функција како екс-министер за надворешни работи. На тој начин, сигурно бил запознаен со работата на мисијата на ОБСЕ, па, ако не на А1, веројатно им верува ним и престанал да се сомнева во веродостојноста на доказите

Рамка 3

ШЕМАТА НА ЧИНОВНИЦИТЕ-РЕГРУТИ!

Според она што се објави на А1 телевизија, раководителите на институциите биле задолжени да соберат 30 сигурни гласачи кои ќе излезат на гласање до 12 часот на изборниот ден, додека нивните потчинети имале обврска да донесат до 15 гласачи. Списоците во најчест случај се доставувале кај раководните лица со имиња, презимиња, адреси, број на избирачко место и мобилен телефон!

Поврзани новости