АРХИВА Како синот на Лазов и внукот на Адеми добија концесии за билборди?

by Фокус 16:30
16:30

Текстот е објавен на 07.09.2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 987

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека ќе поднесе кривична пријава против неговиот претходник Коце Трајановски, поради незаконско доделување на концесија за билборди. Станува збор за компанијата Медија С, која добила концесија за 250 билборди, но по извесно време заминала во стечај па правото било пренесено на компанијата Лид Медија, иако во таков случај морало да се распише нов јавен повик. Фокус пред неколку години пишуваше за состојбите во бизнисот со билборди, вклучително и за споменатата Медиа С, која испадна дека е поврзана со семејството на починатиот Буцо Лазов, чија прва компанија, исто така, замина во стечај.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Приватните компании и политичките партии сѐ повеќе се ориентираат кон надворешното рекламирање поради низа компаративни предности во однос на рекламирањето на традиционалните медиуми, како и на интернет. Најважно од сѐ, пораката што ја упатува билбордот го освојува случајниот минувач или возач, кој не може да ја игнорира, како што може да ја избегне на телевизија или на компјутер.

Притоа, тоа е релативно евтино и достапно, што не значи дека станува збор за недоходовен бизнис, туку напротив – се работи за сѐ попрофитабилна гранка, иако бара и големи инвестиции. Затоа, разбирливо е што се пројавува интерес за тоа кој стои зад него.

ОД ДВЕ НА ЧЕТИРИ КОМПАНИИ

Во ова таканаречено рекламирање „надвор од дома“ се прави милионски обрт на средства. Поточно, упатените кажуваат дека цифрата достигнала 4 милиони евра на годишно ниво, со тенденција од година в година приходите да растат паралелно со зголемувањето на интересот за рекламирање на билборди. Можеби и до 80 отсто од профитот се прави преку рекламните паноа во Скопје, а остатокот на билборди, ситилајти и билборди во другите градови и во меѓуградските средини, обично влегува во пакет-понудите за главниот град.

Токму во метрополата неодамна дојде до престројување на играчите во овој бизнис. Во обид да го реши хаосот со билбордите, но и да обезбеди поголем прилив на средства во градскиот буџет, Град Скопје избра четири компании за поставување и стопанисување со билборди. Тоа се „Скрин-медија“, „Акцент-медија“, „Калаплакат“ и „Медија С“, кои, за да може да дејствуваат во овој бизнис на подрачјето на Скопје, мораат да му плаќаат на градот 302.000 евра годишно. Тие беа избрани по два јавни повика, при што интерес пројавиле и други компании, меѓутоа не ги исполнувале условите за учество на јавното наддавање.

На првиот јавен оглас, документација за јавен оглас за доделување локации за поставување рекламни паноа на подрачјето на Град Скопје подигнаа вкупно 12 правни лица, а од нив 5 правни лица доставија понуди. По извршената проверка на комплетноста и валидноста на понудата, како и по спроведената евалуација на истата, се утврди дека вкупно 3 од правните лица што поднеле понуди ги исполнуваат условите за учество во јавното наддавање. На вториот јавен оглас, пак, документација за јавен оглас за доделување локации за поставување рекламни паноа на подрачјето на Град Скопје подигна едно правно лице и беше доставена една понуда“, велат од Град Скопје.

Од таму додаваат дека општината редовно го следи исполнувањето на правата и обврските дефинирани во договорите, па доколку има одредени недостатоци на теренот, тие веднаш се решаваат. Засега, четирите компании ги почитуваат стандардите утврдени со Програмата за поставување урбана опрема – рекламни паноа на подрачјето на градот Скопје за периодот 2012-2027 година. Всушност, со оваа програма се утврдени зоните и се дефинирани границите за тоа каде треба да бидат поставени рекламните паноа и каков треба да биде нивниот облик.

БИЗНИСОТ И ПОЛИТИКАТА

Фокус“ веќе пишуваше за една од четирите фирми-концесионери на градот − „Скрин медија“, која се поврзува со висок државен и партиски функционер на партија во власта. Имено, сопственикот и управникот на оваа компанија за надворешно рекламирање, формирана во 2008 година, набрзо по доаѓањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Ељмедин Адеми, е син на братот на министерот за образование и генерален секретар на ДУИ, Абдулаќим Адеми.

Ние сме деловна компанија во областа на надворешното рекламирање и соработуваме со многу компании и клиенти. Не сме блиски до ниту една партија, ние партиите ги гледаме само како потенцијални клиенти и токму затоа имаме соработувано со сите – истакна тогаш Адеми од „Скрин-медија“.

Освен во Скопје, неговата компанија е присутна и во други општини, меѓу кои и некои што моментално се под локална власт на „интегративците“. Како што фирмата самата објавила на својата интернет-страница, таа го добила правото да постави и управува со билбордите во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Штип, Велес, Охрид…

Речиси сите договори, што компанијата ги има со општините, се од период кога ДУИ не раководеше со тие општини – посочува партискиот генерален секретар и прв човек во ресорот за образование, Адеми.

Во врска со општините што ги водат градоначалници од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, постојат различни ситуации. Како што нѐ информираа од општините, во Штип компанијата на внукот на министерот за образование е една од многуте компании што оперираат во оваа област, во Велес ѝ истекол договорот, додека Охрид допрва ќе избере концесионер.

ОД СТЕЧАЈ КОН ЛИКВИДАЦИЈА

Што се однесува до другите компании, „Акцент-медија“ е една од најстарите фирми во оваа дејност со дваесетгодишно искуство во државава. Таа претставува дел од австриската компанија со осумдецениско искуство во оваа област, „Епа медија“, чии фирми-ќерки работат и во Бугарија, Романија, Словачка, Унгарија, Чешка и Хрватска. Пред Градот да одлучи да воведе поголема конкуренција во овој бизнис, компанијата беше единствениот концесионер на Градот, заедно со „Лазов груп“.

За потсетување, и двете изнесоа забелешки на одлуката на скопскиот градоначалник Коце Трајановски да го удвои бројот на концесионери и на рекламни паноа во градот, кои патем мора да бидат унифицирани и стандардизирани. Од „Акцент-медија“ не одговорија на нашите прашања упатени по електронски пат − дали се надминаа проблемите во оваа сфера по воспоставувањето на новите правила на игра и како тие гледаат на новата конкуренција? Но, ако оваа компанија, сепак, продолжи да функционира на овој пазар, тоа не е случај со „Лазов груп“.

Така, за неа на почетокот од годинава е отворена стечајна постапка, која е во почетна фаза. Стечајот доаѓа како резултат на неможноста да се исплаќаат преземените обврски во одреден рок. За стечаен управник е именувана Сузана Спирковска, која ни изјави:

На 16 септември треба да има рочиште на кое треба да се одлучи дали компанијата ќе биде реорганизирана или ликвидирана. Најверојатно ќе се случи второто, бидејќи компанијата не може да ги исплати доверителите. Нема имот, тоа што компанијата го поседувала било ставено под залог и е запленето од УЈП…

Инаку, оваа компанија е основана во далечната 1996 година од страна на познатиот бизнисмен Владимир (Буцо) Лазов, кој важеше за водечки фактор во овој бизнис долги години. Додека тој го чека епилогот од стечајната постапка, интересно, неговиот син Филип Лазов е назначен за управител на друга маркетинг-агенција. Тоа е „Медија С“, која склучи договор со Град Скопје по вториот јавен повик како единствен понудувач, наспроти другите три компании, кои тоа го сторија по првиот јавен повик.

Освен тоа, потврдите од Централниот регистар покажуваат дека седиштето на „Медија С“ е на иста адреса со седиштето на „Лазов груп“ − на улица „Павел Шатев“. Кус период претходно, „Медија С“ имаше седиште на друга адреса и друг управител, Владимир Аговски. Кратко интернет-пребарување веднаш ќе открие дека Аговски и младиот Лазов биле дел од иста музичка група.

ФАКТИТЕ СЕ ФАКТИ

Како сопственик на „Медија С“, пак, фигурира адвокатот Славко Секулов. Во телефонскиот разговор тој не се обиде да ги негира овие податоци, ама одби да ги коментира.

Фактите се факти, но шпекулациите не можам да ги коментирам. Знаете, ова е мала земја, сешто се зборува – рече Секулов на нашето прашање за врската на неговата компанија со семејството Лазови.

За разлика од него, уште пред да го ислуша нашето прашање, Буцо Лазов љубезно нѐ замоли да го прекинеме разговорот.

Се извинувам, ама не гледам зошто би разговарале – воздржан беше популарниот „крал на билбордите“.

Адвокатот Секулов не е наведен како основач-сопственик на „Медија С“, туку како содружник, што значи дека подоцна влегол во друштвото преку свој придонес во главнината, паричен или непаричен, сеедно.

Друштвото го основал Сашо Пешев, извршен директор и еден од четворицата партнери на етаблираната и наградувана маркетинг-агенција „Њу момент“, присутна во целиот регион, која работела на многу проекти за приватни компании, за владата и за други институции.

Јас бев во компанијата (Медија С) и со неа конкурирав и го потпишав договорот со градот. Но, подоцна му ја препуштив на Секулов бидејќи не бев во можност да ја поднесам инвестицијата. Само еден билборд чини 5.000-6.000 евра – појаснува Пешев.

Тоа значи дека откако Пешев му ја препуштил „Медија С“ на Секулов поради неможност да ја поднесе инвестицијата, управител станува Филип Лазов, при што компанијата има седиште на иста адреса како и „Лазов груп“ на неговиот татко Владимир Лазов, која е во стечај и ја очекува ликвидација.

Фирмата згаснува, сопственикот се повлекува, но синот продолжува со работа во друга, до неодамна конкурентска компанија за надворешно рекламирање.

Поврзани новости