Текстот е објавен на 27 февруари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.534.
Во 2020 година, тогашната Агенција за млади и спорт, која неодамна се трансформираше во Министерство за спорт, спроведе тендер за изградба на 6 затворени пливачки базени во вкупна вредност од околу 4 милиони евра. Иако одамна требаше да бидат изградени, сепак, досега завршен е само базенот во Тетово, додека базените во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и во Кичево се уште не се готови (се очекува да бидат завршени на крајот на летово) и плус ќе чинат повеќе од првично предвиденото. Патем, овие базени ги гради компанија, која не ја обезбедила потребната банкарска гаранција, туку тоа го направил ангажираниот подизведувач, а моментално на терен гради сосема трета фирма. Згора на тоа, избраниот изведувач моментално има негативна референца издадена од друга институција токму поради несоодветна банкарска гаранција. Инаку, ова друштво е поврзано со добро познатата „Бауер БГ“, чиј управител е обвинет за изведбата на владината фасада…
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Во почетокот на 2020 година, тогашната Агенција за млади и спорт спроведе тендерска постапка за изградба на затворени пливачки базени, во чии рамки склучи договори со две компании за изградба на 6 базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола, Кичево и во Тетово во вкупна вредност од околу 4 милиони евра.
Но, 5 години подоцна, од сите нив е изграден само базенот во Тетово, додека останатите 5 базени се уште се недовршени. Моментално, секој од овие базени е во различна фаза – некаде се работи на машинство, електрика, водовод, додека некаде уште не се монтирани ниту коритата.
Притоа, завршениот базен го градела една компанија, додека останатите 5, кои сè уште не се финализирани, ги гради друга компанија, која моментално има негативна референца, т.е. забрана за учество на тендери. Патем, таа е персонално поврзана со друга компанија, чиј управител беше обвинет за изведбата на владината фасада.
Она што е интересно, за реализација на 5-те базени не е раскинат договорот со избраниот изведувач, кој не ги завршил навреме. т.е. до 2020 година. Згора на тоа, потребната банкарска гаранција за спроведување на проектот не ја обезбедил изведувачот, туку подизведувачот прифатен и од страна на инвеститорот, а на терен моментално гради сосема трета фирма. За што станува збор?
ВЛАДИНА ПРОГРАМА
Инаку, во Програмата што своевремено ја донесе Владата предводена од Зоран Заев, меѓу другото, се наведуваше дека приоритет ќе биде развојот на спортот во училиштата и универзитетите, со цел пораст на граѓаните што спортуваат од 2 на 20 проценти. За да ја спроведе оваа заложба, тогашната Влада донесе одлука за изградба на 14 пливачки базени.
Така, во периодот до 2022 година требаше да се изградат затворени базени во општините Штип, Чаир, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Тетово и Кичево, кои, пак, имаа обврска да изберат локација и да обезбедат одобрение за градба.
Врз основа на тоа, тогашната владина Агенција за млади и спорт, која по последната реорганизација на државната управа се трансформираше во Министерство за спорт, спроведе тендерска постапка за спроведување на првата фаза од зацртаниот проект, која предвидуваше изградба на 6 пливачки базени во 5 градови во Македонија.
Па, во рамки на постапката на почетокот на 2020 година беа склучени договори со 2 градежни компании во вкупна вредност од 244 милиони денари или скоро 4 милиони евра. Една од нив, како што тогаш пишувавме, е во сопственост на газдите на добро познатата „Бауер БГ“, која речиси цела година претходно имаше забрана за учество во тендерски постапки, а иста таква забрана има и во моментов…
ТЕНДЕРСКА ПОСТАПКА
Во такви околности, Агенцијата за млади на спорт, тогаш предводена од Дарко Каевски, кој во меѓувреме беше обвинет во случајот со спортски ваучери, ја отпочна постапката за изградба на 6-те базени. Тоа се случува во ноември 2019 година или половина година по владината одлука за реализација на проектот. А, целата постапка беше финализирана на почетокот на 2020 година, кога всушност функционира техничка влада за спроведување на избори.
Според Бирото за јавни набавки, оваа постапка за изградба на базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Тетово, Кичево и Битола беше поделена на 5 дела, односно лота, со оглед дека секој базен се тендерирал како посебен дел, со исклучок на базените во двете скопски општини, кои биле групирани во еден лот. Практично, за секој дел се спровела посебна постапка, односно за секој лот се одржала посебна електронска аукција.
Од тендерската документација произлегува дека право на учество имала секоја компанија регистрирана за дејноста поврзана со предметот на набавката. За да се квалификува, економскиот оператор морал да има најмалку 50 милиони денари приходи во 2016, 2017 и во 2018 година. Договорниот орган поставил и услов, кој предвидува заинтересираните компании, во последниве 5 години да имаат изведено најмалку 3 објекти од 2 категорија, со вредност поголема од 6 милиони денари.
Она што е експлицитно истакнато во критериумите за избор на најповолен понудувач, е дека право на учество нема „економскиот оператор кој има една или повеќе негативни референци, групата економски оператори во која членува економски оператор кој има негативна референца“. На крајот, АМС склучува договор со компанија која нема негативна референца, но таа била поврзана со друштво кое имало негативна референца.
РЕЗЕРВНА КОМПАНИЈА
Имено, Агенцијата за млади и спорт склучила договор со 2 компании, меѓу кои друштвото „Еуровиа“, кое за над 700 илјади евра го градеше и веќе го изгради базенот во Тетово. Арно ама, најголем дел од колачот добила скопската фирма „Енергоинвест Трејд Глигор“, која склучи договори од 3,2 милиони евра за базените во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево. Ниту еден од овие базени се уште не е изграден.
Како што веќе пишуваше „Фокус“, врз основа на тогашните официјални податоци, оваа компанија беше во сопственост на газдите на „Бауер БГ“, која веќе една година имаше активна негативна референца, откако не реализирала навремено договор за јавна набавка склучен со друга институција, односно со Министерството за образование за изградба на училиште во Скопје.
Информациите од Централниот регистар говорат дека „Енергоинвест Трејд“ е формирана во далечната 1996 година како компанија за „трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки“. Историјатот на промени покажува дека фирмата неколку пати го менува основниот предмет на работа. Tака, низ годините нејзина претежна дејност била одгледување на житни растенија и други посеви, како и претовар на товар.
Дури во 2014 година, приоритетна дејност на компанијата станува изградба на станбени и нестанбени згради, каква што е потребна за тендерот за изградба на базени, ама и други тендери од сличен карактер. Веднаш откако компанијата формално се преориентира кон градежништвото во текот на 2014 година, нејзини единствени сопственици стануваат Горан Димитров и Благој Димитров…
НЕГАТИВНИ РЕФЕРЕНЦИ
Инаку, се работи за браќа, кои истовремено беа партнери и на далеку попозната градежна компанија – „Бауер БГ“. Како што многупати пишувавме досега, нејзината работа првично се доведуваше во корелација со ВМРО-ДПМНЕ, и, пред сè, со поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, од причина што друштвото, првите тендери ги доби од скопската Општина Гази Баба, во време кога градоначалник беше токму Трајановски.
Сепак, „Бауер БГ“ продолжи да добива јавни зделки и по политичките промени на централно и на локално ниво, односно откако на власт дојде СДСМ, а скопски градоначалник стана Петре Шилегов. Колку за потсетување, веднаш по промената на локалната власт на изборите во 2017 година, оваа компанија заработи негативна референца од страна на Државното претпријатие за државни патишта.
Според претпријатието, компанијата не го потпишала договорот за јавна набавка откако веќе била избрана за најповолен понудувач за изградбата на мост на реката Коселска во Охрид. Но, „Бауер БГ“ одлучила да ја оспори ваквата одлука пред Управен суд, кој пресудил во корист на компанијата-жалител, аргументирајќи дека непотпишувањето на договорот не е вина на компанијата.
Сепак, подоцна „Бауер БГ“ добива уште една негативна референца, која ѝ забрани да учествува во тендерските постапки од март 2019 до март 2020 година. Од Бирото за јавни набавки ни појаснија дека референцата е изречена во последен миг додека важел стариот Закон за јавни набавки, а новиот закон предвидува шестмесечна (двојно пократка) забрана при активирање на банкарската гаранција и прекршување на изјавата за сериозност.
ЕЛИМИНИРАНА КОНКУРЕНЦИЈА
Откако „Бауер БГ“ добил забрана за учество на тендерски постапки поради потфрлување при изградбата на ОУ „Димитар Македонски“ во Општина Аеродром, компанијата беше надвор од јавните набавки. Но, другата компанија на Димитрови – „Енергоинвест Трејд“, доби над 20 тендери само од 2018 година до 2020 година, чија вкупна вредност изнесуваше околу 5,5 милиони евра. Иако соработувала со повеќе органи, фирмата убедливо највисокиот договор го склучи со АМС за изградба на петте пливачки базени.
Тогаш, од АМС објаснија дека на јавното отворање биле доставени вкупно 14 понуди, при што 4 понуди не се квалификувале за понатамошно учество во постапката поради неисполнување на условите за квалитативен избор. Извештајот од спроведената постапка што го обезбедивме, пак, открива дека една од дисквалификуваните компании била етаблираната австриска компанија „Штрабаг АГ“, со образложение дека документацијата ја потпишале со невалиден дигитален сертификат. Елимирани биле и домашни фирми.
Воедно, извештајот обелоденува уште еден момент, имајќи во предвид дека содржи и забелешки од двајца од петтемина членови на Комисијата, што ја спровела оваа јавна набавка. Меѓу нив бил и претседателот Борче Митков, кој посочил дека понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена во државниот буџет за 44 милиони денари во споредба со проценетата вредност на набавката и средствата обезбедени со одлуката за јавната набавка во износ од 200 милиони денари.
„Со дообезбедување средства се ставаат во понеповолна положба сите учесници во постапката, а доколку понудените цени за изградба на 6 пливачки базени се реални со пазарните, тогаш се поставува прашањето зошто е згрешена проценетата вредност на набавката“, навел Митков во забелешката, кој заедно со уште еден член на Комисијата побарале поништување на постапката.
БАНКАРСКА ГАРАНЦИЈА
Каква е моменталната ситуација? Како што не известија од Министерството за спорт, во моментот изградбата на петте базени е во различна фаза на секоја локација. Поточно, во Кисела Вода, Ѓорче Петров и во Штип, работите се во понапредна фаза и потребно е да се заврши фазата машинство и дел од електрика и водовод за базените да бидат завршени, а во Битола и во Кичево потребно е да се монтираат коритата итн.
„Објектите не се завршени во предвидениот рок од причина што не биле обезбедeни доволно финансиски средства, немало политичка волја да се завршат отпочнатите проекти. Ние го откочивме процесот и согласно предвидената динамика, овие пет базени се предвидува да бидат завршени до крајот на летниот период“, велат од Министерството на чело со министерот Борко Ристовски.
Понатаму, од таму нè информираа дека изведувач на базените останува „Енергоинвест трејд“, со кој поранешната Агенцијата за млади и спорт склучила договор пред 5 години. Тоа што е интересно е што подизведувач прифатен од инвеститорот е „Еуровиа“, која го изгради базенот во Тетово. Дополнително, интересно е тоа што банкарската гаранција не ја обезбедил изведувачот, туку подизведувачот „за сметка и корист на инвеститорот, а во име на изведувачот“.
Сепак, во официјалниот одговор недостига фактот дека на терен базените ги гради сосема трета фирма. Станува збор за тетовското друштво „Вивинт“, основано во 2022 година за изградба на станбени и нестанбени згради. Како сопственик на оваа компанија, чиј назив може да се сретне и на таблите поставени на местата каде што се градат базените, се јавува Зерафет Шефити, а управител e Садат Аљиљи.
ЦЕНА НА ЧИНЕЊЕ
Што се однесува до цената на чинење, според официјалните податоци до кои дојдовме, вредноста на базените во Кисела Вода и Ѓорче Петров изнесува 93,1 милиони денари, во Кичево – 49,4 милиони денари, во Штип – 46,7 милиони денари и во Битола 50,1 милиони денари. Значи, доколку овие суми останат и со завршната времена ситуација, произлегува дека 5-те базени ќе чинат околу 3,8 милиони евра, колку што првично беа проектирани за изградба на сите 6 базени, заедно со веќе изградениот во Тетово.
Оттука произлегуваат неколку заклучоци. Прво, изградбата на 5 од 6-те базени веќе длабоко доцни. Второ, нивната цена на чинење ќе се зголеми во однос на првично планираните средства и висина на склучените договори, така што испаѓа дека првичната сума била доволна за еден базен помалку. И трето, 5-те базени ќе ги догради сосема трета фирма, откако подизведувач ја обезбедил потребната банкарска гаранција за избраниот изведувач.
Што се случува во меѓувреме? Во меѓувреме, доаѓа до одредени промени во сопственичката структура на „Бауер БГ“ и „Енергоинвест Трејд“. Моментално, „Бауер БГ“, која има блокирана банкарска сметка, е во сопственост на Благој Димитров и Гордана Димитрова, а управител е Горан Димитров. Во врска со „Енергоинвест Трејд“, сопственик е Гордана Димитрова (косопственик на „Бауер“), а управители се Глигор Димитров и Љубен Илиевски.
Во споредба со претходно, се забележува дека актуелниот управител на „Бауер БГ“, Горан Димитров, е надвор од сопственичката структура на оваа компанија, но и на „Енергоинвест Трејд“, каде веќе го нема ниту Благој Димитров, туку единствен сопственик сега е Гордана Димитрова. Впрочем, овие промени се случуваат во време кога се отвори истрага за изведба на владината фасада за 17,7 милиони евра, по која неодамна беше поднесено обвинение и против управителот на „Бауер“.
ИСТРАГА И ОБВИНЕНИЕ
Според Јавното обвинителство, обвинетиот управител на „Бауер БГ“ склучил договори за заеднички настап со 3 правни лица со цел да бидат искористени ресурсите на членовите на групата при оценување на економско финансиската состојба на понудувачот, иако немал намера истите да ги ангажира при реализацијата на договорот и изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата.
„Во понудата, и покрај тоа што бил должен согласно Законот за јавни набавки, доставил 2 подизведувачки договори со други 2 правни лица, но не и за останатите подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка. По склучување на договорот за јавна набавка, обвинетиот не постапил по договорите за заеднички настап… Со преземените дејствија, обвинетиот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 470.018.103 денари“, велат од ЈО.
Од таму додаваат дека заедно со обвинителниот акт е доставен и обвинителен предлог со кој, освен погореобвинетиот, се опфатени уште 3 лица што сториле по едно продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Во периодот од мај 2013 до крајот на октомври 2016 година, обвинетите – директор на владина служба, управител на правно лице задолжено за стручен надзор и главен надзорен инженер, поттикнати од првообвинетиот управител, нанеле значителна имотна штета на средствата на буџетот во износ од 184.015.304 денари.
„Така, подизведувачот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата, иако не поседувал лиценца за изведувач на градби од прва категорија, бил ангажиран и притоа не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор, па извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект“, информираа од Обвинителството.
НОВИ ЗАБРАНИ
И покрај тоа што управител на „Бауер БГ“ прво беше под истрага, а потоа стана и обвинет за недоследности и злоупотреби во тендерот за изведбата на владината фасада, сепак, компанијата продолжи да соработува со јавните органи. Па така, во ланската 2024 година компанијата склучила договор со Општина Брвеница за реконструкција на улица, во вредност од милион денари.
Паралелно со тоа, повеќе и повредни тендери добила поврзана „Енергоинвест трејд“, која на самиот крај на ланската 2024 година склучила договор со ЈП за државни патишта за одржување на згради и објекти во времетраење од 2 години, во вредност од 29,5 милиони денари. Компанијата го добила овој тендер како единствен понудувач, со тоа што настапиле со договор за деловно-техничка соработка со „Бауер“.
Дополнително, вреди да се напомене дека „Енергоинвест“ доставил банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите од 1,4 милиони денари од „Силк Роуд“. Меѓутоа, поради недоставување на банкарска гаранција во друг тендер, компанијата добила негативна референца, исто како што добила и сестринската „Бауер БГ“.
Официјалните податоци покажуваат дека двете компании заработиле забрана за учество на тендерски постапки со времетраење од 30.12.2024 до 30.06.2025 година, поради необезбедување на гаранција за квалитетно извршување на работите. Како што не информираа од Бирото за јавни набавки, утврдено е дека за економските оператори „Бауер БГ“ и „Енергоинвест Трејд“ е издадена негативна референца од страна на договорниот орган Општина Гази Баба.
НЕНАВРЕМЕНИ И НЕКОМПЛЕТНИ ГАРАНЦИИ
Затоа, се обративме и до Општината Гази Баба, од каде не информираа дека економскиот оператор „Бауер БГ“ како најповолен понудувач и член на група со економскиот оператор „Енергоинвест Трејд“ – носител на група, склучиле договор за јавна набавка за изградба на новопроектирана улица на 18.12.2024 година, со рок на реализација од 18 месеци од вовед во работа и рок на важност од 12 месеци.
„Согласно склучениот договор член 18 став 5 и член 25 став 1, како и согласно член 102 став 5, економскиот оператор не достави целосни банкарски гаранции. Доставените банкарски гаранции се ненавремено и некомплетни доставени. Односно, банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот и авансната банкарска гаранција беа доставени со пократок рок од утврдениот рок во договорот.
Вака доставените банкарски гаранции се неприфатливи за Комисијата, па поради тоа се одлучи договорот да се раскине еднострано и да се објави негативна референца согласно член 101 став 7 од Законот за јавни набавки, како на носителот така и на членот на групата економски оператори“, се наведува до одговорот што го добивме од Гази Баба, на чело со градоначалникот Боби Стевковски.
Врз основа на тоа, произлегува дека „Бауер БГ“ и „Енергоинвест Трејд“ во неколку наврати добиваат негативни референци, а управител на една од нив е обвинет за малверзации при тендерска постапка и реализација на договор за јавна набавка. Сепак, тоа не ги спречува компаниите да работат за време на 3 различни власти, па дури и да го задржат договорот за 5 затворени базени, иако проектот веќе доцни и сигурно ќе поскапе, а банкарската гаранција им ја обезбедил подизведувач.
БАЗЕНИ ВО КАРПОШ, КАВАДАРЦИ И ВО СТРУМИЦА?
Покрај базените во Скопје, Штип, Битола и во Кичево, се градат базени на уште 3 локации – Струмица, Кавадарци и во Карпош.
„Моментално во Карпош е во завршна фаза и се изведени 80 отсто од градежните работи, во Струмица 12 отсто, а во Кавадарци 20 отсто од градежните активности“, велат за „Фокус“ од Министерството за спорт.
МИЛИОНСКИ ДОГОВОР ПО 2 ГОДИНИ ОД ТЕНДЕРОТ
Кога се говори за „Бауер БГ“, треба да се напомене дека на 30.8.2021 година е објавен оглас за изградба на втората фаза од клучката, односно раскрсницата кај „Скупи“, „8-ми Септември“, „Никола Карев“ „Словенечка.
Поточно, овој оглас е објавен откако локалните избори се веќе распишани на 06.8.2021 година и само 2 месеци пред нивното одржување. Но, во рамки на оваа тендерска постапка, договор е склучен 2 години подоцна или дури кон преминот од 2023 кон 2024 година.
Односно, Град Скопје склучи договор за „изградба на клучка на бул.„Словенија“ – вкрстување со бул.„Никола Карев“ – втора фаза со „Бауер БГ“ во вредност од 471.760.640 денари на 28.12.2023 година. Тоа следува по комплицирана жалбена постапка, откако „Бауер“ поднел 4 жалби…
Што се однесува до првата фаза на овој проект, склучен е договор меѓу Град Скопје и струмичката „Жикол“ во вредност од 1.138.612.544 денари на 12.07.2021 година. Договорот бил со времетраење од 36 месеци, што значи дека требало да се заврши до јули 2024 година.
Но, на 23.02.2024 година е склучен анекс на овој договор со образложение дека „поради нерешени имотно правни односи се оневозможува работата на терен и е потребно продолжување на времетраењето на рокот за изведба“. Со овој анекс, рокот за реализација на договорот се поставува на 40 месеци (4 месеци плус), односно се поместува до ноември 2024 година.
На 20.06.2024 година се склучува нов анекс со образложение дека „неотстранување на физичките пречки и нерешените имотно правни односи се причина за продолжување на времетраењето на договорот“. Со овој анекс, рокот се поставува 44 месеци, односно нови 4 месеци плус, што значи дека рокот за реализација на овој договор се поместува до март 2025 година.
На 22.10.2024, пак, се склучува нов анекс со образложение дека „анексот за продолжување на времето за извршување на договорот се должи на нерешените имотно правни односи поврзани со експропријација, како и потешкотии при остварување на планираната динамика на изведба на работите…“.
Со овој анекс, рокот се поставува на 52 месеци, или 8 месеци плус, што значи дека рокот за реализација на договорот се одложува до ноември 2025 година. Тоа е последен анекс, и со ниту еден од нив не се зголемува цената на чинење на проектот, туку само се пролонгира рокот.
БЕЗ ОДГОВОР ОД КОМПАНИИТЕ
Уште пред еден месец, до „Бауер БГ“ и до „Енергоинвест Трејд“ ги испративме следниве прашања:
-Во 2021 година, Град Скопје објави оглас за изградба на клучка на улиците „Скупи“, „8-ми Септември“, „Словенечка“ и „Никола Карев“ – втора фаза. Во рамки на оваа тендерска постапка, Градот склучи договор со „Бауер БГ“ кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година во висина од 471.760.640 денари. Зошто поминал толку долг период од објавување на огласот до склучување на овој договор за јавна набавка? Дали овој договор почнал да се спроведува? Ако е така – во кој степен на реализација е договорот, т.е. проектот?
-Покрај тоа, „Бауер БГ“ во изминативе години склучи уште неколку високи договори за јавна набавка, меѓу кои за изградба на нова зграда на Агенција за храна и ветеринарство во вредност од 515 милиони денари (2021), за реконструкција на пор. објект на Комерцијална банка во вредност од 405 милиони денари (2023) итн. Дали/колку се реализирани овие договори/проекти?
-Неодамна, Јавното обвинителство информираше дека управителот на „Бауер БГ“ е осомничен во истрагата за изградба на новата фасада на владината зграда. Во која фаза е оваа истражна постапка, т.е. дали истрагата е прекината или поднесено е обвинение пред суд?
-Кон крајот на ланската 2024 година, „Бауер“ БГ добива негативна референца, односно забрана за учество на тендерски постапки во следните 6 месеци, исто како и компанијата „Енергоинвест Трејд“. Кои органи ги издале овие негативни референци и поради кои причини?
-Дали е реализиран договорот што „Енергоинвест“ го склучи со Агенцијата за млади и спорт во 2020 година за изградба на затворени базени? Ако не е реализиран, кои се причините?
Во меѓувреме, не добивме никакви одговори од компаниите, но дел од бараните информации ги обезбедивме од страна на надлежните институции.
Дали летово ќе бидат отворени петте затворени базени што се градат 5 години?